Доктор Рада М. Грубовиќ Растворцева, специјалист трансфузиолог, супспецијалист хематолог и раководител на Институтот за трансфузиона медицина – Скопје, која во време на пандемијата со кризата со ковид-19 професионално мошне активно е соочена со здравствените предизвици од неа, вели дека најголем дел од лекуваните случаи со конвалесцентна плазма имаат позитивен исход и истакнува дека таа и колегите од нејзината матична клиника се многу среќни кога дознаваат дека по третманот во лекувањето со плазма, состојбата на пациентот се подобрила. Сепак, додава доктор Грубовиќ Растворцева, треба да се почекаат официјалните резултати од нивната клиничка студија која е регистрирана во СЗО.
Доктор Грубовиќ Растворцева, која воедно е и претседател на Здружението на трансфузиолози на РСМ, нагласува дека заинтересираните донори на конвалесцентна плазма можат да ги добијат потребните информации на веб-сајтот на Институтот за трансфузиона медицина на РСМ, како и да се пријават на формуларот на http://itm.org.mk/да-го-победиме-covid-19-дарувај-плазма-спаси/
Во отсуство на терапија конкретно таргетирана за ковид-19, и кај нас има и обиди, но и позитивни искуства дека се спасуваат животи на сериозно болни пациенти со трансфузија на крвна плазма на оние кои веќе се опоравиле од коронавирусот. Што мислите за овој вид третман?
– Ковид-19 пандемијата е сигнификантна закана за јавното здравје заради рапидната прогресија на болеста, која се прошири во 213 држави во светот со преку 77 милиони заболени. Сè уште не постои потврден лек за лекување на ковид-19 и постои голема веројатност дека конвалесцентната плазма, која содржи антитела кон SARS-CoV-2 (причинител на ковид-19) може да биде ветувачки пристап во третманот на пациенти со ковид-19. Конвалесцентната плазма е плазма што е добиена од индивидуа која се излекувала од инфекцијата и развила антитела. Употребата на конвaлесцентната плазма датира уште од 1890-те години и била единствената опција за третман на различни инфективни заболувања пред развојот на антимикробната терапија во 1940-те години. Претходните епидемии, како што се инфлуенцата H1N1, MERS-CoV и SARS-CoV-1, покажаa дека конвалесцентната плазма содржи неутрализирачки антитела кон релевантниот вирус. И кај SARS-CoV-2, претпоставениот механизам на дејство е неутрализација на вирусот. Земајќи ги предвид прелиминарните податоци за можниот бенефит на ковид-19 конвалесцентната плазмата со релативниот недостаток на тераписки опции за тешки форми на болеста, терапијата со AБO компатибилна ковид-19 конвалесцентна плазма кај овие пациенти може да биде ефикасна и да го олесни лекувањето на пациентите болни од ковид-19.
Во глобални размери, каде прво се јави идејата за донирање и употреба на конвалесцентна плазма во однос на лекувањето на пациентите со ковид-19?
– Со оглед на тоа што пандемијата предизвикана од коронавирусот започна во Кина, прво таму започнаа со употреба на конвалесцентна плазма во лекувањето на пациентите заболени од ковид-19. Веднаш по Кина започнаа со дарување и употреба на ковид-19 конвалесцентна плазма во САД, а потоа како што пандемијата се ширеше на сите континенти, така и лекувањето на ковид-19 со конвалесцентна плазма започна речиси насекаде.
Јас и колегата д-р Седула Усеини дојдовме до идеја да почнеме со колекционирање и употреба на конвалесцентна плазма кај нас. Ги консултиравме колегите од САД, д-р Бет Шаз, претседател на Американската асоцијација на крвни банки и д-р Мајкл Џојнер од клиниката „Мајо“, раководител на Американската програма за широка употреба на конвалесцентна плазма, кои ни помогнаа да го подготвиме нашиот протокол за работа. Во Македонија ова е првпат да се употребува конвалесцентната плазма и навистина сме горди што можеме на пациентите да им ја обезбедиме оваа опција за лекување, како и во најразвиените држави во светот. Нашата клиничка студија, одобрена од Етичката комисија и Министерството за здравство на РСМ, е регистрирана во Светската здравствена организација и Националниот институт за здравје на САД (најголемата светска база на клинички истраживања) и е прва македонска студија регистрирана таму од почетокот на пандемијата со ковид-19.
Кој може да биде дарител на конвалесцентна плазма, затоа што веројатно постојат лимитирачки критериуми според кои секој излекуван од коронавирус, не може да дарува плазма на заболен од ковид-19? Зошто некои од донорите се одбиени?
– Конвалесцентна плазма може да дарувaат лицa кои оздравеле од ковид-19, ако ги исполнуваат стандардните услови за дарување крв, како и дополнителните критериуми:
1. Да имaаат документиран лабораториски доказ дека биле болни од ковид-19.
а. Дијагностички тест – позитивен РТ-ПЦР тест или позитивен тест за анти–SARS-CoV-2 антитела, без разлика дали имале симптоми или биле асимптоматски.
б. Позитивен серолошки тест за анти–SARS-CoV-2 антитела по оздравување (IgG), доколку не било спроведено дијагностичко тестирање.
2. Минимум 28 дена пред дарување по комплетно повлекување на сите симптоми или по завршувањето на изолацијата.
3. Или по комплетно повлекување на сите симптоми минимум 21 ден пред дарување е потребно: негативен ПЦР тест и позитивен серолошки тест за IgG анти – SARS-CoV-2 антитела.
На дарителите кои ќе се пријават им се прават дополнителни испитувања, како што се: ПЦР тест за ковид-19, концентрација на анти-SARS-CoV-2 антитела, крвна слика и биохемиски анализи, доколку се работи за припаднички од женски пол кои претходно биле бремени се прави дополнителна анализа анти-ХЛА антитела, се определува крвна група и РхД фактор и маркери на со трансфузија преносливи инфекции. Сакам да напоменам дека сите испитувања се бесплатни за потенцијалните дарители.
Ретко кој ги исполнува сите услови и заради тоа иако има голем број пријавени и оздравени лица, бројот на лицата што дарувале е помал. Што се однесува до причините за одбивање, најчеста причина е недоволната концентрација на анти-SARS-CoV-2 антитела, поретко заради присуство на некоја хронична болест.
Досега преку 500 дарители дарувале конвалесцентна плазма и ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на сите досегашни дарители на конвалесцентна плазма, како и на редовните крводарители и дарители на тромбоцити за искажаната голема хуманост, алтруизам и добра волја да им се помогне на болните и повредените и да се победи ковид-19.
Сите заинтересирани донори на конвалесцентна плазма можат да ги добијат потребните информации на веб-сајтот на Институтот за трансфузиона медицина на РСМ, како и да се пријават на формуларот на http://itm.org.mk/да-го-победиме-covid-19-дарувај-плазма-спаси/
Што покажуваат вашите искуства како трансфузиолог, како и искуствата на Институтот за трансфузиона медицина во лекувањето со конвалесцентна плазма?
– Досега се третирани повеќе од 400 пациенти со конвалесцентна плазма во нашата држава и искуствата се во голема мера позитивни. И јас и колегите сме многу среќни кога ќе добиеме повратна информација дека по давањето на конвалесцентната плазма состојбата на пациентот се подобрила, но сепак ќе ги почекаме официјалните резултати од нашата клиничка студија.
Според искуства на колегите од САД каде што се третирани со конвалесцентна плазма повеќе од 100.000 пациенти, ковид-19 конвалесцентната плазма е единствената терапија во лекувањето на ковид-19 досега, која е асоцирана со голема редукција во морталитетот доколку се даде пред пациентот да дојде во единица за интензивно лекување.
Доц. д-р Рада М. Грубовиќ Растворцева,
специјалист трансфузиолог супспецијалист хематолог
Раководител на Институт за трансфузиона медицина – Скопје
Претседател на Здружение на трансфузиолози на РМ