Изминатиот ден донесе неколку дебитантски настапи на Светското првенство во Египет. Еден од нив беше оној на репрезентацијата на ДР Конго која загуби во надигрувањето со Аргентина.

Меѓутоа и покрај поразот, афричката екипа е горда на подвигот и претставувањето на светскиот собир за првпат во својата историја. Играчите на оваа селекција имаат неколку предизвици на овој Мундијал, а еден од нив ја насмеа ракометната јавност.

Многу се пишуваше за „дебелкото“ Тјери Мвумби Готие кој им падна во очи на фановите. На социјалните мрежи се појави интервју во кое репрезентативецот на ДР Конго зборува што сака да направи кога ќе застане наспроти Микел Хансен.

„Се радуваме на ова искуство. Ќе го дадеме максимумот, никогаш не се знае. И нашите противници имаат две раце и нозе.

Наша цел е да се претставиме достојно. Исто така имаме предизвик да го земеме стегачот од главата на Хансен“, се пошегува Готие.

Она што посакуваат од таборот на ДР Конго е да нема никакви последици од коронавирусот. Во втор план доаѓа тактичката подготовка и бодовите на овој турнир во Египет.