И по повеќе од една година живеење во услови на пандемија, инспекциските служби имаат полни раце работа во однос на контролата за почитување на основните мерки за превенција. Во периодот од 29 март до четврти април годинава седумте инспекциски служби извршиле нешто повеќе од 5200 надзори и контроли во деловни простории и отворени локации каде најчесто се групираат граѓани. Најмногу работа имале пазарните инспектори, кои извршиле четири и пол илјади контроли претежно во угостителски објекти. Утврдени биле 91 неправилности во работењето, а поднесени 34 прекршочни пријави и 43 парични казни а локалите експресно биле затворени.
„Инспекторите секојдневно се на терен и тоа што ни се случува буквално од одредени субјекти од кој комплетната угостителска дејност ги трпи овие последици, буквално сметаме дека тераат инает. Кон таквите немаме милост, и мораме да постапуваме согласно законот и од нова година до сега имаме 78 затворени објекти за непочитување на протоколите“, изјави Стојко Пауновски директор на Пазарен инспекторат.
– Advertisement –
Не само во угостителските објекти, последниов период на социјалните мрежи може да се видат видеа во кои се гледаат големи семејни веселби како свадби или разни забави на отворено, кои се забранети за организирање. Инспекторите се децидни дека нема место во Македонија каде нема да постапат по пријава дека одредена група на граѓани ги прекршува протоколите а со тоа го загрозува животот на останатите граѓани.
Иле Петревски