Дора Попова-Узуновски е дипломиран психолог на Филозофскиот факултет при институтот за психологија на УКИМ и магистер на психолошки науки во областа на клиничката и советодавната психологија. Исто така е основач на Центарот за применета психологија “Дора“ во Скопје од 2015-та година каде и активно работи. Таа е гешталт терапевт и обучен социотерапевт со основи на гешталтот, како и практичар по недирективна терапија низ игра за деца. Дора Попова – Узуновски покрај изборот на гешталтот како правец во психотерапијата, во својата работа постојано интегрира и применува основни техники од различни други пристапи како што се когнитивно-бихејвиоралната психотерапија, неорајхијанската практика, психоанализата, психодрамата и семејните констелации.
Поради светската пандемија, децата најмногу страдаат, од аспект на тоа што тешко е да им објасниш зошто се случува сè што се случува, зошто работите до вчера дозволени, денеска се забранети. Какви психолошки реперкусии има ковид врз децата, која возраст е најранлива? Имате ли статистика за зголемен број на психосоматски нарушувања кај најмладите?
– Психолошките реперкусии што ковид ги има врз децата се обично оние истите што ковид ги има врз родителите. Односно, колку повеќе кај родителите се влошува менталното здравје, толку повеќе истото ќе биде влошено кај децата. Доколку родителите не манифестираат некој особено голем страв, нема ни децата да манифестираат. Стравот кај родителите предизвикува тие постојано да супримираат одредени однесувања кај децата кои за таа возраст се нормални и тоа ги дразни децата, па поради тоа нивото на агресивност во текот на пандемијата е драстично покачено. Меѓутоа, се разбира дека родителите не се единствениот фактор, туку работите зависат и од срединското опкружување на детето. Ако едно детенце во групата на своето друштво не е исплашено, а другите деца се исплашени од дружба, по автоматизам, тоа може да се почувствува осамено и збунето што се разбира дека ќе влијае на неговата психолошка состојба. Така, на тој начин може стравот да има друг канал, кој не доаѓа директно од родителите. Трет и четврти фактор се влијанието на наставниците и влијанието од медиумите врз кои често пати родителите немаат контрола за тоа што го следи детето. Немам информации за официјална статистика во Македонија, но она што го дознаваме од PsychiatricTimes е дека во една студија која вклучува 1.143 родители од Шпанија и Италија на деца од 3 до 18 години, дури 85,7% од родителите пријавиле промени во емоциите и однесувањето на нивните деца за време на карантинот. Најчесто забележани промени биле тешкотии во концентрацијата (76,6%), досада (52%), раздразливост (39%), немир (38,8%), нервоза (38%), осаменост (31,3%), нелагодност (30,4%) и грижи (30,1%). Околу 75% од родителите пријавиле зголемено ниво на стрес за состојбата во карантин.
Според главните наоди на друга студија спроведена од УНИЦЕФ во Македонија, за време на ковид кризата, детската сиромаштија е засилена и тие деца може да страдаат многу повеќе во однос на несоодветни услови за домување, како и немање пристап до уред и интернет, а знаеме колку тие се потребни за изведување и следење на училишната настава. Исто така, забележано е зголемено семејно насилство, а дури десет проценти од жртвите биле деца.
Децата кои година ипол не биле на училиште, под претпоставка дека ќе се вратат од септември, како очекувате да се „вратат“ во училишните клупи? Ќе биде ли потребен период на повторна адаптација?
– Сигурно дека ќе биде потребен период на повторна адаптација, но добрата вест е дека децата се побрзо прилагодливи на нова средина за разлика од возрасните, доколку позитивно се афирмира средината во која треба да се прилагодат, како и нивното однесување, а во оваа ситуација треба да се случи само едно реадаптирање. Тоа значи дека старите навики брзо би се активирале, бидејќи невронските врски во мозокот на навиките тешко се бришат. Дури и да се создадат нови навики, старите иако не употребени, остануваат втиснати во долготрајната меморија. Друго, важно е дека периодот од времетраење на година и шест месеци не е подолг од периодот на навикнато физичко присуство кое траело повеќе години, освен кај почетните одделенија за кои би било потребно малку повеќе време за таа адаптација. Сепак, мислам дека генерално децата сфатија дека се работи само за една вонредна состојба и имаат однапред создадено очекување дека ќе се вратат назад во училишните клупи. Постоењето на тоа очекување сигурно дека ќе овозможи полесна адаптација. Како ризични фактори кои би ја отежнале реадаптацијата само би ги навела ставовите на родителите и наставниците, бидејќи тие сепак ќе бидат главните диригенти во реадаптацијата. Доколку се уште постои драстичен страв, реадаптацијата ќе биде отежната.
Генерално, ќе научат ли лесно децата да се гушкаат повторно, да си играат заедно, да се држат за раце?
– Сметам дека на тоа прашање сè уште никој нема јасно издефиниран одговор. Верувам дека сè ќе зависи од условите кои ќе бидат искреирани, од допуштањето на родителите и од пораките на медиумите кои ќе бидат пренесени. Барем во оваа ситуација видовме колку моќно влијание имаа медиумите во формирањето на мислењето кај луѓето. На човечките умови им е потребно да бидат водени, да имаат граници и насоки. Секогаш е помал процентот на луѓе со критички ставови и оние кои самостојно носат одлуки без силата и притисокот на општествените влијанија, меѓутоа и тие се загрозени кога ништо друго не е функционално околу нив. Децата можат да научат повторно да се гушкаат, да си играат и да се држат за раце, тој процес кај нив оди многу полесно и поспонтано отколку кај возрасните, бидејќи менталните „кочници“ на его одбраните сè уште се во развој, па се многу пофлексибилни и помеки за разлика од тие на возрасните кои се поокрутени и потврди. Меѓутоа како што напоменав до која мера дружбата кај децата ќе биде спонтана, повторно ќе зависи од тоа до каде ќе им биде дозволено, иако тие знаат да заборават, па често пати несвесно ги минуваат и границите на забраните.
Колку физичкото присуство на училиште е важно за нормален и здрав психички развој на децата?
– Преку физичкото присуство во училиште, децата прво стекнуваат дисциплина, ред, рутина и здрави граници на функционирање. Училиштето претставува воспитно образовна установа во која децата се стекнуваат со знаења, ги учат моралните вредности, се развива нивната емоционална интелигенција и најважно од сè е дека училиштето е основата за градењето на егзистенцијалната иднина на децата како возрасни и оформувањето на нивната личност. Училиштето е еден вид предвесник за она што во иднина би значело работно место. Тоа не е важно само за здрав психички развој, туку и за здрав социјален и физички развој на детето. Онлајн наставата придонесе до тоа голем број од децата буквално да стануваат од кревет пет минути пред да започне наставата и да седат цел ден по пижами пред екраните. Мислам дека моторниот развој за време на онлајн наставата до некаде атрофираше кај децата, се разви мрзоволноста и опадна концентрацијата. За некои возрасни луѓе е сосема во ред работењето од дома, меѓутоа возрасниот има изградено систем на саморегулација, што кај детето тој систем е се уште во изградба. Ако тоа наскоро не се исправи и се случи фиксација, многу нешта ќе загубиме за идните генерации. Веќе напоменав дека реадаптирањето ќе оди брзо, но важно е и да не се одолговлекува ситуацијата со онлајн наставата. Таа не може да ги понуди јасните граници меѓу домот и училиштето. Додека е дома, детето има бројни дистрактори околу него, што во училиште тој број на дистрактори е многу намален.
Постои ли соломонско решение во однос на дигитализирани наспроти печатени учебници, од аспект на психолошкото здравје на децата? Смееме ли да ги прашаме лично нив што ќе одберат и да се водиме според тоа?
– Лично, сметам дека соломонското решение е во комбинираниот пристап. Дигиталните уреди би требало да бидат во практична функција на теоретскиот дел што се состои во учебниците. Тие пружаат бројни можности и во ред е да послужат за некои вежби, развој на креативни идеи итн. Меѓутоа да бидат главна алатка за настава и целиот проток на информации да минува само низ нив, мислам дека е проблем кој ќе направи бројни последници не само врз психолошкото, туку и врз физичкото здравје кај децата.
Кој дел од моменталните општествени случувања, вие како психолог, ги детектирате како „нездрави“ (освен короната) по психичкиот развој на децата и зошто е тоа така кај нас и во светот?
-Според CQ RESEARCHER влијанието на деморализирачките влијанија е зголемено денес, бидејќи децата живеат во општество во коешто се чини дека е ослабена традиционалната дисциплина во домот, училиштето и религиите. Со укинувањето на старите табуа, убиствата, бруталноста, насилството и различните видови на психопатска криминалност станаа предмети на слободна и отворена дискусија во медиумите и меѓу поединци. Стрип книгите, телевизиските емисии, филмовите, цртаните филмови и социјалните мрежи, им даваат на младите ултра богати и сочни содржини на секс и криминал во живописна форма, каква што не беше достапна за ниту една претходна генерација на деца.
Распространетоста на невротичните нарушувања кај возрасните, односно родителите, честото преселување на многу семејства што ги лишува нивните деца од вообичаеното дружење со соседството, преполното училиште, недостатокот на домашни задачи, целокупната закана за атомско уништување и непријателските чувства предизвикани од студената војна, се додаваат на социјална клима погодна за бунтовни и аморални ставови кај младите.
Наведено е дека главните извори на штетните влијанија во Соединетите Американски држави се: слободната дистрибуција на порнографијата до децата, употребата на наркотици, претпочитањето на хорор и крими содржини за читање, нагласокот на криминалот и сексот на телевизијата и филмовите.
На веќе набројаните фактори лично би го додала врсничкото насилство, односно булингот.
Според капацитетот на возраста, во рамки на досегашната образовна програма (во сите нивоа: од градинка, преку основно образование, сè до средно) и понудените законски измени, кои се нештата на кои не им е времето и местото тука и сега, од аспект на нормален психички развој на децата?
– Децата поминуваат низ неколку психосексуални фази на развој кои воглавно се поделени на предгенитална фаза, латентна фаза и генитална фаза. Предгениталната фаза се однесува од нула до седмата година во животот на детето, латентната фаза трае некаде од осмата до десетата година и потоа настапува гениталната фаза која започнува од почетокот на пубертетот на детето. Предгениталната фаза е поделена на орален, анален и едипален период, во латентната фаза на несвесно ниво се обработува сè што поминало низ овие фази и таа е асексуална фаза, додека во гениталната фаза почнува да се развива зрелата сексуалност. Според тоа, зрелата фаза во којашто детето е подготвено да ги прими информациите е гениталната фаза односно, погорните одделенија или почетокот на средното училиште.
Колку родителите бараат психолошка поддршка за своите деца, или кај нас тоа е сè уште табу тема?
– Родителите бараат сè повеќе психолошка помош за своите деца. Проблемот е во тоа што не сите родители се истрајни во процесот на терапијата, бидејќи најважно во терапијата на децата е да земат учество самите родители, а тоа значи дека и тие би требало да бидат во тераписки процес доколку навистина се посакува да се постигне квалитетна промена. Обично родителите доаѓаат со идејата дека детето треба да им се „поправи“ без доволна свесност дека тие треба да променат нешто во семејниот систем и динамика. Кога ќе сфатат што навистина значи терапијата, за жал често се откажуваат.