Фудбалот е масовна игра, пред сѐ треба да имаш маса, па оттогаш го извлекуваш најдоброто и се класифицира – вели првиот човек на ФФМ.
Пандемијата на коронавирусот воглавно го „диктираше“ и спортот годинава, се одложуваа многу големи настани, а помеѓу нив и клучните натпревари за македонската А репрезентација за пласман на наредното Европско првенство.
На крајот „црвено-жолтите“, т.н. „рисови“ им донесоа огромна радост на верните љубители на фудбалот и спортот, конечно и ние да бидеме дел од „европскиот крем“ во сениорска конкуренција.
За околу можното враќање на навивачите, протоколите за заштита од ковид-19, самата инфраструктура на стадионите во нашата земја, кога би можела да биде имплементирана видео технологијата (ВАР)..
Многу повеќе прочитајте во интервјуто со претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини за веб порталот на „Слободен печат“.
Вашите импресии од историскиот пласман на ЕП, вашите емоции после победата над Грузија во финалето на Лигата на нации?
– Неописливи емоции, тие се моменти кој човек ретко ги доживува, не знам дали ќе има вторпат за мене, но секако првиот пат навистина ви остава впечаток. Доволна беше сликата која ја гледавме од трибините, радоста на играчите, нивната сплотеност. Да плачеш или да се смееш или да се радуваш, не знаеш што да правиш во тие моменти.
И натаму е актуелна ситуацијата со ковид-19, поради која се одложуваат и спортските натпревари, има најави дека до март УЕФА треба да донесе конечна одлука, верувате ли дека и навивачите ќе бидат на трибините во текот на Европското првенство?
– Со оваа ситуација каква што е, не само кај нас, туку и во останатиот дел од светот, не можеме ништо да претпоставиме однапред, ниту и УЕФА. Европската куќа на фудбалот ги носи одлуките од ден во ден, од недела во недела, како ќе се одвива ситуацијата, така и ќе се носат одлуките. Многу жално би било, прилично за нас, затоа што за првпат настапуваме во едно такво големо натпреварување, а да немаме публика, да нѐ поддржуваат. Публиката е една од најголемите инспиратори за нашите играчи, друго е кога играте пред навивачите кога те бодрат, а друго е што се вика „на слепо“. Ќе ги почитуваме одлуките кои ќе ги донесе УЕФА, па со Господ напред, да одиме да победуваме.
Околу општиот протокол за организирање на фудбалските натпревари, дали засега се почитуваат мерките, препораките од Комисијата за здравство за заштита од коронавирусот?
– Ние протоколот сѐ уште го имаме кој ни е даден од Министерството за здравство, поконкретно од Институтот за јавно здравје, така што сите мерки кои ни се дадени, ние како Фудбалска федерација, а тука и клубовите мислам дека ги почитуваат. Можеби имало неколку недостатоци, не околу протоколот, туку околу спроведувањето, но мислам дека е и задоволително и од клубовите и од наша страна. Така што, додека нема нов протокол, додека истиот е во сила, ние ќе го почитуваме.
Дали е разговарано со фудбалските претставници на клубовите околу можната вакцинација на спортистите?
– Сѐ уште немаме таква информација. Кога би било такво нешто, или би имало такво нешто, секако дека ние како носители на оваа игра би ги повикале претставниците на клубовите, и би разговарале околу таа тема.
Околу активностите за подобрување на фудбалската инфраструктура на стадионите преку „Хет Трик“ програмите на УЕФА, последен пример беше договорот за целосно нова западна трибина во Штип. Што е реализирано, што е во тек, и кои се плановите во наредниот период?
– Пред една недела, го потпишавме договорот, со в.д. градоначалникот на Општина Штип, во процес ни се сите други документации околу избор на фирма што ќе ја гради таа трибина. Мислам дека ќе биде една од најдобрите трибини кои до сега ФФМ ги има изградено. Ја изградивме трибината во Чаир, 80% имаме ја изградено трибината во Охрид, работиме на стадионот во Кавадарци каде што таму ја градиме и Источната и Јужната трибина. Трибината во Штип ќе биде една од најлуксузните, со капацитет од 2400 места со ВИП зони, подтрибински простор. Воедно верувам дека на овие стадиони со сите стандарди може да играат и националните репрезентации, во соработка со поранешниот градоначалник, сегашниот актуелен министер за транспорт и врски вети дека ќе се гради и источната трибина, така што доколку би го комплетираме тој дел, источна и западна, ние како федерација имаме ветено дека ќе ја изградиме и јужната трибина, монтажна трибина, и така би добиле еден многу добар стадион, европски, кој ќе ги има сите услови и би сакал што побрзо да се случи нашите херои сега би ги нарекол, би одиграле и натпревар во Штип, да ги израдуваме источниот дел и цела држава.
ФФМ и во минатото се справувала со мечеви од висок ризик, во склоп со тоа, неодамна имавме инцидент на второлигашки меч меѓу ФК Брегалница и ФК Тиквеш, предизвикан од навивачки групи. Општо кажано, од една страна постојат ривалство и емоции, но од друга страна и натаму гледаме негативни појави како насилство, дискриминација, национализам, говор на омраза..
– Ние како ФФМ веднаш излеговме со реакција дека сме против насилството, дискриминацијата, против сите негативни работи кои делуваат во спортот и воопшто во нашето општество. Се бориме против тоа, сакаме да оди сѐ во најдобар ред. За жал постоеле, ќе постојат, но јас мислам дека сите тие работи доколку не можеме да ги откорениме, барем да ги минимизираме. А што се однесува до делот на натпреварот, ние сме организатор на лигата, но како организатор се појавува секој клуб домаќин, така што одговорноста спаѓа кон нив, да го организираат тој натпревар и да спречат секакво такво насилство, говор на омраза или било какви негативни работи кои не се добри за спортот.
9 декември е Меѓународен ден за борба против корупцијата, ФИФА води кампања за да ја подигнат свеста кај луѓето, сметате ли дека и натаму постојат сомнежи, дека има местење на натпревари?
– И ФИФА и УЕФА водат кампања, значи тие мечеви за кои има сомнение, автоматски реагираат околу таа проблематика. ФИФА, УЕФА и ФФМ се против тоа, се бориме против тоа, доколку се појави такво нешто, секој ќе си сноси одговорност и ќе се санкционира по протоколот или по правилата кои постојат.
Што можете да ни кажете околу ВАР видео технологијата која веќе се примени во текот на репрезентативните настапи, кога и дали би можеле да очекуваме имплементирање на овој систем и во нашата земја?
– Еден дел од стратегијата на Фудбалската федерација е делот каде што би се вовел и ВАР системот. Реално кажано би ни олеснил многу околу тој дел за да нема полемика и ФФМ, последните повици се пред сѐ кон мене и кон моите соработници, Управниот одбор, потпретседателот и слично. Би ни олеснил, многу пред сѐ нас, како и на клубовите, значи во стратешкиот дел тоа е предвидено, но за имплементација на тој проект сигурно треба да се одвојат огромни средства за да се имплементира до крај. Мислам дека со помош на УЕФА и ФИФА, ние би го сториле и тоа, но да ви кажам за кога, во овој момент не би сакал да шпекулирам.
Можеби прашање за во иднина, како што е АБА лигата во кошарката, СЕХА Газпром лигата во ракометот, постојат ли било какви размислувања, идеи, за формирање на Балканска или Регионална лига во фудбалот, како и да би се нарекувала..Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин претходно во дел од медиумите изјави дека засега тоа не е добра идеја..
– Верувам во иднина, но исто би го потенцирал тоа како што го рекол и првиот човек на европскиот фудбал, Александар Чеферин, моментно не би се реализирало такво нешто. Фудбалот е сепак помасовна игра, други проблеми произлегуваат, треба да се увидат сите можни работи околу еден натпревар, и тоа не е така едноставно.
Неодамна ги претставивте и луѓето кои не се експонирани во јавноста, а секако и тие имаат заслуга за пласман на сениорите на континенталниот собир. Исто така, и У21 селекцијата има нови добри резултати, најдобрата женска селекција бележи напредок. Колку вие како федерација сте задоволни од досегашната работа, и колку има простор за напредок во обезбедувањето на условите и соработката со категориите (на клупско и репрезентативно ниво) од најмал до највисок ранг?
– Уште од првиот ден сакав да помогнам, затоа што од претходно сум бил претседател на младинскиот оддел тука во ФФМ и знаев со кои проблеми се соочуваат и тој дел околу сместување. Првата работа што ја направив, им го подигнав стандардот, за секое дете, иако е У15, У17, да се чувствува како репрезентативец, да знае кога го облекува дресот на репрезентацијата, да го носи со гордост, и да знае што тие работат и каде се, со кои проблеми ќе се снајдуваат во текот на еден собир. Го подигнавме нивото пред сѐ на сместување, тоа ми беше примарно.
ВИДЕО: ФФМ не ги заборава „луѓето од сенка“ исто така заслужни за историскиот пласман на ЕП!
Кога сме кај У21 репрезентацијата, дечките се прекрасни, и оваа година доколку не се сменеше форматот во УЕФА, ние ќе се боревме и понатаму за пласман на Европското првенство, а да се навратам наназад, и ова сениорско ЕП во кое ние ќе одиме е како една претходница од 2017 година кога во тоа време претседател беше Илчо Ѓорѓиоски, и сакам лично да му се заблагодарам за спортскиот дел што го даде во оваа фудбалска федерација.
Речиси 70% од играчите што сега нѐ направија среќни, беа дел од тоа ЕП во Полска пред три години. Така што мислам дека работите во иднина ни стојат многу добро, тоа е фантастична репрезентација, треба само да држиме континуитет и да работиме во интерес на фудбалот.
Пандемијата предизвика финансиска криза кај спортските, фудбалските клубови. Грубо кажано, проблемите со финансиите во македонскиот фудбал траат поголем период, се доведуваме во ситуација и си поставуваме прашање дали да се вложува во квалитетни играчи и само да се обезбедат добри резултати, или да се вложува во млади и талентирани фудбалери, а истовремено сакаме да имаме силна и стабилна лига од која би доаѓале нови идни репрезентативци..
– Фудбалот е масовна игра, пред сѐ треба да имаш маса, па оттогаш го извлекуваш најдоброто и се класифицира. Затоа и кога бираме во Академијата кај нас, ние правиме неколку класификации, натпревари, за да ги избереме најдобрите. Така што сето ова оди во континуитет, не можеш ти од еднаш да создадеш фудбалер. Моментно имаме 70 деца кои живеат тука заедно со нас, а радосни би биле кога сите би излегле како што треба. Нека биде тоа и 2%, и 3%, од тие млади лица да излезат како што треба, за утре да се најдат за А репрезентација, ние би биле многу среќни.
Еден спој на младост и искуство ја краси А репрезентацијата предводена од Горан Пандев? Верувате ли дека во комплетен и прав состав Македонија има што да каже и на Европското првенство?
– Лично и јавно му се заблагодарувам на Горан Пандев затоа што многу придонесе за оваа репрезентација. Придонесе што ги сплоти овие момци, сите играчи, да се чувствуваат како во своја куќа, како едно семејство. Неговата кариера, неговата висина што ја има во спортот не ја покажа апсолутна пред своите фудбалери, туку се постави заедно со нив, тоа е големината пред сѐ на еден човек. Таа кохезија што ја донесе меѓу стари и млади, пред сѐ би рекол дека тоа е Горан Пандев, човекот што ја создаде таа фамилијарна средина. Ние на ЕП нема да одиме со „бело знаме“, ќе одиме да играме фудбал, е сега тоа се 90 минути на теренот.
Околу селекторот на А репрезентацијата, Игор Ангеловски, каков е неговиот статус, околу досегашната соработка и кога би можеле да очекуваме разговори за евентуално продолжување на договорот?
– Имаме соработка со сите, со кои имаме договор. Додека трае договорот, ќе соработувам. А кога договорот ќе истече, седнуваме на маса и ќе разговараме. Одлуката не се носи индивидуално, јас не ја носам сам. Имам уште 14 членови и јас како 15-ти член во Управниот одбор кој ги носи одлуките во оваа фудбалска куќа. Селекторот Игор Ангеловски има договор до 31.12.2020, се изработуваат сите денови, затоа што на крајот на месецот се зема плата, и јас земам плата, и вие медиумите земате плата, и сите каде што придонесуваме. Доколку се договориме со селекторот, во ред, доколку не, тогаш продолжуваме напред. Фудбалска репрезентација на Македонија може, и без мене, и без селекторот, и без вас, и сите индивидуи, за целината да оди напред.
Во октомври беше објавено дека Даниел Мусовски, 24-годишниот напаѓач на Лос Анџелес, една од најдобрите екипи во американската МЛС лига, прифати да игра за Македонија, дали можеме да очекуваме да настапува во наредните квалификации за Светското првенство?
– Во спортскиот дел околу играчите, кој е повикан, или кој во иднина ќе се повикува, јас како претседател на ФФМ нема никогаш да се мешам. Само доколку има било какви проблеми за да можеме да стапиме во контакт и слично. Дали ќе се повика овој или оној играч, тоа е секако работа, одговорност на тој што се плаќа за тоа.
И за крај која е спортска порака која сакате да ја споделите до сите, вашите желби во новата 2021 година..
– Да има добро здравје, да работат било каде, професионално да ја тераат работата. А доколку се тера професионално, мислам дека резултатите нема да недостасуваат. Тоа е мојата порака за сите луѓе кои се занимаваат со спортот.
ФФМ ги награди репрезентативците, ова е најголемата премија во македонскиот спорт!