Поранешната водителка Мелита Ракичевиќ веќе, за жал, не ја гледаме на телевизиските екрани, но затоа може да ја „сретнеме“ на социјалните мрежи. Особено го привлекува вниманието со своите постирани фотографии на кои зрачи со својот сексапил и секогаш среден изглед.

Што прави Мели, со што се занимава, за што размислува, што ја радува, што ја нервира, а што сака…еве, ја носиме директно на нашите странички во ексклузивното интервју за Слободен печат.

Што значеше ланската година за тебе, на личен и на професионален план? Што научи од животната лекција – коронакриза?

– 2020 година беше година кога мој приоритет беше Барбара (ќерката на Мелита, н.з), која ми кажа дека ѝ е сон да пее, дете кое е вонсерирско, во кое вложувам многу. Година на зближување, година на промени, година на враќање на стар бизнис, препознавање на себе како една изреализирана личност која веќе точно знае што очекува и што може да добие од животот. 2020 година ме научи на она што нè научи сите – да го цениме сопственото здравје, да живееме во овој момент, да не сме материјално преоптоварени. И тоа го практикувам.

Важам за една од оние луксузни личности, со висок лајфстајл, но сум човек кој поминал сè во животот и сега сум, жена – дама, во едни убави години кога можам да си дозволам независност, од било кого, да уживам во сопствениот живот, во сите задоволства. Инаку, јас поминувам многу време во домот, „домашарка“ сум си, уживам да готвам, а домот ми е како бајка. Внимавам на секој детаљ и се радувам на секоја ситница дома.

Годината ме погодија многу загуби, од блиски луѓе, па до моето кученце кое не можам да го прежалам. Мојата душа е предобра, многу помагам и сум горда на себе. Имав многу во план други бизниси, дури и преселба надвор од Македонија, но со коронакризата сè се поремети. Плановите останаа, ќе видиме за брзо, но јас  не се гледам себеси да останам тука.

Се оддалечи од телевизиските екрани и повеќе се посвети на социјалните мрежи. Зошто се откажа од телевизиските проекти и водителската професија? А од друга страна, која е предноста на социјалните медиуми?

– Памтиме многу убави времиња, создадов многу големи проекти што мене ме изреализираа, ме обележаа, и јас сум едноставно бренд во Македонија. Тоа не може никој ни да ми го оспори ниту пак, да ме повтори. Првпат ќе кажам нешто на оваа тема: пред околу четири години, можеби и нешто повеќе, за малку ќе умрев, токму од сличен вирус каков што е денес короната. Значи, телевизиската работа има и добри и лоши страни, меѓутоа една од најлошите е што јас буквално секоја зима работев во студио – независно во која телевизија – во студија кои не беа доволно затоплени, и хронично се разболував. Така се разболев еден јануари, имав темпеатира 41, тоа беше вирус, веднаш почнав да кашлам, со голема тежина на градите, почнав да плукам крв и за три дена се чувствував толку лошо како да сум „готова да умрам“. Но, д-р Докиќ ме спаси, а бидејќи немав никаков капацитет на белите дробови, би рекла дека мојот живот му го должам на д-р Докиќ, доктор кој за мене е вонсериски. Моето опоравување беше многу тешко, никогаш не сум зборувала за тоа, мразам да изигрувам жртва, но јас едноставно имам нежно здравје и оттогаш имам последици на белите дробови. Две години бев на силна терапија и сега, овој период посебно го преживувавм, многу внимавам на себе, токму поради тоа што, ако ме фати мене коронаврисуот, ми се чини дека тешко ќе го преживеам.

Што се однесува до телевизиската работа, многу ми недостига, просто тоа е дел од мене, секаде ме препознаваат сè уште. Дури и чудно е, понекогаш, кога некој ќе ми каже: вие сте поранешната водителка! Не јас не сум поранешната! Јас сум една од оние најзапомнетите или можеби најпрепознатливите те-ве лица, кои уште многу години ќе се помнат. Не дека сум најдобра, но едноставно бев посебна. И секогаш многу се трудев да ја сакам публиката, а и публиката ме сакаше мене, и создавав топли емисии.

А, инаку, социјалните мрежи не ги доживувам како нешто специјално. Но, самата популарност, забележувам по себе, бара да треба да бидеш присутен на социјалните мрежи. Мене ми е тоа некој вид на надополнување од она што ми недостига. Од друга страна, социјалните мрежи се многу  поедноставни и полесни зашто е многу опадната гледаноста на телевизијата.

Сега би можела барем три емисии да направам зашто имам одлични теми на ум. Од дргуга страна, мојата ќерка работеше на телевизија, ја научив многу работи, обучив многу кадар и повеќето од овие девојки кои сега ги гледате се моја школа.

Што значи денес да се биде инфлуенсерка во Македонија? Се заработува ли од позирање?

– Себеси не би се нарекла инфлуенсерка. Не рекламирам многу, иаку имам реклами, правам маркетинг само за посебни, би рекла дека не сум од оние познати личности кои гледам дека се занимаваат со маркетинг на производи, иако не велам дека немам понуди. Јас пред сè, имам сопствен бизнис, сопствен бренд. Позирањето или претставувањето на она што би можела да кажам дека, на пример, го продавам, го промовирам, едноставно треба и да го „носам“, да го облечам.

И затоа луѓето на социјалните мрежи ме следат, навистина имам голема публика. Од друга страна, позната сум по тоа што како личност живеам еден убав, квалитетен живот, барем така беше пред короната. Бидејќи колку повеќе се издвојуваш, колку повеќе си ексцентричен, ќе имаш поголема публика, а јас сум таква, и не се откажувам од себе никогаш! Има една изрека – немој со главата низ ѕидот, јас на тоа велам – јас веќе оттаму поминав. Татко ми ја кажа најдобрата дефиниција за мене – да те мразат, а да ти се восхитуваат!

За кои девојки би рекла дека се твои следбенички, односно на каков тип на девојки им „вршиш влијание“?

– Девојките кои се препознаваат во мене се девојки кои сакаат да бидат посебни, кои сакаат да се издвојат од толпата. На пример, има карактерни девојки кои мојата екцентричност ја почитуваат, тоа се интелигентни девојки, а јас мразам празна убавина. Мојата ќерка секогаш ја учам дека моќта е во мозокот! Читам по три книги паралелно, и до ден денес, сакам да учам. Воедно, да кажам дека се тоа девојки кои се стремат кон посовршен начин на живот, а имаат и убавина, нормално и успешни се. Бидејќи колку би вределе ако не сме работно исполнети ?! Многу сакам да работам,   „мртов“ човек сум ако не работам.

Што најмногу ти пречи кај денешните водителки кога ќе го вклучиш телевизорот?

– Ми пречи што апсолутно не сакаат да работат на себе, што ниедна не се издвојува. Ајде, кажете ми какви емисии има освен утрински?! А да бидеш водител на утринска е почетничка работа. Каде е личниот печат, идентитет и така натаму? Тоа се едноставно девојки како од улица земени, никој не ги научил ни посоветувал ниту како да изгледаат, ниту како да се однесуваат, ништо.

Што се случи со бутикот кој го водеше? Што е со модата и Македонките?

– Имаше многу околности… Но главно, малку го запоставив зашто скоро две години постојано патував. Бев лудо вљубена и го живеев животот со полна пареа. А нормално, кога не си таму, не може да просперира, зашто луѓето ме сакаа мене и доаѓаа таму поради мене. Во секој случај, сега функционирам онлајн, имам вложено преку 100 илјади евра, така да одиме со добри цени и нè има повторно.

На каков телевизиски проект не би рекла „не“, како би изгледала денес на телевизискиот екран, и со кои теми и гости би се позанимавала?

– На моменти сакам да направам силна женска емисија во која можеби ќе ги судриме мислењата со мажите. Многу сакам такви комбинации на емоции, а од друга страна, сакам и забавни, шоу емисии, да има од сè по нешто. Ни фали расположение. Би смислила многу работи, „реалити“ секако да. Се чувствувам созреана и можам сè да водам, накусо, имам уште милион идеи!

Во последната деценија очигледно е дека вложуваш доста во својот изглед. Која е предноста, а која цената на овие вложувања?

– Во последните 10 до 15 години веќе сум одомаќината по салоните за убавина. Порано повеќе, сега толку не, но имам навика три пати неделно да одам на масажа, на вежбање, на фитнес. Но не сум опседната со тоа, туку тоа го правам само за своја душа. Тоа ако го правите на овие години, како сега, има навистина резултат. Секако и генетиката си има своја улога. Динамична сум и енергична и сè тоа ме одржува во топ форма.

Не си противник на пластичните корекции, но колку ни се неопходни и зошто ни требаат? Зошто, на пример, тебе ти требаат?

– Да…, имаше доста полемики околу тоа. На едни им пречи зошто сум имала толкава уста, порано сум имала тенка, па порано сум била поубава, ама тоа е работа на вкус! Меѓутоа, кога целиот свет оди напред, кога постојат толку начини да се подмладиме и да се освежиме, јас не разбирам за какви тоа „пластики“ зборуваат?! Тоа е проста маса која апсолутно не може да ме допре. Пластична? Дека имам уста или дека имам цел живот гради?! Сешто. Затоа имам порака до сите нив: гледајте си го сопственото огледало, а не во мене!

Да бидам против пластичната хирургија, за мене тоа е дебилно. Апсолутно дебилно. Значи, ако имаш недостаток, или ако сакаш себеси да си бидеш поубав/а, каде е тука проблемот? Дека на некој – не знам таму кој – никој и ништо во твојот живот, нема да му се допадне?! Не, апсолутно, сметам дека секој човек може да се доправи до совршенство, или барем како тој се доживува, со помош на пластични операции. Инаку, јас немам пластични операции што е и најинтересно, освен ботокс, но тоа е – луѓето сакаат да коментираат сè и сешто. Обожавам кога ќе видам средена жена. А тоа е скап спорт, да се разбереме, и треба респект за тоа.

Пред речиси деценија велеше дека нозете се твојот заштитен знак и дека би можела да ги патентираш, дали истото би го рекла и денес?

– Ако можам да кажам дека најголемите комплименти во мојот живот, и од мажи и од жени, ги добивам, значи можам да кажам дека моите нозе се – барем така велат – едни од поубавите во Македонија и пошироко. Јас сум вљубена во сопствените нозе. Тоа е кога си обдарен од мајка природа, од начин на седење до начин на движење…Сè уште добра сум на таа тема. Јас како целина функционирам супер, и добро ми е!

На каков режим на исхрана и физичка активност се придржуваш?

– Нулта крвна група сум, околу исхраната можам да кажам дека најмногу ми одговара риба, морско, сакам такви работи. Да бидам искрена, за време на карантинот малку се поправив, претходно бев навистина преслаба, и сите ми велеа – леле, леле колку си слаба,  ама тоа неодење во теретана ме чинеше. А и одлично готвам, сама измислувам рецепти. Нема нешто што не знам да зготвам. И нормално е да се поправиш, па потоа се вратив пак во форма. Конзумирам многу течности и физички сум активна, и дома вежбам секој ден, наутро, кога ќе се разбудам задолжително конзумирам лимон со јаболков оцет во вода, тоа ми е за многу добар почеток на денот. И Орбитрек, задолжително.

Твојата 16 годишна ќерка Барбара тргна по твојата патека – водителската. Што сметаш дека таа научи од тебе, а што научи ти од неа?

– Барбара е моето богатство! Таа го сними својот прв спот, деновиве ќе го сними и вториот.  Живеам за неа и цело време сум ѝ неа посветена.