Па сега откако успеавме да го оствариме овој голем успех, ние на ЕП одиме без притисок, но не и без амбиции. Ние со самиот пласман сме победници, а секако сме мотивирани да дадеме се од себе и да покажеме дека не случајно сме таму. Имаме квалитет и со макотрпна работа успеавме да стигнеме до ова ниво и спортски е да гледаме напред со други цели и желба за нови предизвици – вели Бејтулаи во интервјуто за Слободен печат.

Фудбалската репрезентација на Македонија годинава за прв пат ќе игра на Европско првество откако минатата година преку баражот во Лигата на нации и победите над Косово и Грузија да дојде до историскиот успех.
Еден од неизоставните членови на репрезентацијата и на одбраната е дефанзивецот и капитен на Шкендија, Егзон Бејтулаи.
Со бескомпромисна борба на Бејтулаи, но и неговите колеги од последната линија Муслиу и Ристевски, одбраната делуваше гранитно во најважните натпревари за македонската репрезентација која конечно дочека да биде дел од Европско првенство со што е остварен сонот на сите македонски фудбалери и фанови.

Па, иако има поминато одредено време, верувајте ми дека се е како сон и треба понекогаш два пати да размислиш и да се освестиш дека сето тоа е вистина. Ова е огромно достигнување, најголемо во историјата на фудбалот на нашата држава и голема, огромна чест и сатисфакција за мене да знаеш дека и јас сум дал придонес да се одтвари тоа. За еден фудбалер настапот на големо натпреварување како ЕП или СП е еден вид круна на кариерата – вели Бејтулаи во интервју за Слободен печат.

Фото: ФФМ

Македонија своите настапи на ЕП ќе ги има во Букурешт и Амстердам против селекциите на Украина, Австрија и Холандија, а Бејтулаи очекува добар настап и како и сите фанови и фудбалери, се надева на изненадување.
– Па сега откако успеавме да го оствариме овој голем успех, ние на ЕП одиме без притисок, но не и без амбиции. Ние со самиот пласман сме победници, а секако сме мотивирани да дадеме се од себе и да покажеме дека не случајно сме таму. Имаме квалитет и со макотрпна работа успеавме да стигнеме до ова ниво и спортски е да гледаме напред со други цели и желба за нови предизвици. Не се залетуваме, но зошто да нема некое изненадување од наша страна.

EPA-EFE/ATEF SAFADI

 Покрај настапот на Европското првенство, фудбалската репрезентација на Македонија во март ќе ги започне и квалификациите за СП 2022 година во Катар. Фудбалерите за прв во историјата ќе играат натпревари против една од најсилните репрезентации на светот, Германија, а тука се и Романија, Исланд, Ерменија и Лихтенштајн.

– Да бидам искрен групата е многу интересна и донекаде е таква како што би посакувале пред жрепката. Германија е фаворит и тука нема што да се зборува, а за нас ќе биде голем предизвик да играме против нив. Остантите репрезентации се силни но не и непобедливи. Доколку бидиме вистинските, со добар ритам мислам дека ќе имаме нов добар квалификациски циклус но под услов во секој натпревар да влеземе со максимален пристап бидејќи доколку не сме 100% одговорни и фокусирани, може да се случи изненадување и од репрезентации од типот на Лихтенштајн кој не е за потценување иако од тие дуели уште сега се очекуваат максимални шест бода – вели Бејтулаи кој е неизоставен дел од одбраната на националниот тим.

фото: ФКШкендија

Интересно е што токму Бејтулаи е единствен стандарден репрезентативец од последниот циклус на Лигата на нации како и на баражите кој настапува во домашниот шампионат.
– Тоа ми дава чест и одговорност бидејќи играм во состав кој е полн со играчи кои играат во многу посилни клубови и лиги. Нормално тоа кажува дека и домашното првенство има квалитет и сите фудбалери кои играат во Првата лига да продолжат да даваат се од себе за да обезбедат место во репрезентацијата. Ништо не е невозможноп, ете јас настапувајќи за Шкендија успеав да се пласирам на ЕП – вели Бејтуали.

Шкендија го донесе Тотенхем во Скопје

Бејтулаи освен со репрезентацијата, имаше одлична полусезона и на клупски план, како капитен ја предводеше Шкендија до есенската титула, а во квлаификациите за Лигата на Европа успеа да дојде до дуел со англискиот гигант Тотенхем.
– Со Шкендија имавме добра есенска полусезона која за жал ја затворивме со прв и единствен пораз во 18. кола. Освоивме вкупно 39, имаме шест бода повеќе од противниците и тоа е добра предност иако можеше да биде и подобро. Имајќи во предвид дека игравме во ненормални услови на пандемија, мораме да бидеме задоволни од настапот во квалификациите за Лига на Европа. Го елиминиравме Симгајит без примен гол, го елиминиравме и Ботошани и во Скопје го донесовме гигантот од Премиер лигата, Тотенхем од кого бевме поразени во една убава фудбалска претстава од наша страна. Зимската пауза ќе ја искористиме за да „ги наполниме батериите“ и на пролет да бидеме уште подобри.

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
Пандемијата го поремети секојдневието

Фудбалот во 2020 година се играше во чудни услови поради пандемијата на коронавирусот. Прво фудбалерите речиси во цела Европа паузираа четири месеци, а потоа се до крајот на годината играа пред празни трибини. Исклучок не е ниту Првата фудбалска лига.  
– Пандемијата влијаеше и на организациски аспект но и на нивото на квалитетот. Коронавирусот го поремети секој сегмент од животот во целиот свет и фудбалот не беше исклучок. Меѓутоа полека се навикнуваме, се обидуваме да бидеме на повисоко ниво иако ништо не е исто како порано. Тренинзи, паузи, патувања со ограничувања, понекогаш и некој позитивен случај и повторно сте надвор од тренажен процес и сето тоа влијае на сите. Сите сме во некаков грч, протоколи, испитувања, тестови, ограничувања, но добро е што и покрај сето тоа фудбалот продолжи да се игра, барем не сме приморани да подолга пауза. Ние сме навикнати на нашите навивачи и нивната поддршка од трибините нормално дека ни недостасува, а табелата по есенскиот дел кажува дека Македонија ЃП и Шкупи ќе ни бидат конкуренти за титулата иако ги респектираме сите екипи вели Бејтулаи кој во 2021 година посакува тоа што го сакаат и сите луѓе на светот.

– Искрено, мислам дека речиси сите жители на светот имаат иста желба, а тоа е да го снема овој вирус, да се вратиме на нашите нормални животи и непречено да функционираме како порано. Здравјето е над се, мир, љубов и многу успеси за сите.