Собранието попладнево не ја прифати иницијативата на Алијанса за Албанците и Алтернатива, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, за отповикување од функцијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. „За“ интерпелацијата гласаа 11 пратеници, 60 „против“, а немаше воздржани. Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не учествуваа во дебатата и не гласаа.
Министерот Спасовски во завршните зборови пред гласањето истакна дека расправата за неговата интерпелација ја смета како висок чин на демократијата.
-И на крајот, посебно упатувам порака до пратениците на парламентарното мнозинство. Кога ќе одлучувате за интерпелацијата да одлучувате по ваша совест врз основа на она што сме го сработиле, на фактите коишто ги презентирав пред сите вас и ако сметате дека тоа не е доволно ве молам да ја поддржите интерпелацијата на Алијанса да ме ослободите од позицијата министер, а доколку не сметате според вашата совет дека ова е исправно тогаш само ќе ви ветам дека и од утре натаму ќе продолжиме уште посилно, уште попосветено да работиме заеднички во интерес, а ве повикувам и вас почитувани пратеници на опозицијата приклучете се заедно да направиме нешто добро за нашата Македонија, нагласи Спасовски во обраќањето.
За да бидете одговорни во политиката, порача, треба да бидете овде, да дебатирате и да ги кажувате аргументирано своите ставови. Тоа, како што рече, не се случи со ВМРО-ДПМНЕ и мене не ме изненадува.
Според него, од оваа дебата можеме да извлечеме многу поуки како да продолжиме подобро во наредниот период, што е тоа што треба заеднички да го преземаме и да видиме каде имаме пропусти во системот.
-Сигурно можеме да констатираме дека владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, на тие криминални структури, на тој режим во 12 години создадоа сериозни проблеми во институциите во општество. И затоа мислам дека и низ оваа дебата имаме една нова перспектива, нова визија за тоа што треба да поправиме. Јас само ќе ве охрабрам сите вас како пратеници – дајте иницијативи, дајте решение на одредени проблеми коишто може да се решат, а за коишто можеби не се отворени прашањата, не било во фокусот на вниманието на сите нас. И тука мислам дека сите заедно добро е кога разговараме да можеме да најдеме и решение за тоа. Мислам дека имаме добар пример во неколку законски текстови за коишто сите заедно решаваме проблеми на граѓаните. Впрочем, тоа е основата и на парламентарната демократија, рече Спасовски.
Иницијаторите на интерпелацијата бараа одговорност од министерот Спасовски за, како што наведоа, бегството на Никола Груевски и Сашо Мијалков, но и за случаите со давањето македонски пасоши на меѓународни криминалци и за лицата со двојни матични броеви.
Пратениците од СДСМ во текот на попладневната дебата истакнаа дека интерпелација е беспредметна и сега не треба да се дискутира за тоа туку, како што велат, да се решаваат важни проблеми на граѓаните.