На свечено поставување на камен темелникот на делницата Прилеп – Битола, од коридорот 10д, премиерот Димитар Ковачевски истакна дека министерот за транспорт и врски Благој Бочварски од Штип ќе ги гради патиштата што не ги направија досега толку министри по потекло од регионот, вклучувајќи ги Прилеп, Битола и Ресен. На ова место министерот Бочварски, дипломиран инженер архитект, дојде во 2020 година и оттогаш до сега го гледаме насекаде низ државата каде што се гради пат.

Затоа го запрашавме каде во моментот се гради пат, на што ни одговори дека инфраструктурата за Владата на СДСМ е приоритет, за да останеме на европскиот пат.

„Развојот и модернизацијата на патната инфраструктура во државата е врвен приоритет на Владата на Република Северна Македонија. Нашата визија за модерни и безбедни патишта јасно ја дефиниравме и отстапка од тоа нема. Во таа насока, активно и максимално сме посветени на реализација на „Националната Транспортна Стратегија 2018-2030” за изградба на модерна патна инфраструктура“, рече Бочварски и додаде дека патишта активно се градат низ целата држава.

„Силно сме фокусирани на  изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Кога сме веќе на Коридор 8 знаете дека ги започнавме подготвителните работи за изградба на околу 110 километри автопат односно четирите патни правци: автопат Тетово – Гостивар; автопат Гостивар – Букојчани; автопат Требениште – Струга – Ќафасан и автопат Прилеп – Битола на Коридор 10 д. На источниот дел на Коридор 8 завршивме со рехабилитација на  државниот пат од Куманово до Ранковце. Активно го градиме експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка и го прошируваме со уште една лента патниот правец од Крива Паланка до ГП Деве Баир. Со тоа ќе ја заокружиме оската Исток-Запад на ниво на модерен и безбеден Коридор“, истакна Бочварски, но тоа не е се.

„Во моментов се прави рехабилитација на оштетени делови и тоа делницата од Петровец до Катланово и од Неготино до Демир Капија на Кориорот 10“, рече министерот за транспорт и врски.

„Понатаму ги градиме експресните патишта од Градско кон Прилеп, веќе спомнав дека започнаа подготвителните работи за изгрaдба на автопатската делница Прилеп-Битола со што Коридор 10 д го закружувме. Активно работиме на изградба и рехабилитација на голем број регионални и локални патни правци“, истакна Бочварски.

– Колку патна инфраструктура е изградена во Вашиот мандат, каква беше состојбата претходно?

„Постои голем интерес а во исто време и полемики во јавноста по ова прашање и можам да констатирам дека тоа е очекувано, бидејќи ние инвестираме во инфраструктурата, нашите политики се насочени кон создавање на модерна и побезбедна патна мрежа, а тоа е видливо на терен. Во изминатите неколку години изградивме и реконструиравме патишта во должина од над 1.300 километри, што сметам дека е една сериозна бројка која не е за потценување, со оглед на тоа што поминавме низ неколку големи светски кризи, како ковид пандемијата и војната во Украина, кои имаа големо влијание врз градежништвото и врз цените на градежните материјали. Но, сето тоа го надминавме успешно, ниту еден проект не прекина да се реализира и сега ги гледаме резултатите од нашите успешни политики. Ако ме прашате за споредба со мандатот на претходната Влада, можам само да искоментирам дека недоволно се вложуваше во инфраструктурата. Не можам, а да не ги спомнам ниту лошите проекти на делницата Кичево – Охрид, експресниот пат од Градско кон Прилеп што доведоа до состојби да поскапат проектите, да се пролонгира нивната реализација и сето тоа заради катастрофалното менаџирање од  Владата на ВМРО -ДПМНЕ.  Единаесет години наместо инвестиции во инфраструктурата, тие инвестираа во споменици и проекти за кои нема економска исплатливост, нема повратни бенефити за граѓаните и економијата“, рече Бочварски за кого таквите политики се минато и сега како никогаш досега се вложува во патиштата бидејќи на земјава и треба силен прогрес, регионална интеграција и модерна инфрастуктура.

-За сето ова покрај време, што максимално го користите, потребни се и финасиски средства. За колкави инвестиции станува збор досега?

„Во цел овој период сме силно фокусирани на вбризгување на што повеќе финансиски средства за капитални проекти како одговор на глобалната криза, мислам на ковид кризата, сега енергетската криза и воениот конфликт.  Како Влада, сметаме дека само така овозможуваме континуитет на градежништвото, а со тоа и економската активност на компаниите и генерално на цела економија. Инвестицискиот циклус досега бележи над 1 милијарда евра за изградба и реконструкција на патната инфраструктура во државата. Бенефитите се големи, како за државата, за бизнис секторот, така и за граѓаните. Преку изградбата на експресните патишта и реконструкцијата на регионалните патни правци значително го намаливме времетраењето на патување, а ја подигнавме и безбедноста преку елиминирање на црните точки. Регионалното значење е уште поголемо  бидејќи изградбата и модернизацијата на сите овие патишта ни овозможува полесно поврзување со соседите, олеснување и подигнување на квалитетот на патниот транспорт и забрзување на регионалниот економски развој“, одговори Бочварски.

Тој дополни дека покрај модернизација на патната мрежа, инвестирани се и преку 600 милиони евра и во изградба на железница во источниот дел на Коридор 8.

„Веќе ја започнавме изгардбата на две од трите фази од железничкото поврзување со Бугарија. Преку 400 милиони евра инвестиции се планирани  во изградба на магистралните прстени од националната гасоводна мрежа, вложуваме сериозни средства и во развој на комуналната мрежа, така што, ако можам да заклучам државата е едно огромно градилиште“, истакна министерот.

-Покрај автопати на Македонија ѝ требаат и нови или реконструирани регионални и локални патишта. Каде е најкритчна состојбата со патиштата?

„Освен изградбата и реконструкцијата на автопатски и експресни делници, ние работиме и на реконструкција на голем број магистрални, регионални и локални патишта. На Истокот минатата година изградивме и пуштивме во употреба 2 нови експресни патишта, Штип – Радовиш и Штип – Кочани, реконструиран е патот од Кочани до Делчево и до граничниот премин со Бугарија, го реконструиравме патот Куманово – Страцин, градиме нов експресен пат од Ранковце до Крива Паланка, вршиме проширување на делницата до граничниот премин Деве Баир, со што можам да кажам дека Истокот во однос на регионалните правци е затворен, комплетно реконструиран“, рече Бочварски.

На ред е западниот крак.

„Нашиот фокус го префрламе на западниот крак и источниот дел на Коридор 8 и на Коридорот 10-Д, каде можеме да заклучиме дека е потребна силна и неопходна активност во моденизација на овој дел“, посочи министерот за транспорт и истакна дека Министерството дава поддршка и на локалните општини каде што се работи со силно темпо.

„Генерално, инвестираме во сите региони. Исто така, преку Министерството за транспорт и врски даваме силна финаниска поддршка на општините за рехабилитација на локалните патишта, таму работиме со силно темпо, имаме добра соработка со локалните самоуправи и проектот добива на интензитет и веќе резултатите се видливи на терен. Секако, секогаш може повеќе и може подобро, не застануваме овде, ја следиме ситуацијата и локално и регионално, се фокусираме на  националите приоритети но и работиме таму каде што на граѓаните им е најпотребно“, истакна Бочварски.

-Коридорите 8 и 10д им се како “трн во око” на Вашите политички опоненти. Зошто настана толкав револт? Како ќе се развива динамиката при изградбата на овие 110 километри? Што ќе остане за потоа?

„Овие реакции од страна на опозицијата за мене се сосема јасни, како што се јасни и бројките, а тука нема грешка. Оваа Влада, како што веќе споменав, има изградено и реконструирано над 1.300 километри патна инфраструктура низ целата земја, додека претходно за единаесет  години изгради и реконструираше патишта во должина од само 650 километри“, рече Бочварски и за него е јасно зошто е таа нервоза.

„Оваа Влада нема да дозволи блокада на земјата и граѓаните. Резултатите ги гледаат и граѓаните и пораката што сакам да ја упатам е дека доволно време изгубивме во минатото. Нема да дозволиме земјата да стагнира заради политичките апетити на опозицијата.  Како ресорен министер особено сум задоволен што започнавме со изградба на новите 4 автопатски делници на Коридорот 8 и 10-Д, кои значително ќе го подигнат нивото на квалитетот на инфраструктурата во земјата, а тоа е нашата цел, модерна патна инфраструктура, како во земјите од Европската Унија. Тоа е и наша стратешка цел, членството во Европската Унија е наша јасна определба и сакаме да ги постигнеме тие вредности и критериуми“, истакна Бочварски и потсети дека покрај придобивките за безбедноста во сообраќајот и брзината и економичноста од автопатите по изградбата, овој проект значи и нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2% годишно во наредните пет години.

„Поврзувањето што го овозможуваат овие два коридори, значи рамномерен регионален развој, подобрување на економското портфолио на државата и на бизнис климата. Тоа ќе создаде раст на странските инвестиции, побрз трансфер на луѓе и стоки, отворање нови пазари и подобро поврзување со меѓународните и трговски партнери“, рече Бочварски.

„На 22 април годинава означивме почеток на реализација на договорот за изградба на  Коридорот 8, а на 12 мај започнаа подготвителните работи на трасата на автопатот Прилеп – Битола. Според договорот, таму стартувавме со геомеханички истражувања на теренот со што практично и започнува реализацијата на овој проект. Динамиката ја договараме преку ЈП за државни патишта и тимот на инжењери кои работитат заедно со Изведувачот.

Спомнав дека подготвителните работи се започнати, тимови работат на геомеханички истражувања на терен, стандардна процедура кога се работи на изградба на проект во нискоградбата. Очекуваме набрзо да започнат и да проектираат и согласно Законот за градење ќе се запазуваат сите фази на градење.  Разликата е во тоа што, ќе се гради фазно со што ќе добиеме и на време и на квалитет.

Овие автопатишта се национален стратешки интерес, Македонија е централно позиционирана држава на Балканот и со овие автопати таа ќе ја зацементира својата положба како главна крстосница во регионот“, истакна министерот Бочварски.

За овој мандат како министер до 2024 година, Бочварски планира веќе да се вози по автопатот Кичево – Охрид и Градско – Прилеп. Се надева и дека изградбата на новите делници од Коридорите 8 и 10д ќе оди брзо.

„Пред нас имаме уште една долга градежна сезона во која очекувам да работиме максимално како и до сега. Очекувам новите автопатски делници на Коридор 8 и 10 д,  да се градат со брзо темпо бидејќи тука овозможуваме фазна градба, паралелно проектирање и изградба на терен. Исто така ќе започне и градбата на втората фаза од автопатот Скопје-Блаце. Очекувам да возиме по автопатот Кичево – Охрид, по експресните патишта од Градско кон Прилеп и од Ранковце до Крива Паланка. со што еден голем дел од критичните црни точни ќе бидат елиминирани. Очекуваме инвестиции во голем обем, а вие ќе се уверите дека сето ова што го спомнувам добива на силен интензитет на терен. Северна Македонија има само еден пат, а тоа е европскиот и затоа мора европски да се однесуваме и да градиме модерна и просперитетна држава“, порача Бочварски.

Превземено од Бриф.мк