Вирусот на ова заболување најчесто се пренесува преку плунка и тоа најчесто со бакнување или, пак, преку предмети натопени со заразена плунка, многу поретко преку трансфузија на крв.
Инфективната мононуклеоза, која се нарекува и „болест на бакнувањето“, е заразна болест најчесто предизвикана од Епштајн-Баровиот вирус во околу 90 отсто случаи, или од цитомегаловирусот во 10 отсто случаи. Епштајн-Баровиот вирус е Б лимфотропен херпесвирус (има нагласена склоност кон напаѓање на лимфоцитите). Преку 90 отсто од случаите имаат мирна завршница без компликации.
ШТО ПРЕТСТАВУВА ИНФЕКТИВНА МОНОНУКЛЕОЗА?
– Претставува заразно заболување предизвикано од Епштајн-Баровиот вирус (ЕБВ), кој спаѓа во групата на херпес вируси, кај 90 отсто од случаите, а кај преостанатите 10 отсто предизикувач е цитомегаловирусот (ЦМВ). Најчесто ова заболување кај децата поминува без некоја изразена симптоматологија, додека, пак, кај возрасните е проследено со побурна клиничка слика каде што доминираат три типични симптоми: зголемена телесна температура, зголемени лимфни јазли и воспалено грло. Најчесто се јавува кај лица на возраст од 15 – 25 години и подеднакво ги напаѓа и двата пола. Ова заболување уште е познато и како „болест од бакнување“ поради начинот на пренесување на ова заболување преку плунката.
КАКО СЕ ПРЕНЕСУВА МОНОНУКЛЕОЗАТА?
– Вирусот на ова заболување најчесто се пренесува преку плунка и тоа најчесто со бакнување или, пак, преку предмети натопени со заразена плунка, многу поретко преку трансфузија на крв.
КОЛКАВ Е ПЕРИОДОТ НА ИНКУБАЦИЈА?
– Периодот на инкубација, односно асимптоматскиот период, односно период од заразување до појава на првите симптоми на болеста изнесува 5 – 45 дена. По овој период се појавуваат симптоми на малаксаност, губиток на апетит, студ, а по неколку дена и појава на болка во грлото, фебрилност, односно зголемена температура, како и појава на зголемени лимфни јазли во пределот на вратот.
КАКВА Е КЛИНИЧКАТА СЛИКА КАЈ ИНФЕКТИВНАТА МОНОНУКЛЕОЗА?
– Многу често ова заболување поминува со поблага клиничка слика, со појава на малаксаност, замор, главоболка. Но, честопати заболувањето знае да го натера пациентот да побара лекарска помош, поради појавата на зголемена температура која може да трае и 7-14 дена, болка во грло, отежнато голтање, како и зголемување на лимфните јазли и болка во вратот, главоболка и појава на повраќање. Честопати се појавува и болка во стомакот со појава на спленомегалија и хепатомегалија, односно зголемување на слезината и црниот дроб. Како што напредува болеста така се интензивираат симптомите. Најчесто за 7-10 дена доаѓа до подобрување на состојбата, а повлекувањето на лимфните жлезди се очекува по третата недела од заболувањето. Заморот кај ова заболување е најупорниот симптом кој се задржува најдолго, така што голем број од пациентите со недели можат да чувствуваат слабост, малаксаност и губиток на концентрација.
ДАЛИ ИМА КОМПЛИКАЦИИ КАЈ ОВА ЗАБОЛУВАЊЕ?
– Компликациите кај инфективната мононуклеоза, за среќа, не се чести, но затоа, пак, може да бидат мошне сериозни со појава на тромбоцитопенија, односно намалување на бројот на тромбоцитите, хемолитичка анемија, гранулоцитопенија, како и можна појава на невролошки, срцеви и други компликации. Најчеста компликација на ова заболување е хепатит кој може да се појави кај 90 отсто од пациентите, со појава на зголемени вредности на црнодробните ензими. Трајни и тешки оштетувања на црниот дроб се ретки.
КАКО СЕ ПОСТАВУВА ДИЈАГНОЗАТА?
– Дијагнозата се поставува, освен врз основа на клиничката слика и појава на основната симптоматологија, појава на болка во грлото, температура и зголемени лимфни јазли, и врз основа на лабораториски иследувања. Во лабораторискиот наод кај ова заболување се наоѓа леукоцитоза (зголемен број на белите крвни клетки) со лимфоцитоза, односно зголемување на бројот на лимфоцити, со блага тромбоцитопенија, гранулоцитопенија, можно зголемување на имуноглобулини ИгМ, ИгГ, ИгА, како и зголемување на хепаталните ензими. Епштајн-Баровиот вирус може да се докаже и преку серолошки лабораториски испитувања.
КАКО СЕ ЛЕКУВА ИНФЕКТИВНАТА МОНОНУКЛЕОЗА?
– Лекувањето на ова заболување е симптоматско, со давање антипиретици за намалување на телесната температура, течности како и пастили за намалување на болката во грло. Се препорачува одмор, кој не значи и строго мирување. Доколку се потврди дека се работи и за бактериска инфекција во лекувањето се вклучува и антибиотска терапија, а давањето кортикопрепарати е само кај исклучително тешка клиничка слика, проследена со појава на компликации.
Д-р Слаѓана Ристовска, специјалист педијатар
ПЗУ Д-Р РИСТОВСКА