Институтот за демократија денеска испрати реакција во која бара забрзување на ратификацијата на договорите од Берлински процес кои граѓаните ги оценуваат како многу корисни. Институтот ја повикува Владата договорите што побрзо да ги поднесе во Собранието, а Собранието да изнајде сили што поскоро да ги стави на дневен ред за ратификација, со консензус.

-Поврзувањето на државите од регионот преку соработка е еден од приоритетните патишта кон заеднички напредок и приближување до Европската Унија. Берлинскиот процес е еден од клучните патокази на тој пат. Минатиот ноември, Владата на Република Северна Македонија заедно со Владите на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, и Косово во рамките на самитот на Берлински процес потпишаа три договори за меѓусебно признавање на лични карти, универзитетски дипломи и професионални квалификации, наведуваат од Институтот за демократија.  Речиси пет месеци по нивното потпишување, законите се усвоени само во две земји. Албанија прва ги ратификуваше сите три договори, а во Тирана ќе се одржи и следниот самит на Берлинскиот процес. Сите договори ги ратификуваше и Косово, а со нивната имплементација ќе се укине визниот режим помеѓу граѓаните на Косово и БиХ, единствен помеѓу две земји од Западен Балкан. Во БиХ ратификацијата е во застој поради политичките предизвици и комплицираната процедура за ратификација. Владата на Србија ја одобри ратификацијата на договорите и подготви предлог-закони, кои се уште се во собраниска процедура. Во Црна Гора, Владата ги усвои договорите, но се уште не се влезени во собраниска процедура.-Процесот на ратификација допрва треба да се случи и во Северна Македонија, со што се доведува во прашање нашата посветеност на овој многу важен процес за државата. Оттука, ја повикуваме Владата договорите што побрзо да ги поднесе во Собранието, а Собранието да изнајде сили што поскоро да ги стави на дневен ред за ратификација, со консензус. Посветеноста за подобрување на животот на граѓаните треба да се покаже на дело, особено во процеси кои зависат од владината проактивност и ажурност, се посочува во реакцијата од Институтот за демократија. Дополнително, договорите кои се дел од Берлинскиот процес привлекоа доста внимание и поддршка во јавноста. Најновата анкета на Институт за демократија покажа дека огромно мнозинство (80%) од граѓаните ја гледаат можноста за подолг период на работа во која било земја од Западен Балкан како атрактивна можност. Понатаму, отворањето на границите меѓу земјите на Западен Балкан го сметаат за корисно 85% од испитаниците, додека можноста за користење на сопственото образование во сите земји на Западен Балкан позитивно ја гледаат 84% од граѓаните.  Со оглед на високата поддршка, пратениците треба поактивно да се вклучат во промовирање на придобивките од Берлинскиот процес, но и да спроведуваат континуиран надзор врз степенот на имплементација на заложбите од процесот. Засега, не постојат  воспоставени механизми за надзор за разгледување на дејствијата што ги презема владата и нема регионална поврзаност или платформи за споделување знаење околу истиот.  Од Институтот за демократија наведуваат дека со недоволната вклученост во овој клучен механизам за регионална соработка и развој, пратениците не одговараат на потребите на своите граѓани, иако голем број од граѓаните ги поддржуваат решенијата кои доаѓаат од овој процес. Овие договори се од особено значење во однос на реформската агенда на патот кон ЕУ – пат која ги вклучува иницијативите на Берлинскиот процес како кохезивни процеси, се посочува во соопштението.