Светлана ВУКЧЕВИЌ
Оваа година се смета и за година на кршење на работничките права. Невладините организации и синдикатите почесто од порано алармираат за разни повреди на трудовата регулатива – од намалување на платите, делење откази, па до непочитување на протоколите на работните места и при организираниот превоз на работниците. Како ова го чувствувате во Инспекторатот, односно дали и за колку ви е зголемен обемот на работа?
-Не би се согласила во целост со Вашата констатација дека оваа година е година на кршење на работничките права за што истото ќе го поткрепам и со факти кои произлегуваат од извршената анализа на податоците од годишните извештаи за извештајниот период на инспекторите за 2018 и 2019 година и компарацијата на истите со податоците за извештајниот период од почетокот на пандемијата. Податоците со кои располага Државниот инспекторат за труд, покажуваат дека од почетокот на годината, односно од јануари до декември 2020 година Државниот инспекторат за труд, изврши 29.547 инспекциски надзори од кои со појавата на пандемијата од 13 март 2020 до 18 декември 2020 година извршени се 21.031 вонредни инспекциски надзори. Овие надзори се направени врз основа на пријави за непочитување на правата од работен однос, безбедност и здравје при работа, како и протоколите за работа донесени од страна на Владата, а со цел спречување на ширење на корона вирусот.
До Државниот инспекторат за труд во овој период, во Кол Центарот ( кој работи од понеделник до петок од 8,30 до 16,30), на веб страната на Инспекторатот dit.gov.mk, каде граѓаните можат да се обратат 24/7, како и на телефоните во Инспекторатот 02/3116 – 110 и 02/3296-310, поднесени се вкупно 5.594 пријави од кои 3.585 пријави се однесуваат за непочитување на мерките донесени од страна на Владата со цел спречување и ширење на вирусот и 2.009 пријави преку кои граѓаните побараа одредени информации за права од работен однос или за мерките кои беа донесени од страна на Владата.
Ако направиме споредба на состојбата во 2020 со претходните две години (2019 и 2018), податоците покажуваат дека во 2018 извршени се 30.814 надзори изречени се 8.128 мерки, а во 2019 извршени се вкупно 23.821 надзори и изречени се 5.780 мерки. Овие податоци покажуваат дека во 2020 година немаме поголеми отстапувања во бројот на извршените надзори ниту во изречените мерки и изречените глоби. Разликата помеѓу овие три години е што во 2020 година со прогласувањето на пандемијата зголемен е бројот на вонредните инспекциски надзори со цел да се постигне поголема усогласеност кај правните субјекти во делот на почитувањето на мерките и препораките на Владата заради заштита од ширење на зараза од ковид-19, а со тоа и овозможување на безбедни услови на работа на работниците во услови на пандемија.
Перцепцијата дека оваа година е година на поголеми прекршувања на работничките права е добиена во јавноста од причини што пандемијата во целост го промени начинот на функционирање и одвивање на работните процеси кај работодавачите а тоа директно се рефлектираше и врз правата на работниците, со тоа што во овој период на дел од работниците не им беа продолжени договорите за вработување склучени на определено време за дефиниран временски период и тоа најчесто од деловни причини (намален обем на работа, намален пласман и дотур на репроматеријали, затворени граници и сл.) а исто така беа изречени и спогодбени откажувања на договорите за вработувања.
Сакам да напомнам дека Државниот инспекторат за труд изрече инспекциски мерки во сите случаи каде имаше незаконит престанок на работниот однос и работниците беа вратени на работа со што беа заштитени работничките права утврдени со закон.
Како инспекторат будно ја следиме состојбата со корона вирусот, од аспект на нашите надлежности. Од ноември 2020 година со измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, ДИТ доби нови надлежности да постапува и согласно одредбите на овој закон, а исто така постапуваме и согласно Одлуката на Влада за превентивни мерки и препораки за заштита од КОВИД 19 и Протоколот за превентивни мерки за сите работни места.
Постапуваме по сите пријави кои пристигнуваат до инспекторатот од страна на граѓаните, граѓанските организации и синдикатот. Со граѓанските организации и со синдикатот имаме одлична соработка. На иницијатива на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, веќе втор месец, секоја среда одржуваме онлајн координативен состанок со претставници на граѓански организации кои дават бесплатна правна помош за правата од работен однос, со Синдикатот и Инспекциски совет. На овие состаноци разговараме за состојбата со работничките права во услови на пандемија, за сите неправилности за кои тие имаат сознанија и преземените активности од страна на Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд. Ваквите состаноци покажаа дека се одличен начин за уште подобра координација и меѓусебно информирање на сите засегнати страни во унапредувањето и заштитата на работничките права.
На што најмногу се жалат работниците, какви прекршувања на законите најчесто откривате при вашите контроли, што преземате и какви се резултатите?
-Државниот инспекторат за труд при извршените 29.547 инспекциски надзори, од јануари до декември има донесено вкупно 5.307 решенија за утврдени неправилности, за што издадени се 175 прекршочни платни налози од кои 15 се однесуваат за непочитување на Протоколот за превентивни мерки за сите работни места. Исто така поднесени се 50 барања за поведување на прекршочна постапка и 11 кривични пријави.
Најчесто прекршоците се однесуваат за исплата на плати и додатоци на плата (прекувремена работа, додаток за минат труд), исплата на плата во износ помал од утврдената минимална плата, откази на договорите за вработување, непостоење на евиденција на работното време, прекршоци во согласност со Законот за безбедност и здравје при работа – систематски лекарски прегледи за вработените, обуки за безбедности и здравје при работа, проценка на ризик, како и врз основа на Законот за заштита на населението од заразни болести -не истакнување на промотивен материјал за носење на заштитни маски на лицето, не се врши дезинфекција, нема поставено информација за спречување на ширење на ковид-19, необезбедување на канти за отпадоци со капак и хартиени марамчиња, како и непочитување на мерките за спречување на ширење на корона вирусот согласно Протоколот за превентивни мерки за сите работни места.
При инспекциските надзори, кога се утврдуваат неправилности, инспекторот издава Решение со кое се опоменува работодавачот да ги отстрани утврдените неправилности во определениот рок утврден во донесеното решение и за тоа писмено да го извести инспекторот. Доколку во утврдениот рок, инспекторот не добие известување се врши контролен инспекциски надзор и врз основа на утврдената состојба односно доколку работодавачот не постапил по предметното решение се издава прекршочен платен налог со утврдена глоба и се поведува прекршочна постапка или се поднесува кривична пријава до основно јавно обвинителство, зависно од тежината на сторениот прекршок.
Речиси сите Инспекторати се жалат дека имаат недостаток на кадар. Каква е состојбата во Трудовиот инспекторат? Дали се најавени кадровски зајакнувања?
-Моменталната состојба на вработени во Државниот инспекторат за труд е 194 вработени лица, од кои 80 вработени во делот на администрација и 114 вработени во инспекциската служба и тоа 77 инспектори од областа на работните односи и 37 инспектори од областа на безбедност и здравје при работа. Во моментот има активен оглас за вработување на двајца советници инспектори (еден за работни односи и еден за безбедност и здравје при работа). Бројот на вработени во инспекцискиот дел ни оддалеку не задоволува со оглед на бројот на правните субјекти кои се предмет на контрола и надзор на ДИТ, како во областа РО така и во областа на БЗР. Верувам дека овие состојби во 2021 година во дел ке се надминат пред се со нови вработување на млади и компетентни кадри кои ќе можат да се надградат со потребните вештини и знаења за извршување на инспекциската работа за што имаме и поттик и безрезервна поддршката од Владата.
Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска најави дека заедно ќе вршите детален претрес во фирмите кои земале државна помош, а не исплатиле плати на вработените. Кој ќе биде вашиот дел од работата?
На 21 декември 2020 започнавме со координираните инспекциски надзори заедно со инспекторите од Управата за јавни приходи, кај правните субјекти кои го искористиле правото на финансиска поддршка од државата, а доделените средства не ги исплатиле за плати на вработените што беше и смислата и целта на таа помош. Инспекторите за труд ќе вршат инспекциски надзори кај овие правни субјекти во делот на исплата на плати и придонеси од плата согласно законските надлежности утврдени во ЗРО и ќе ја констатираат на записник состојбата. Во оние правни субјекти во кои ќе се утврдат неправилности при инспекцискиот надзор ќе се донесе инспекциска мерка со која работодавачот ке биде задолжен да ја исплати платата на работниците. ДИТ и УЈП планираат и во јануари 2021 да продолжат со интензивни надзори кај овие правни субјекти-фирми кои зеле државна помош, а исплатиле плати во износ помал од износот на државната помош. Од сите овие преземени активности, заедно со директорката на Управата за јавни приходи ќе ја информираме јавноста штом бидат изготвени извештаите од инспекциските надзори.
Од работодавците и синдикатите како потписници на Колективниот договор побаравте толкување која е најниската сума што може да се исплати како К-15. Дали добивте одговор и кои ќе бидат вашите активности по истекот на рокот за исплата на овој регрес?
-Со цел правилна и единствена примена на членот 35, став 1, точка 7 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, Државниот инспекторат за труд на 11 декември 2020 година достави барање за толкување до надлежната Комисија за толкување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Од страна на надлежната Комисија на 18 Декември 2020 година, беше доставен одговор. Во однос на прашањето за минималниот износ што може да се исплати како К-15, во одговорот е посочено дека согласно Спогодбата за изменување на Општиот колективен договор објавена во „Сл. Весник“ на РМ бр.119/15 од 14 јули 2015 година кај работодавачот кај кој настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со Општиот колективен договор. Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат, спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците.
Законскиот рок за исплата на К-15 истекува со 31.12.2020 година со што Државниот инспекторат за труд ќе ги интензивира инспекциските надзори по овој основ и ке постапува со приоритет и особено внимание по сите добиени претставки од подносителите со цел работодавачите да ја исполнат својата обврска кон работниците.
И пред оваа кризна година редовно имаше многу заобиколувања на регулативата за К-15, како на пример неисплата или исплата на минимални суми од само 100 денари, потоа префрлување на парите на сметките на работниците со обврска тие да му ги вратат на газдата. Има ли досега изречени казни за ваквите злоупотреби?
Општиот колективен договор не го пропишува минималниот износ на исплата на регресот за годишен одмор, туку во случај на економско финансиски тешкотии на работодавачот, дава можност за преговори на претставниците на синдикатот на ниво на гранка односно оддел со работодавачот за дефинирање на износот кој треба да се исплати на име регрес за годишен одмор – К-15, за што се потпишува спогодба. При вршењето на надзори, инспекторите вршат увид во спогодбата и утврдуваат дали истата се почитувала. Во случај кога нема синдикат тогаш таква спогодба се потпишува со избран претставник на работниците, за што при надзорите се бара на увид постапката за избор на претставник на работниците. За сите утврдени неправилности кои се утврдени во текот на инспекцискиот надзор се изрекува соодветна инспекциска мерка. Инспекторот може да изрече мерка врз основа на докази кои ги добива при вршењето на надзорот (исплатни листи, потпишана спогодба и сл.) Доколку има доказ за префрлување на пари на сметка на работникот и обврска истите да му бидат вратени на работодавачот, се доставува кривична пријава. Но, најчесто работниците не доставуваат таков доказ, и инспекторите не можат да преземат соодветни мерки.
Невладини организации објавија дека со години по ред некои работодавци како плата на работниците им префрлуваат само по неколку денари, им даваат само аванс од неколку илјади денари или им исплатуваат помалку од загарантираниот минимум. Велат дека тоа поминува во УЈП. Дали ги испитувате овие наводи и ако потврдите такви злоупотреби што можете да преземете како инспекторат?
-И кај нас пристигаат пријави за исплата на плата во износ под законски утврдениот износ за минимална плата. Законот за работни односи и Законот за минимална плата содржат прецизни одредби со кои се дефинира платата, за што во случај кога тие одредби не се почитуваат од страна на работодавачите, инспекторите со решение ги задолжуваат работодавачите да го исплатат износот на законски утврдената минимална плата. Ако работодавачите тоа не го сторат во законски утврдениот рок, се изрекува глоба за сторениот прекршок и доколку истата не се плати од сторителот се поведува прекршочна постапка.
Законот за работни односи и Законот на минимална плата не го познава институтот авансно плаќање и се постапува во согласност со нормите на наведените закони врз основа на кои работодавачите се задолжуваат да исплатат плата и придонеси од плата во износ утврден во согласност со склучените договори за вработување.