Нервоза меѓу граѓаните поради долгото чекање за вакцинација или ревакцинација во Поликлиниката „Букурешт“- Скопје. Редот го одржуваа и припадниците на АРМ, кои им помагаа на постарите лица. Но, по 2-3 часовното чекање, граѓаните веќе снемаа трпение, а тоа го искажаа и пред камерата на ТВ21.
Од понеделникот интересот на граѓаните е значително зголемен, но застојот е поради недостигот на кадар, велат од Поликлиниката.
Лекарите не дозволија екипата на ТВ21 да влезе внатре и да го сними процесот на вакцинација. Инаку, од денеска се отворени уште четири нови вакцинални пунктови во главниот град.
-Поради влошувањето на состојбата со Ковид-19, односно рапидниот пораст на новите случаи на заразени со коронавирус, зголемен е и интересот за вакцинирање со анти-ковид вакцини. Поради тоа, отворени се четири нови пункта за вакцинација. Еден од нив е овој на Бит Пазар, еден во Ченто, еден во Драчево и еден во Ѓорче Петров-рече репортерката на ТВ21.
Пред оваа поликлиника немаше долги колони и процесот течеше нормално. Од 8 часот утрово до 12 напладне се имунизирани 150 граѓани.
-Има голем интерес. Досега се вакцинирани 150 пациенти, најмногу со Фајзер и Синовак.
-На која возраст се пациентите најчесто?
-Има и млади, но има и на возраст од 40-50 години.
Од ресорот здравство информираат дека само вчера се имунизирале 15 илјади граѓани, а од почетокот се аплицирани вкупно 998,876 вакцини, а 446.613 граѓани ги примиле двете дози.
Инаку, за в недела е најавен протест против мерките кои ги воведе Владата за заштита од коронавирус, а кои ќе почнат да се спроведуваат од 16 август. Во соопштението за протестот пишува дека е непартиски и дека се поканети сите граѓани.