Граѓанската иницијатива за референдум за законот за дигитализација на учебниците едногласно беше прифатена од матичните комисии во Собранието. Потписите се уредно собрани, сега на потег е претседателот на Собранието Талат Џафери кој треба да даде зелено светло, за да започнат да се собираат 10.000 потписи.
Претставничката на иницијативата Учебници и настава мора да има, Драгана Спасевска вели дека ја имаат поддршката од повеќето политички партии.
Откако претседателот на Собранието ќе одобри да започне постапката за собирање на 10.000 потписи, родителите за рок од 30 дена ќе треба да ги достават до законодавниот дом, но Драгана Спасевска вели дека се оптимисти дека и за пократок рок ќе бидат собрани. Во меѓувреме вели протестите ќе продолжат.
Реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека тие се за дигитализација, но не за целосно укинување на учебниците како што замислила власта.
– СДСМ исфрлајќи ги учебниците од образованието, не значи реформа, туку талибанизам.Наметнати и вештачки создадени реформи никогаш нема да дадат позитивен резултат. И додека граѓаните собираат потписи за организирање референдум против дигитализација на учебниците, власта си тера по науменото. – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката СДСМ вратија, ВМРО-ДПМНЕ повторно ја манипулира јавноста.
– Денес, кога се воведува нов, модерен и европски концепт на настава, ВМРО-ДПМНЕ блокира, протестира, се затскрива зад наводни граѓански иницијативи со цел реформите во образованието да не бидат донесени.Ова е на директна штета на наставниците, на учениците и нивните родители, на штета на образованието во нашата држава, затоа ВМРО-ДПМНЕ одново ќе биде казнета од граѓаните. – велат од СДСМ.
Според предлог законот за учебници, дигитализацијата треба да започне од следната учебна година за учениците од четврто одделение, а потоа етапно да се воведува и во погорните одделенија. За учениците од прво до трето одделение предвидено е да останат во употреба хартиените учебници.