Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денес е во вонредна контрола на работењето на Клиниката за детски болести во Скопје откако во неделата почина седуммесечно бебе. Директорот на ДСЗИ, Кирил Лазов финален резултат од вонредниот надзор најави за утре.

„Во текот на денешниот ден од моја страна беше издаден налог за вонреден инспекциски надзор на Клиниката за детски болести со сознанија за починато седуммесечно бебе кое, по искажување на директорот, било донесено со тешки оштетувања на повеќе органи. По утврдување на фактичката состојба во делот на приемот, во делот на пружање на здравствена заштита како и евидентирање, ние претпоставувам дека во текот на утрешниот ден ќе излеземе со поконкретни финални податоци“, рече директорот Лазов.

Родителите на седуммесечното бебе за медиумите кажаа дека првиот пат  кога побарале помош оти бебето имало црвенило по лицето и нозете, откако им направиле лабораторија и ги прошетале клиниките во „Мајка Тереза“ завршиле на Детската клиника од каде ги одбиле за хоспитализација. Но по два дена се влошила состојбата на бебето, се вратиле на Детската клиника и бебето било хоспитализирано, но за пет дена починало.

Министерството за здравство извести дека бебето починало од сериозен синдром кој зафатил повеќе органи. Телото на бебето е дадено на обдукција.

Ова е последен од низата смртни случаи на Детската клиника за кои ДСЗИ прави вонредни инспекциски надзори. Директорот Лазов вели дека за смртта на петгодишното девојче кое на почетокот на минатиот месец почина на Детска клиника откако беше примено со силна главоболка, Клиниката не ги испочитувала целосно мерките дадени од Инспекторатот.

„Ние по наложените мерки направивме контролен инспекциски надзор. Утврдивме дека делумно е постапено во делот на организацијата како и во делот на времените лиценци и факсимили за специјализантите. Издаден беше платен прекршочен налог, роковите течат, меѓутоа она што можам да го кажам е дека во периодот што следи ние ќе направиме повторно контролен и инспекциски надзор, вонреден, не само на Клиниката за детски болести туку и во моментов се вршат вонредни инспекциски надзори на останатите клиники во кампусот ‘Мајка Тереза’.

Петгодишното девојче почина од мозочен удар по две недели лекување на Детската клиника.