Разговараше и подготви: АНА ВАСИЛЕВСКА
„Документарните воени филмови ќе останат да сведочат дека луѓето не се само бројки“
Камерата низ очите на Атовска е слободна, наместа и наивна што од една страна спонтано му дава друга димензија на овој воен документарен жанр, и од друга страна го валоризира и креативниот пристап од кој произлегува целовитост на хибриден поетско-воен документарен филм. Филмот ќе биде прикажан денеска во 16.30 часот во рамките на „Синедејс“ во МКЦ.
„Приспивни сирени“, единствениот македонски документарен филм снимен во жариштата на војната во Украина, ќе биде прикажан денеска во 16.30 часот во Младинскиот културен центар во рамките на програмата на фестивалот за европски филм „Синедејс“ кој беше отворен синоќа. Документарниот филм кој е произлезен од храброто соочување „во четири очи со војната“ на Кристина Крис Атовска е несекојдневен траорен пејсаж кој во репортерскиот обид да се отслика вистината влегувајќи директно во прав, пепел и крв, ни отвора сегментарен свет на човечки судбини. Камерата низ очите на Атовска е слободна, наместа и наивна што од една страна спонтано му дава друга димензија на овој воен документарен жанр, и од друга страна го валоризира и креативниот пристап од кој произлегува целовитост на хибриден поетско-воен документарен филм.
„Приспивни песни“ својата светска премиера ја имаше на фестивалот во Палм Бич, Флорида а освои повеќе награди и беше во селекцијата на петнаесетина филмски фестивали. На македонската премиера и претходеше и изложба со фотографии од воена Украина, а истата изложба беше поставена и во македонскиот културно информативен центар во Тирана. Благодарност и признанија за нејзината храброст да го направи овој документарен филм стигнаа и од Украинската амбасада во Скопје, сметајќи го филмот за поддршка кон украинскиот народ.
Воената приказна на на Кристина почнува од Лвив, преку окупиран Киев и битките на житомирскиот автопат, масакрот во Ирпин и Буча, посета на војниците на првата линија на огнот и завршува под непрекинато бомбардираниот Харков. Филмот е испродуциран од Виктор Петрески (In Digital Production) и украинскиот ко-продуцент Олександер Недбаев (Prime Story Production). За филмот музиката ја подготви композиторот и директор на КИЦ Тирана Златко Ориѓански.
Во пресрет на денешната проекција на „Синедејс“, за НОВА, разговаравме со Атовка од мала временска дистанца и денешната перспектива кон „Приспивни песни“.
„Приспивни сирени“ е единствениот документарен филм снимен од македонски новинар во жариштето на војната во Украина. Како денес гледате на овој храбар подвиг, кој беше предизвикот да се документира војната, дали репортерски или пак да се најде извесната филмска поетика во процесот?
Атовска: Предизвикот беше огромен, пред се новинарски, но со оглед на фактот дека новинарството има правила и стандарди кои треба да се следат, знаев дека ќе останам недокажана. Токму затоа, од самиот почеток постоеше намерата за филмско прикажување на војната. Поетиката дојде сама по себе, пред се затоа што се работи за еден многу емотивен приказ. „Приспивни сирени“ не се занимава со политичкиот аспект, туку е филм за цивилите, за нивните чувства, за новата реалност и навиките на кои мора да се приспособат за да преживеат барем уште еден ден во местото кое го сметаат за дом.
Интересна е психологијата во целото тоа емоционално патешествие која преминува од страв и очај кај луѓето кои се движат кон побезбедни места, до ведрина, решителност и неверојатна храброст кај луѓето кои ја донеле одлуката да останат да живеат под дожд од бомби. Заедно со мојот тим, Виктор и Мајда сакавме да го доловиме чувството на невините цивили кои се разбудија со непријателски тенкови во дворот, па затоа на процесот му пристапивме најискрено и без емотивно воздржување.
Може ли да ни откриете некои детали од престојот и снимањето, кои мигови ви оставија најголем впечаток кој ќе останат врежани до крајот на животот?
Атовска: Трите месеци поминати таму ми изгледаа како три години. Премногу работи ми се случија и запознав многу неверојатни луѓе кои секогаш ќе бидат дел од моето сеќавање. За разлика од останатите новинари и документаристи кои работат на терен, јас не бев сместена во хотели и немав организиран безбеден транспорт низ државата, туку живеев и се движев со цивилите и хуманитарците. Секој нареден ден ми изгледаше како нов универзум и мислам дека секоја секунда ќе ја памтам до крајот на животот. Животот под земја во окупиран Киев и животот на 12-ти спрат во константно бомбардираниот Харков, одењето до првата линија на огнот, преспивањето на отворен автопат, грозоморната постапокалиптична слика од Буча… сето тоа се моменти кои се уште ми ги будат истите чувства како да сум таму. Но, исто така никогаш нема да ги заборавам и неверојатните луѓе кои ги сретнав, нивната несебичност, ведрина, истрајност и волја за живот која е помоќна од која било артилерија.
Стигнаа признанија од украинската амбасада, дали сметате дека репортерството единствено може да ни ја даде објективната слика за тоа што се случува за време на оваа ужасна агресија од страна на Русија на европско тло?
Атовска: Како новинар кој веќе десет години се занимава со професионално новинарство, со жалење можам да кажам дека не е возможно да ја добиеме вистинската слика само од новинарските известувања. Пред се, поради едностраноста на оваа војна, неможноста да се пристапи до одредени локации и одредени лица од интерес, а потоа и поради уредувачките политики на глобалните медиуми кои се фокусираат на стории кои со сигурност ќе го привлечат вниманието на јавноста, па премногу често се изоставаат или не оставаат простор за сториите и случувањата кои можат да ни ја дадат поголемата слика. Токму затоа сметам дека филмското документирање е потребно за да се види и она лице на војната кое не го гледаме на телевизија. Новинарските написи ќе останат како дел од историјата која третира факти, датуми и дејствија, но документарните филмови ќе останат да сведочат за тоа дека луѓето не се само бројки.
Кој е Вашиот следен предизвик за филмување?
Атовска: За еден месец излегува и нашиот прв краток игран филм кој го напишавме и снимивме со продуцентот Виктор Петрески, исто со монтажа на Мајда Бошњак Атанасовска. Се работи за филозовски филм кој го носи насловот „Лобус Фронталис“, а главните улоги ги толкуваат: Дениз Абдула, Наталија Теодосиева, Дејан Лилиќ и Ивана Павлаковиќ. Освен што се подготвуваме за претстојната фестивалска сезона, имаме уште едно сценарио за краток игран филм, за кое во моментов се обидуваме да најдеме финансии за негово снимање. Се надевам дека годината ќе ја завршиме со закажан сет.
Превземено од Новатв.мк