Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од 18 до 24 ноември и оваа година како и во минатото се приклучува кон глобалната кампања за одбележување на Светската недела за свеста за антибиотиците (World Antibiotic Awareness Week) и Европскиот ден за свеста за антибиотиците (European Antibiotic Awareness Day).

Целта на кампањите, како што појаснуваат, е да се подигне свеста за ризиците по здравјето на луѓето и на животни, но и на животната средина, предизвикани од отпорноста кон антимикробните средства, како и да се промовираат добри практики, со цел, ограничување на појавата и ширењето на отпорни микроорганизми низ целиот свет. Прекумерната или несоодветна употреба може да доведе до појава на отпорни микроорганизми кои не реагираат на антибиотскиот третман, појава која е се почеста последниве децении. Овој феномен, наречен антимикробна отпорност, кој претставува многу сериозна закана за контролата и сузбивањето на болестите ширум светот, е примарна грижа во однос на здравјето на луѓето и животните.

Темата за оваа година е „Дејствувајте сега: Заштитете ја нашата сегашност, обезбедете ја нашата иднина“ (Act Now: Protect Our Present, Secure Our Future). Оваа тема ја нагласува итната потреба од преземање смели, заеднички мерки за справување со антимикробната отпорност.

„Антимикробната отпорност веќе им штети на нашето здравје, прехранбените системи, животната средина и економиите. Таа не е предизвик за иднина. Се случува сега. Инфекциите отпорни на лекови се зголемуваат, но свеста, инвестициите и дејствувањето сè уште не се доволни.

Надоградувајќи се на моментумот од состанокот на високо ниво на Генералното собрание на Обединетите нации во 2024 година за антимикробната отпорност, овој повик за акција ги повикува сите засегнати страни, вклучувајќи ги владите, граѓанското општество, давателите на здравствени услуги, докторите по ветеринарна медицина, земјоделците, актерите во животната средина и јавноста да ги преточат политичките обврски во опипливи, одговорни интервенции што спасуваат живот. За да „ја заштитиме нашата сегашност и да ја обезбедиме нашата иднина“, мора да дадеме приоритет на долгорочните инвестиции и стратешките мерки во секторите за здравје на луѓето, животните и животната средина. Зајакнувањето на надзорот, обезбедувањето еднаков пристап до квалитетни лекови и дијагностика, поттикнувањето на иновациите и градењето отпорни системи бараат долгорочна посветеност и ресурси.

Инвестирањето во акција за антимикробната отпорност е паметен потег за побезбедна и поздрава иднина. Без разлика дали станува збор за администратор на болница кој формира тим за управување со антимикробни средства или за земјоделец кој усвојува одржливи практики за управување со отпад, секоја акција е важна. Без разлика на вашата улога – дали во креирањето на политиките, обезбедувањето грижа, заштитата на екосистемите или подигањето на свеста, „Делувајте сега: Заштитете ја нашата сегашност, обезбедете ја нашата иднина“ е заедничка одговорност. Заедно, можеме да ги одржиме антимикробните средства ефикасни и да изградиме поздрав, поодржлив свет за идните генерации“.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), додаваат од таму, активно работи на справување со овој глобален проблем следејќи ги упатствата на светските и европските надлежни институции. Согласно член 73 од Законот за безбедност на храната, донесени се Програма за антимикробна отпорност за периодот 2022 – 2026 година и Годишен план за мониторинг на антимикробна отпорност, кој се спроведува од 2018 година, која е усогласена со последната легислатива усвоена од страна на Европската Унија во ноември 2020 година – Имплементирачка Одлука на Комисијата (ЕУ) бр. 1729/2020 за следење и известување на антимикробна отпорност кај зоонотски и коменсални бактерии и Одлуката на Комисијата (ЕУ) бр. 1017/2023 за мониторинг на метицилин -резистентен Staphylococcus aureus (MRSA) кај товени свињи. Оваа Одлука се заснова на најновите научни мислења и се однесува на познатите прашања за имплементација и научно одговара и обезбедува континуитет во проценката на идните трендови во антимикробната отпорност. Агенцијата е активен учесник во креирање на Националната стратегија за контрола на антимикробната резистенција со акциски план, како заеднички проект на повеќе надлежни институции во државава. Преку мултисекторската комисија при Министерството за здравство и учество на вработени од Агенцијата во телата на Codex Alimentarius, Светска здравствена организација (WHO) и Европската Агенција за храна (EFSA) активно ги пренесува своите достигнувања на полето на антимикробната отпорност во ветеринарната медицина.

Резултатите од спроведување на Годишниот план за антимикробна отпорност во согласност со Програмата за антимикробна отпорност, како и тековното движење на антимикробната отпорност во изолатите добиени во ветеринарната медицина се објавуваат на веб страната на Агенцијата за храна и ветеринарство (http://fva.gov.mk/mk/antimikrobna-otpornost). Дополнително, податоците се доставуваат и до Европската Агенција за безбедност на храна, која истите ги објавува во Националните извештаи за движењето на зоонозите и антимикробна отпорност, за секоја година поединечно.

Текстот Инфекциите отпорни на лекови се зголемуваат: АХВ се приклучува кон глобалната кампања за одбележување на Светската недела за свеста за антибиотиците е превземен од МАКФАКС.