Во 2022 година, инфлацијата во ЕУ достигна највисоко ниво измерено досега од 9,2%. Во споредба со 2021 година, кога годишната вредност беше 2,9%, стапката на инфлација е зголемена повеќе од тројно, објави Еуростат.
Во споредба со некои од најголемите светски економии, годишната инфлација во САД лани достигна 8,7%, во Јапонија 2,5%, а најниската стапка е забележана во Кина со 2,0%.
Најголем пораст на цените во ЕУ во 2022 година има кај трошоците за домување и храна. Потрошувачките цени за домување, вода, струја, гас и други горива минататата година забележаа досега најголем пораст од 18,0%. Следува транспортот со просечен пораст од 12,1%, а храната и безалкохолните пијалоци поскапеа во просек за 11,9%.
Во Северна Македонија, пак, според податоците на Државниот завод за статистика, инфлацијата во 2022 година изнесувала 14,2 отсто, додека индексот на цените на мало бил зголемен за 12,6 отсто. Најголем раст на индексот на трошоците на животот лани е заблежан кај храната и безалкохолните пијалоци, кои за една година поскапеле за 20,9 отсто.