Здружението Инженери на Република Македонија (ИНРМ) поднесе иницијатива до Уставниот суд со која бара укинување на член 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија и преиспитување на одредени делови од член 185 од новиот Закон за енергетика.

Како што посочуваат од здружението, причината е продолжената пракса на издавање т.н. „паушални фактури за струја“, иако од 29 мај 2025 година законот наложува фактурите да се засноваат исклучиво на реално измерена потрошувачка преку отчитување на броилото.

Во фактурите на ЕВН, велат од ИНРМ, е воведена графа „Начин на кој е прочитано броилото: О = Отчитано; М = Проценета состојба“, што практично овозможува потрошувачите и натаму да добиваат сметки според проценки, наместо според фактичка потрошувачка.

„Ова претставува спротивставување на законот, правна несигурност и ризик граѓаните неправедно да бидат исклучени од мрежата како должници,“ предупредуваат од здружението.

Со овој потег, ИНРМ го смета прашањето за финално поставено пред институциите и бара од Уставниот суд да стави крај на практиката на паушално фактурирање. Како прилог до јавноста и надлежните органи доставен е и линк до целокупниот текст на иницијативата, се наведува во соопштението.