Дури и најблагата треска може да биде загрижувачка и да нè наведе да се запрашаме дали сме се заразиле со коронавирус.
Зимата е период од годината кога луѓето најчесто страдаат од разни инфекции, но оваа година тоа ни претставува посебен проблем, затоа што дури и најблагата настинка, која некогаш ја игнориравме, може да нè натера да се запрашаме дали, сепак, сме се заразиле со коронавирусот.
Особено збунувачки може да бидат симптомите на инфекција на синусите, затоа што се многу слични со симптомите на ковид-19.
Што е инфекција на синусите?
Синуситис или риносинуситис, попознат како инфекција на синусите, е воспалителна состојба во носната празнина и параназалните синуси, која трае во просек помалку од четири недели. Најчеста причина за инфекција на синусите се вирусите, но риносинуситисот може да биде и бактериски, иако ова е поредок случај. Кај само 0,5 до 2 отсто од инфекциите на синусите, станува збор за бактериска подлога на инфекцијата. Таквата инфекција обично се јавува кога, после вирусната инфекција, бактериите секундарно го инфицираат веќе воспалениот синус, па затоа најчесто станува збор за компликација на вирусната инфекција.
Типични симптоми на инфекција на синусите се:
– затнат нос
– исцедок од носот (обично жолт или зелен)
– болка или непријатност во забите
– болка во лицето или притисок што се интензивира, особено во регијата на лицето во близина на синусите, и тоа кога ќе ја навалите главата напред
– зголемена телесна температура
– замор
– кашлица
– губење или намалување на сетилото за мирис
– притисок во ушите
– тинитус или губење на слухот
– главоболка
– непријатен здив (халитоза)
Да повториме кои се типичните симптоми на ковид-19:
– кашлица
– зголемена телесна температура
– треска
– болки во телото, болки во грбот
– главоболка
– отежнато дишење (краток здив)
– болка во грлото
– пролив
– гадење и/или повраќање
– губење на сетилото за мирис и вкус
– затнат нос
– осип
Кои се клучните разлики помеѓу овие две инфекции?
Кај инфекцијата на синусите, се појавуваат како заштитен знак затнатост на носот и притисок во лицето и/или во увото и многу секрет, но кај инфекцијата на синусите нема да ги имате сите оние други физички симптоми што се вообичаени и чести кај болеста ковид-19, како што се болки во телото, пролив, гадење. повраќање, осип, отежнато дишење и слично. Симптомите на риносинуситисот обично се концентрирани околу горните дишни патишта. Вистина е дека има многу слични симптоми помеѓу двете болести, па веројатно е најбезбедно, сепак, да контактирате со вашиот лекар од примарна здравствена заштита ако имате какви било симптоми. Работите секогаш можат да се искомплицираат, така што не би биле единствените што истовремено имаат и инфекција на синусите и ковид-19, бидејќи двете болести не се исклучуваат меѓусебно, а инфекцијата на синусите е мошне честа појава. Она според што најмногу се разликува ковид-19 од самата инфекција на синусот, се овие системски промени – многу висока телесна температура, треска, голем замор и изразено губење на сетилата за мирис и вкус.
Дали да одите на лекар или не?
Сите стручњаци ќе се согласат дека во случај на какви било сомнителни симптоми, најдобро е да контактирате со вашиот лекар, но тоа не мора да значи дека мора и да одите кај него. Можеби е доволно да му ги опишете симптомите на вашиот лекар преку телефон, но немојте да заборавите дека треба да размислите и за тоа дали можеби сте биле во контакт со заразено лице.