Институтот за јавно здравје им препорачува на граѓаните на Берово, Гостивар и на Тетово дека воздухот таму е екстремно лош поради зголемени концентрации на ПM 2,5-честички.
Како многу лош се класифицира воздухот во Струмица, Битола 2, Кичево поради зголемените концентрации на ПM 10-честички, а во Ѓорче Петров поради зголемени концентрации на ПM 2,5-честички. Во Скопје (Лисиче и Центар), Неготино и во Прилеп како лош поради зголемените концентрации на ПM 10-честички, а во Кочани и Гевгелија поради зголемени концентрации на ПM 2,5-честички.
Ова се податоци од Европскиот индекс за квалитет на воздухот (Европска агенција за животна средина – ЕЕА).
Од ИЈЗ предупредуваат дека некои поединци од пошироката јавност може да доживеат здравствени ефекти, а поединци, кои им припаѓаат на чувствителните групи, може да доживеат посериозни здравствени ефекти. Како најчувствителни и под најголем ризик се децата помлади од 5 години, постарите граѓани (особено над 65-годишна возраст), бремените жени, лицата со хронични заболувања (циркулаторни/кардиоваскуларни заболувања), пациентите со астма и ХОББ, дијабетичарите, луѓето што работат на отворено, социјално загрозени категории граѓани и пушачи, чиј ризик од сериозно срцево оптоварување се зголемува меѓу 3 и 4 пати. Оние со веќе постојни респираторни проблеми се изложени на особен ризик.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.