Фреквентноста на посета на нашите ординации заради стравот кај пациентите од ковид-19 е значително намалена, а и затворените граници го направија своето, вели стоматологот Караманов.
Дали епидемијата на коронавирусот значително го смени системот на работа на стоматолошките ординации?
– Стоматолошките ординации се дел од здравствениот систем, кои заради спецификата на интервенциите што се изведуваат, како и заради фреквентноста на пациенти, и во нормални услови функционираат со запазување на високи стандарди на хигиена во сите простории на ординациите, како и асептични услови на работното место и работното поле. Користењето стерилни инструменти, носењето заштитна опрема на персоналот од кој поголемиот дел е за еднократна употреба, редовното дезинфицирање на работните површини и уште бројни мерки, се составен дел на работата во стоматолошките ординации и во нормални услови. Нормално, со појавата на пандемијата, сите овие мерки се засилија, но се воведоа и нови, со кои сигурноста на пациентот се трудиме да биде максимална.
Поради опасност од пренесување на ковид-19, дали на средбата стоматолог-пациент ѝ давате третман на средба со потенцијално заразено лице? Во тој контекст, спроведувате ли и вие своевидна епидемиолошка анкета кога пацеинтот ќе побара да ја посети вашата ординација?
– Да, земајќи ја предвид спецификата на вирусот, неговата висока контагиозност, разновидноста на клиничките симптоми, во тој контекст и асимптоматските случаи, контактот со нашите пациенти го сметаме како потенцијален контакт со заразено лице. Затоа, дел од земањето на анамнезата започнува уште со телефонското закажување, кога со кратко интервју се запознаваме со проблемот на пациентот, како и со неговата општа здравствена состојба и состојбата на неговото семејство. Во самата ординација, после мерењето на телесната температура, миење и дезинфекција на рацете, пациентот го пополнува унифицираниот епидемиолошки прашалник, од кој подетално се запознаваме за здравствената состојба на пациентот и неговите контакти. Сакам да ја потенцирам и изразам мојата огромна благодарност до нашите пациенти, кои покажаа навистина висока здравствена и општествана свест и навреме алармираа за промените на нивната лична здравствена состојба, состојбата на нивните најблиски и ризичните контакти што ги имале во нивното секојдневие и на тој начин придонесоа и за заштита на нашето здравје.
Како се заштитувате и како ги заштитувате пациентите од ризикот од евентуална зараза, имате ли воведено некакви интерни протоколи за подобрување на безбедноста на пациентот и на персоналот во стоматолошката ординација?
– Во секој случај се трудиме максимално да го заштитиме и нашето и здравјето на нашите пациенти. Чести проветрувања на ординациите, „кварцање“ на просториите, задолжително носење заштитни маски за целиот персонал и сите останати придружни лица на пациентите, почитување на минималното дозволено растојание во чекалните, често пребришување на прекинувачите, кваките и сите останати површини со кои пациентите доаѓаат во непосреден допир и многу други слични постапки, се дел од нашето секојдневно вложување напори да придонесеме за спречување на ширењето на пандемијата.
Стоматолошките проблеми ретко се животозагрозувачки, но болката е болка. Дали пациентите со тек на времето што го живееме во пандемија веќе се ослободија од стравот дека ако посетат стоматолот, најдобро е при интервенцијата да не се користи турбина, бидејќи преку неа ширењето на аеросоли е најголемо?
– Периодот кога бевме целосно затворени (два месеци), ни покажа дека болките кои многу често знаат да бидат и многу интензивни, сепак, може со добро земена анамнеза по телефон, ординирање на соодветни медикаменти, трпеливост на самиот пациент, да се изменаџираат и смират до границите на една подносливост. Во тој контекст и сега, кога редовно работиме, пациентите кои влегуваат во ризичните групи добиваат соодветен третман на нивните проблеми со цел делумно санирање на состојбата, чекајќи го стивнувањето на пандемијата. Инаку, произведувањето на аеросоли од нашите инструменти и во релевантни научни трудови е сместено во категоријата на повисоко ризични медицински интервенции заедно со сите хируршки интервенции, трахеотомија, гастроскопија, колоноскопија и други, но овде ризикот е поголем за самиот медицински персонал. Сакам да истакнам дека во текот на оваа пандемија, додека кластерите можеа да се контролираат и следат, сепак, имавме среќа да нема ниту еден стоматолошки кластер, што е потврда на целиот наш систем дека протоколите беа и сè уште целосно се спроведуваат.
Стоматологијата беше една од дејностите која запре со работа во првиот бран на ковид-19. Дали, генерално, тоа сериозно ја погоди вашата фела или брзо се случи заздравувањето откако одреден период приватните стоматолошки ординации мораа да стават клуч на врата?
– Како што веќе спомнав, стоматолошките ординации беа целосно затворени цели два месеци. Како и секоја приватна дејност, јасно е дека нашиот приход во тоа време беше нула, а расходот дури и се зголеми со доопремување на нашите ординации со дополнителна опрема за еднократна употреба и дополнителни средства за дезинфекција, кои пак, од друга страна значително поскапеа. Само, за пример, би ги земал заштитните ракавици, кои најмногу се трошат кај нас, чија цена е за 250 до 300 отсто поголема. Како ПЗУ влеговме во помошта која Владата ја додели на правните субјекти. Треба да се истакне дека и фреквентноста на посета на нашите ординации заради стравот кај пациентите е значително намалена, а и затворените граници го направија своето. Сепак, искрено се надевам дека нема затворени ординации или пак нивниот број е многу мал.
Дали досега во вашата ординација сте имале пациент со симптоми на коронавирусот, кој поради итноста на состојбата сте морале да го лекувате?
– Не, во нашата ординација досега сме немале пациент позитивен на ковид-19 на кој сме морале да интервенираме, но и да се појави потреба, по исцрпување на сите можности за медикаментозно санирање на проблемот, ќе интервенираме по посебен протокол за работа со лице заразено со вирусот, нормално со целосна заштита на останатите пациенти, што подразбира посебно време на закажување на истиот, и се разбира целосна заштита на нас самите.