Сеопфатното сексуално образование го разбирам како еден пакет на животни вештини, кој има за цел да ги запознае учениците со корисни информации за многу значајни прашања што си ги поставуваат, вели училишниот психолог Ана Попризова во разговорот за „Слободен печат“/„Женски печат“.
Ставот за воведување на Сеопфатно сексуално образование како изборен предмет во 9 одделение на училишниот психолог и гешталт-терапевт Ана Попризова е позитивен. Смета дека програмата е солидна, законската рамка и подготовките се добро поставени и дека нема пречки за вовоедување на предметот и пилотирање на процесот на имплементирање на програмата во училиштата.
Попризова повеќе од 20 години работи во средно училиште како професор по психологија и училишен психолог, добро го познава образовниот систем и има искуство во работа и едукација на наставници, стручни соработници и родители. Во текот на својата кариера е посветена на унапредување на добросостојбата на младите луѓе и активно работи на дестигматизирање на темите како насилство во училиште, булинг, родово засновано насилство и сексуално образование во пошироката општествена заедница.
Што е всушност сексуално образование и зошто ни е потребно?
– ССО го разбирам како еден пакет на животни вештини, кој има за цел да ги запознае учениците со корисни информации за многу значајни прашања што си ги поставуваат. Програмата е конципирана во седум компонененти, кои покриваат одредени области поврзани со менталното и физичкото здравје, како и релациите со блиските и светот што ги опкружува. Сметам дека благодарение на оваа програма и начинот на нејзино спроведување, кој е специфичен, на учениците ќе им се помогне во полесно разбирање на себеси, своето здравје (телесно, психолошко, емоционално и сексуално) во еден исклучително значаен период за нив. Исто така, ова ќе биде надополнување на оние теми и прашања за кои сите родители не се доволно вешти и подготвени да ги дискутираат со своите деца. Програмата претставува еден вид поддршка на родителите.
Што би требало да вклучи програмата на предметот?
– Програмата се состои од седум компоненти, кои покриваат значајни области од развојот на единката, а не се опфатени во ниту еден наставен предмет со содржините што се обработени. Методолошки се користи работилничкиот пристап, кој е во склад со современите педагошки пристапи. Може да се каже дека оваа програма претставува зајакнување на животните вештини на единката во домен на сопствената телесност, како аспект на идентитетот на личноста и најзначајните социјални интеракции, кои се типични за овој период.
Пристапот и методот на разработка на темите е во насока на разјаснување на можните дилеми и најчестите прашања што се поставувават, но во насока на нудење конкретни вештини за справување во секојдневното живеење.
Во првата компонента се разработуваат поимите род и родови улоги, со цел подобро препознавање на родовите улоги и нивно значење за секојдневното функционирање на единката.
Втората компонентна се однесува на врските и односите, со цел да се објаснат врските со другите, нивното значење за единката, потребата од взаемна доверба, разбирање и отворена комуникација. Тука се разработува и значајното прашање на социјален притисок за влегување во релација, стапување во сексуален однос, давање согласност за релација и слично. Многу е значајно да се зајакнат капацитетите на единката за преземање одговорност за изборите и одлуките за сопствените релации, согласност и доверба да се биде во врска, право да се почитува изборот и одлуката на секој партнер во релацијата и слично.
Младите на прагот на пубертетот често се прашуваат што понатаму, која нова улога од нив се очекува, кое е пожелно однесување, кои чувства им се јавуваат.
Често се растргнати помеѓу нивните телесни промени, новите и збунувачки емоции, и нереалниот и наметнат пристап што го добиваат од Интернет, притисокот од строго наметнатите улоги, кои ги добиваат од најрано детство и работите за кои е срамота да се зборува. Токму заради ова, многу е значајно да се разработат овие прашања со педагошки пристап.
Третата компонента е посветена на телото и сликата за своето тело. Оваа тема е исклучително важна токму во перидот на пубертетот и во овој случај се става акцент на прифаќање на сопственото тело и препознавање и намалување на социјалниот притисок, кој го наметнува стандардот за тоа како треба да изгледа телото. Следуваат компонентите за сексуално и репродуктивно здравје и сексуалност, кои нудат информации за постоење на сексуални преносливи инфекции и начини на заштита. Во овој дел се опфатени информации за заштита од несакана бременост и од полово преносливи болести. За секој современ адолесцент тоа треба да биде прашање на општа култура.
Последните две компоненти се однесуваат на живеењето на единката во поширок општествен контекст, па ги опфаќа компонентите на насилство и граѓанските аспекти. Сметам дека со последните случувања со сексуалното предаторство и постоење на „Јавна соба“ повеќе од корисно е да се обработат темите како препознавање на сексуално вознемирување и насилство и негово пријавување. Исто така и улогите во Кругот на насилство (насилник, жртва и сведоци).
Граѓанските аспекти се однесуваат на човековите права, нивното прекршување и начини на пријавување.
Верувам дека добрата информираност и спремност да се зборува отворено на овие теми е вистинскиот начин на кој треба да се поддржат младите успешно да се справуваат со сите предизвици кои ги носи периодот на пубертет и младост. Тоа е можно во образовниот систем токму преку една ваква програма.
За ефикасна реализација на програмата потребно е систематско обучување на наставниот кадар за наставниците да можат да им ја објаснат сексуалноста на децата, дали имаме обучен кадар?
– Апсолутно се согласувам дека кадарот ќе има клучна улога за успешно спроведување на програмата. Колку што следам, во овој период се работи токму на обука и подготовка на кадарот. Сметам дека при ова треба да се искористат добрите практитки од младинските едукатори на ХЕРА, кои имаат повеќегодишно искуство со програмата и тие да бидат ментори на наставниците во обуките и спроведувањето на активностите. Предност на оваа програма и пилотирањето е токму искуството што постои од минатото. Обуката во овој случај се планира да биде подолготрајна со цел наставниците да стекнат вештини за разработка на овие теми.
Треба ли да се посвети поголемо внимание на училиштата во малите градови и руралните области?
– Мислам дека во сите средини владеат стеротипи и предрасуди. Секако во помалите средини притисокот врз младата личност е поголем, можностите се помали, но ова истовремено може да биде мотивирачко за некој да ја вложи својата енергија и да постигне успех и прогрес.
Ако на децата не им се обезбедат информации дома или на училиште, тие почнуваат да бараат одговори на Интернет. На кој начин Интернетот, односно социјалните мрежи, подетално и порнографијата, создаваат искривена претстава за сексот?
– Интернетот е неминовност во современото живеење. Носи многу новини, ја поттикнува креативноста, изобилува со можности и информации. Истовремено има и ограничувања доколку не се користи со граница. Токму затоа е значајно да им укажеме на младите како да направат зрел избор и да носат сопствени и одговорни одлуки. Тоа најмалку се постигнува со забрани. Напротив, најголем ефект има доколку се зборува за овие теми, младите да препознаваат во кои случаи нивното постоење во виртуелниит свет може да им донесе проблеми и да бидат злоупотребени, што предизивикува траума и остава белези кај младата личност во сите сфери на нејзиното функционирање.
Дали сексуалното образование може да го спречи или барем намали родово заснованото насилство?
– Искрено верувам во тоа. Доколку со учениците се разработат компонентите поврзани со родот, родовите стереотипи, родовото насилство, сексуалното вознемирување и злоупотреба, секако дека и учениците ќе бидат посвесни за односите, за релациите, за опасностите и за одговорноста во изборите што ги прават за себе. Сите овие теми што ги споменав се разработени во програмата.
Според вашето досегашно искуство, сметате ли дека пилот-програмата ќе биде успешна и дека ќе има интерес меѓу учениците?
– Јас сум сигурна дека кај учениците ќе има интерес за програмата. Сметам дека пилотирањето ќе овозможи да се воочи како ќе тече процесот и да се согледаат сите можни предизвици. Ова е програма чија вредност е токму постапноста, методолошката заснованост врз многу релевантни светски програми и искуства и отвореноста да се следи и евалуира процесот на имплементација.
Сакам да упатам совет до родителите добро да се информираат пред да донесат одлука во интерес на нивното дете. Кај нас владее едно мислење дека треба да се задржат овие теми во сферата на семејството. Најчесто пораките што доминираат во нашата средина се дека сексуалноста е нешто што е срамно, дека љубовта кога ќе се случи само ќе им се каже на младите што треба да прават.
Сметам дека како училишен психолог со овој текст придонесувам за подобро информирање на родителите и јавноста, што е моја професионална одговорност.