Елена Пренџова е магистерка по филолошки науки, дипломирана професорка по англиски јазик и книжевност, советничка за превод на англиски и македонски јазик, коментаторка и менторка на слем-работилници, слемерка, поетеса, активистка, и да не набројуваме уште што сè нема сработено и на што сè Елена оставила свој личен белег.

Сѐ додека жената и нејзиното тело се третираат како бојно поле – феминизмот е потребен. Сѐ додека не се испишат страниците на институционализираните учебници со имињата на жените чии заслуги светот сè уште не ги признал – феминизмот е потребен. Фото Драган Митрески

Што слем поезијата НЕ е ?  

– Многу интересно прашање. Досега само ме прашувале што е слем поезија така што не сум имала простор да размислувам што слем поезијата НЕ е.

Накусо, слем поезијата не е само поезија. Слем поезијата не е ни само текст, туку и изведба. Слемот не е ни само книжевност, туку и перформанс. Слемот е сцена, ама не е театар; нема сценографија, реквизити и глума. Слемот не е само рецитирање текст напамет, ама, како што веќе споменав, не е ни глума. Токму затоа е тешко човек да се занимава со слем, оти слемот е флуиден и мора постојано да се одржува балансот да не премине во некоја од своите сродни категории. Слемот не е само перформативна поезија, ниту само стендап, ниту само активизам, а ги обединува и перформансот, и хуморот и критичкото делување во општеството. Слемот не е агресивен, како што некои го доживуваат, туку страствен. Слемот не е поетесата изведувачка или поетот изведувач, туку публиката. Слемот не е мода, туку потреба.

Меѓу бројните проекти за годинава во твојата деловна биографија е и „Слемираме низ скопските маала“. Самото име на проектот ветува многу, како ќе се слемира низ скопските маала и кое скопско маало тебе ти е најдраго?

– „Слемираме низ скопските маала“ е авторски проект составен од три работилници: работилница за креативно пишување – пишување слем-поезија, работилница за сценски настап – слем-изведба и работилница за самоснимање слем-видео. Целта на работилниците е младите да делуваат ангажирано и активистички и преку слем поезиајта да ги претстават проблемите и/или добрите страни на маалата во кои живеат и да дадат можни решенија за подобрување на маалскиот соживот. Потоа снимените видеа ќе кружат по социјалните медиуми. Повеќе детали наскоро на: https://prendzovaproekti.wixsite.com/slemvoskopje.

Инаку, родена сум во Скопје и израсната сум во дури 4 центарски и околуцентарски маала, а најдраги маала ми се оние од најраното детство – Чаир и Карпош. Знаете, како анегдотата со дедото кога внукот го прашал која деценија е најдобра за живеење, а дедото му одговорил „Дефинитивно четириесеттите години на минатиот век“, при што внукот зачудено му одговорил „Како четириесеттите?! Па тогаш била Втората светска војна!“, на што дедото му рекол „Да, ама јас тогаш бев млад“.

Инаку, и покрај тоа што лани беше тешка година поради пандемијата, беше и многу плодна деловна година. Со финансиска поддршка на Град Скопје и во соработка со Установата од областа на културата Културно-социјалниот простор Центар-Јадро и Музејот на современата уметност во Скопје, заедно со архитектот Јане Стојаноски ги реализиравме креативно-едукативните работилници за цртеж и креативно пишување „Скопска архитектура што инспирира поезија“ на кои младите се запознаа со значајната скопска архитектура подлабоко од нејзината појавност и истата им послужи како инспирација за пишување авторска поезија. Нивниот труд резултираше во испечатени разгледници со нивните авторски цртежи и куси песни хаику, хаинаку, превртено хаинаку, американско хаику, танка, сенрју, лун и сомонка. Нивните дела може да се прочитаат на:  https://arhipoezija.wixsite.com/skopje2020/uchesnici. Разгледниците ги делиме бесплатно, сите заинтересирани може да ни пишат на: https://www.facebook.com/arhipoezija.

Исто така со финансиска поддршка на Град Скопје и во организација на Домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје, заедно со поетесата Ирена Јурчева и ГИС-инженерот и геодет Мартин Цветковски ја реализиравме креативно-едукативната работилница по основи на картографијата и креативното пишување „Да ги доближиме природните и техничките науки до младите: Забавна картографија“ на која децата се запознаа со основите на картографијата, народните гатанки и асоцијациите. Како финални производи на работилницата ги имаме детските цртежи-мапи на Зоолошката градина во Скопје кои може да се погледнат на: https://prendzovaproekti.wixsite.com/zabavnakartografija/цртежи.

Во најава се и две други работилници кои ќе се одржат оваа година, и двете со финансиска поддршка на Град Скопје: креативно-едукативнaта работилница за слем-поезија „Слем за животот во Скопје“ во организација на Домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје, заедно со слемерите Игор Трпчески и Перо Сарџоски на која ќе се работат сите аспекти на слем-поезијата – пишување (повеќе детали наскоро на: https://prendzovaproekti.wixsite.com/slemzaskopje), интерпретација и снимање и едукативно-креативната работилница „Осовременувајќи ја Сирма Војвода во урбан контекст“, заедно со историчарот Славчо Ковилоски на која младите подетално ќе се запознаат со ликот, делото и културолошкото значење на Сирма Војвода, а стекнатото знаење ќе им послужи како инспирација за пишување авторска поезија. Детали во врска со овие работилници наскоро ќе има на:  https://prendzovaproekti.wixsite.com/sirmavojvoda.

Кога сме кај маалата, што мислиш – што му недостига на денешно Скопје?

– Сметам дека на денешно Скопје му недостига урбанистичкиот план на Кензо Танге и флуидноста на Заха Хадид!

Танге е еден од т.н. метаболист(к)и, припаднички и припадници на архитектонското движење од шеесетите години на минатиот век што се јавило во Јапонија. Метаболист(к)ите градот го сфаќаат како интегрален организам и зградите и градот ги гледаат како една нераскинлива целина. Чувствувам дека на Скопје му недостасува токму тоа – да функционира како единствен организам и да при/рас-кажува цела приказна.

Покрај урбанистичкиот план на Кензо Танге ми недостасува и флуидноста на Заха Хадид. Нејзината експресионистичка и футуристичка архитектура целосно ги деконструира и реконтекстуализира формата и просторот чие основно начело е флуидноста. Во нејзините згради се чувствува како просторот да тече низ нив и токму таков проток му недостасува на Скопје – потребно е градот да дише. Наместо тоа, Скопје е зачепен, затнат, застоен град без проток. За жал, оваа негова карактеристика се огледува во секој аспект на градот: агресивниот и насилнички сообраќаен метеж, јавните простори за движење и рекреација пренатрупани со луѓе со траектории на хаотично движење како електорни во загреан елемент, збиените згради расeани низ просторот, згуснатата магла и загадениот воздуж опасен по здравјето…

Покрај тоа, на Скопје му фалат и граѓан(к)и – луѓе со умешност за градски живот и свесност за урбан соживот.

На Скопје му фалат граѓан(к)и – луѓе со умешност за градски живот и свесност за урбан соживот.

Колку слем поезијата е актуелна меѓу помладата генерација на девојки?

– Поради својата природа како интердисциплинарна уметност, слем поезијата тесно се врзува со активизмот и критичната општествена ангажираност, кои, пак, по линија на „бунтовната младост“ се поврзуваат со помладата генерација. Сепак, во својата природа, слемот е демократски и инклузивен и се заложува за слобода на говор, што подразбира дека не дискриминира по никој основ, а секако и не по возраст и пол и род. Многумина го доживуваат слемот како агресивен начин на интерперетација на авторски текстови, со што лично не се согласувам, можеби повеќе би го употребила терминот „со интензитетен емоционален набој“. Сепак, што се однесува до возраста, на традиционалниот Национален слем натпревар во Прилеп најмладата учесничка беше основка, а највозрасната пензионерка. И сите секогаш имале рамноправни шанси за победа. Што се однесува до полот/родот, можам да кажам дека учеството на жени и мажи е скоро подеднакво (оти, нели, нема совршена процентуална еднаквост). Следува дека слем поезијата е актуелна – точка. Во контекст на прашањето за т.н. „женски слем“ или, поточно, како што на Запад се нарекува „фем-слем“, македонската слем сцена има познати, актуелни, континуирано присутни и активни слемерки со изразити настапи со „женски“ сензибилитет и текстови напишани во женско писмо и сите припаѓаат на различни генерации. Би ги споменала Цветанка Колева од Кавадарци која најчесто пишува од аспектот на, како што таа самата вели „мажена жена“, Габриела Стојаноска-Станоеска од Прилеп која пишува со својата мајчинска грижа за светот и Марија Грубор од Велес во чии стихови прозвучува активизмот и бесот на родово освестена млада жена.

Имаме ли книжевно образована публика?

– Во есејот „За книжевната уметност и книжевната продукција или што значи да се биде поет/поетеса“ од збирката есеи за поезијата „Мини прирачник за поезија“ од 2017 година, инспирирана од разговор со филмскиот режисер Дејан Џолев, кој прави разлика меѓу филмската уметност и филмската продукција, пишувам за разликата меѓу книжевната уметност, која се занимава со „пријатниот збор“ и книжевната продукција, која се интересира за „пријатноста на заработката“. Во есејот „Читатели/ки. Публика. Читателска публика.“ од истата книга правам разлика и меѓу читатели и читателки и читателска публика. Првите, читателите и читателките, се всушност книжевно образованата „публика“, или како што ги нарекува Умберто Еко – компетентен/компетентна читател/ка. Во Македонија, како и секаде другаде, постојат книжевно образовани читатели и читателки, но за жал, како и секаде другаде, се помалкубројни од читателската публика што чита исклучиво од забава и мода.

„Јавна соба“ е сирена пуштена на најјако која го вреска фактот дека „нешто е труло“ во земјава, а тоа е патријархатот што ги јаде своите чеда откако претходно „добро“ ќе ги испасира.

Знаеме и дека активизмот ти е силна страна, што според тебе, ѝ недостига на денешната македонска жена и зошто ни е феминизмот потребен?  

– На денешната македонска жена ѝ недостига маж со небалкански ментален склоп (или она што другар ми Виктор на шега знае да го каже како „хомо балканикус“) во функција на брат, пријател, син, татко, сопруг, сосед, минувач, шеф, соработник, колега, политичар… Мислам дека младите современи мајки, во духот на времето, се поосвестени од своите мајки и генерациите пред нив, на пример, и самите си ги растат своите синови освестено. Познатиот српски невропсихијатар и книжевник Владета Јеротиќ вели дека во Србија, а тоа секако се проектира и сиот екс-југословенски простор, токму поради однесувањето на мажите се јавува незадоволство кај жените во бракот кои потоа, немоќни да се справат со своите сопрузи, проектираат на своите синови. А синовите најчесто се однесуваат сценариски, односно по „сценариото“ на однесување на татковците, како фигура на идентификација од истиот пол со опшетствено стереотипно однесување на соодветниот машки род, а притоа остануваат инфантилно зависни од мајките. И ако ваквите семејни динамики се силно изразени, постои опасност да преминат во патологија. И тогаш невестата станува „сурогат мајка“ (како што ја нарекувам во слем-песната „Драга Вулф“) на младоженецот затоа што младоженецот, иако возрасен, образован, вработен, всушност е неспремен за вештината за основно преживување – приготвување топол оброк, одржување чистота во живеалиштето и лична хигиена што ги надминува вештините на туширање и дотерување; а свекрвата станува непријателка на снаата, по логиката дека ако таа немала добар брак, нема да има ни „дојдената“ девојка. Ваквото однесување станува „генетски код“ на балканските народи и, за жал, отстапките се изолирани случаи кои тешко и бавно ја менуваат генералната слика. Навлегов малку во психологија, стручните лица ќе објаснат многу подобро, но она што предмалку го наведов е во функција на мојот одговор – дека за родово сензитивен и рамноправен свет потребни се освестени лица од обата пола. Алармантно опасно е колку е токсичен балканскиот мачосељачизам и глобалниот инстаграм квазибарбизам за менталното здравје на нацијата и соживотот на половите и родовите.

Исто така, сметам дека по случајот „Јавна соба“, и уште повеќе, по начинот на кој машките и мачоизираните надлежни органи НЕ се справуваат со овој случај, кристално јасно ни е зошто феминизмот ни е потребен. „Јавна соба“ е сирена пуштена на најјако која го вреска фактот дека „нешто е труло“ во земјава, а тоа е патријархатот што ги јаде своите чеда откако претходно „добро“ ќе ги испасира.

А и не само тоа, сѐ додека постои држава во светот каде силувањето не е криминал – феминизмот е потребен. И потоа ќе е потребен. Сѐ додека жената и нејзиното тело се третираат како бојно поле – феминизмот е потребен. И потоа. Сѐ додека не се испишат страниците на институционализираните учебници со имињата на жените чии заслуги светот сè уште не ги признал – феминизмот е потребен. И потоа! Современото институционализирано образование е подеднакво патријархално и сексистичко како и општеството. Нѐ учат кој го создал првиот компјутер – маж, но не и кој/а го објавил/а првиот компјутерски алгоритам и кој/а е еден/една од првите компјутерски програмер(к)и – жена. Знаеме кој го создаде интернетот и Фејсбук – мажи, но не и кој/а ја создал/а вај-фај мрежата – жена. Знаеме кој го создал првиот автомобил – маж, но не и кој/а ги создал/а бришачите на автомобилот – жена. Знаеме кој е првиот човек во вселената – маж, но немаме поим кој/а е најмладиот/најмладата астронаут/ка кој/а само на 19 години одлета во вселената – жена. Имињата нема да ви ги кажам, изгуглајте ги. Па ќе видите како и Гугл е „приглупав“ кога станува збор за податоци и информации за жени, а притоа тие податоци и информации не се голи фотографии, козметика и сексистички и мизогино навредливи и омаловажувачки текстови.

Фотографија – Драган Митрески