Не сум имал ниту официјални ниту неофицијални разговори со ФФМ. Мојот договор истече на 31.12 2020 година, обврските што ги имав ги завршив така да оставам на Федерација да го направи следниот чекор. Јас сакам да ја водам репрезентацијата на ЕП – вели Ангеловски во интервјуто за Слободен печат.
Фудбалската репрезентација на Македонија конечно го дочека сонот да биде дел од Европско првенство. Пандев, Алиоски, Елмас, Димитриевски, Адеми и останатите репрезентативци се јунаците кои на теренот ја издвојуваа најголемата победа, но има уште еден кој не беше на теренот, туку покрај него „командуваше“ селекторот Игор Ангеловски.
Минатата година Слободен печат исто така направи новогодишно интервју со Ангеловски и тогаш си посакавме Македонија конечно да заигра на ЕП и желбата стана јаве.
– Таа желба што ја замисливме ни се оствари. Кога ќе се остварат желбите треба да сте среќни, а јас морам да признаам дека кога се пласиравме на ЕП бев најсреќен човек на светот, а посебно кога ја видов радоста каде се слави во Македонија како нашиот народ излезе на улиците и со каква љубов и страст ја прослави победата. Таа среќа немаше крај – вели Ангеловски.
По ваквиот успех неизбежни се и зборовите на Владо Илиевски, „Леле, луѓе што направивме“.
– Мислам дека поголемиот дел сме свесни, се надевам дека некои допрва ќе бидат свесни, а и оној мал дел што сè уште не е свесен – во јуни ќе биде кога ќе започне Европското Првенство.
Честитките вели Ангеловски доаѓаа од сите страни, а посебно е горд на тоа што Македонија направи нешто што не им успеало на фудбалски велесили.
– Најпрво морам да признаам дека честитки дојдоа од сите страни и навистина од луѓе кои значат во светот на фудбалот, а сето тоа покажува колку тие го ценат тоа што нашата решрезентација го направи. Една мала земја како Македонија да се пласира на ЕП, а тоа не им успеало на фудбалски велесили е голема работа. Ќе ја земам Србија која веќе 20 години не се пласирала на ЕП со избор на фудбалери за кои знаеме во какви гиганти играат, нормално од друга страна ми претставува задоволство – вели Ангеловски.
Македонската нација е гладна за успеси, еуфорично го прославува секој голем успех на македонските спортисти и тоа традиционално на градскиот плоштад. Но, овој пат Ангеловски и неговите фудбалери не можеа да му се израдуваат на големиот успех заедно со фановите поради пандемијата на коронавирусот. Сепак, славјето не изостана, се прославуваше историскиот успех во секој град во Македонија.
– Криво ми е што сме во ваква ситуација и ние како држава и целиот свет бидејќи ова навистина е едно зло кое го погоди човештвото и се надевам што побрзо ќе заврши. Но, еве доаѓаат знаци на оптимизам и тоа што не можевме да го прославиме пред два месеци, ќе го направиме во Букурешт каде што очекувам огромен број на наши навивачи со високо кренати знамиња да ја испеат македонската химна на едно вакво натпреварување, а сите заедно да го искористиме тоа за промоција на нашата држава на еден таков настан.
До одлучувачкиот натпревар против Грузија за пласман на Европското првенство, Ангеловски и неговите избраници прво мораа да го „решат“ и Косово. Пандемијата на коронавирусот го одложи тој натпревар за шест месеци, наместо во март се играше во октомври, но нашите момчиња излегоа како победници и на тој натпревар како и еден месец подоцна против Грузија.
– Во животот имам сфаќање дека работите се случуваат со причина. Така да таа неизвесност постоеше и сите ние сакавме да играме пред полни трибини во март против Косово но нештата се случуваат со причина. Секое зошто има затоа и поради тоа оставав едноставно да нештата се случат и тој датум кој ќе биде одреден како дефинитивен да влеземе потполно подготвени. Најважно беше ние да бидеме подготвени за тој натпревар против Косово, а потоа и за финалето, а на теренот покажавме дека сме биле добро подготвени заслужено ги довивме двата натпревари и на крајот заслужено ја однесовме Македонија на ЕП – вели Ангеловски.
Судбината сакаше токму капитенот Горан Пандев да биде стрелец на најважниот гол во историјата на македонскиот фудбал. Ангеловски вели дека иако Пандев најави заминување во пензија по завршување на европското првенство, ќе се обиде да го наговори Гоче да се премисли.
– Дај боже Горан да не однесе и на Светско првенство. Затоа постојано велам дека работите се случуваат со причина и така сакаше да биде, стрелец на голот да биде тој што е фудбалска икона, најдобриот фудбалер на сите времиња во Македонија да биде човек на одлука. Покрај тоа, огромни заслуги за сите што настапија. Ги изработивме како на на тренинг. На еден натревар од такво значење да се изработи таква акција е доказ за твојот квалитет. Обично на такви финалиња, на такви моменти тоа е момент на инспирација. Ова беше момент на квалитетна акција. Во никој случај Горан со своите предиспозиции и со начинот на кој игра и тренира, а тоа го прави во Серија А и гледаме на кое ниво го прави тоа, има уште квалитетни натпревари во себе. Ако Ибрахимовиќ кој е постар од него, посебно бидјеќи знам како Горан живее професионален и семеен живот, дај боже да го чува здравјето и ако игра во Серија А не гледам причина зашто да не игра во репрезентацијата. Нормално дозирајќи ја минутажата и во клуб и во репрезентација и не гледам причина зашто да не игра и по ЕП. Тоа е само негова одлука за евентуалното повлекување, но доколку мене ме прашувате, јас мислам дека може и тоа како да игра во репрезентацијата. Доколку останам селектор, сигурно е дека Горан ќе добива репрезентативен повик, ќе направам се за да го разубедам и да продолжи да игра, барем додека јас сум селектор.
Селекторот во новата година не влегува со чисти сметки бидејќи договорот му истече. Најавите на ФФМ се дека веднаш по новогодинешните празници ќе се седне на маса и ќе се разговара за новиот договор.
– Не сум имал ниту официјални ниту неофицијални разговори со ФФМ. Мојот договор истече на 31.12 2020 година, обврските што ги имав ги завршив така да оставам на Федерацијата да го направи следниот чекор. Јас сакам да ја водам репрезентацијата на ЕП. А прашањето за тоа кога ќе започнат преговорите, треба да го поставите на друга адреса.
Историјата сакаше Ангеловски најважната победа да ја оствари на 12. ноември, на истиот ден кога пред пет години дебитираше на селекторската функција и тоа победнички, беше совладана Црна Гора со 4:1. Во тие пет години откако е селекор на националниот тим сменети се од корен работите, а најголемите заслуги популарниот Мрме им ги препишува на фудбалерите.
– Да, тоа е интересно, дебитирав на клупата на ист ден кога ја победивме и Грузија. А што е сменето во последните пет години? Па пред пет години ретко кој во државата се интересираше за македонската фудбалска репрезентација, а сега се ретки тие што не се интересираат и за тоа се заслужни фудбалерите кои макотрпно работеа да ја донесат македонската фудбалска репрезентација од 160. и некое место во земја учесник на Европско првенство. Кога сето тоа ќе го сработите, јас само можам да им кажам едно големо благодарам на момците, благодарам за се што направија, благодарам за секој поминат момент со нив затоа што е задоволство да се работи со такви момци, а резултатот е тој што сите не израдува.
Успесите немаше да бидат возможни доколку фудбалерите не живеат еден за друг. Нивното другарство, фантастична атмосфера, Ангеловски вели дека не се опишува со зборови. Тоа треба да се доживее.
– Искрено тоа не се опишува со зборови. Такво нешто не може вештачки да се создаде, тоа едноставно е природно чувство на секој поединец, односно какви чувства, симпатии има кон другите. Така да од тој аспект јас би кажал дека сето тоа што го гледате е спонтано, природно и начин на кој што ние пет години функционираме. Со тој начин на функционирање, почит, со таа хемија што владее во репрезентација мислам дека е нешто највредно и има најголема заслуга за позитивните резултати во репрезентацијата.
Иако нема на хартија потпишано нов договор и чека потегот да го направи ФФМ, Ангеловски размислува и за настапот на Европското првенство.
– Од друга страна јас сум голем пријател со хрватскиот селектор Златко Далиќ и имаше начелни разговори за пријателски натпревар. Бидејќи сè уште не знам дали ќе бидам селектор на Македонија и во 2021 година, не можам да закажувам потенцијални натпревари бидејќи не е коректно доколку некој друг дојде наместо мене треба да го има правото на избор со какви противници би сакал да игра. Дали воопшто би сакал да закаже пријателски натпревар и од тој аспект не е коректно јас да закажувам натпревари. Но, доколку јас останам на селекторската позиција, нормално дека имам разработено план за се што би се лучувало на ЕП и до него и без никаков проблем би се реализирал. Македонија пред настапот на ЕП, ја очекуваат три натпревари од квалификациите за СП 2022 година во Катар на кои мора да се влезе во резултатски императив за остварување на позитивни резултати. Целта е да се втурнеме во трка за бараж и борба за второ место и поради тоа да влеземе со цел да освоиме што повеќе бодови и да ни користат како една подготовка пред настапот на ЕП. Но, овој тим е заедно четири години, фудбалерите добро знаат што барам јас од нив и тие знаат како јас и целиот стручен штаб функционираме. Македонија на ЕП никако не смее да биде статист, мора да влезе со верба во себе, како што кажав на почетокот, настапот на ЕП мора да го искористиме за промоција на државата и нејзино максимално добро претставување.
Македонија иако ја реализира целта и се пласира на ЕП, можеше на триумфален начин да ја заврши фудбалската година, но Ангеловски не тагува премногу за поразот од Ерменија кој доколку го избегневме ќе се пласиравме во Б дивизијата од Лигата на нации.
– Не останува жал затоа што година дена немавме пораз и целиот фокус беше на пласманот за ЕП и нормално кога целите на такво нешто некаде мора да се плати данокот. Ние знаеме дека плативме огромен данок затоа што на дуелите со Грузија и Естонија останавме без половина репрезентација. Без разлика на тоа ние влеговме со цел да победиме, но Ерменија ги искористи шансите и обезбеди пласман во Б дивизијата од Лигата на нации. Но, среќен сум што ја постигнавме главната цел а тоа е Македонија да игра на ЕП.
За крај неизбежно е и прашањето за очекувањата во 2021 година и нормално настапот на македонската репрезентација на Европското првенство.
– Очекувам злото со короната да заврши, да можеме сите нормално да функционираме и како што кажав да можеме нашите сограѓани да бидат во Букурешт со високо кренати знамиња да и дадат поддршка на македонската репрезентација во историскиот настап.