Индонезија оваа недела ќе воведе построги ограничувања со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, изјави денеска претседателот Јоко Видодо, откако зголемениот број на нови случаи на зараза го нарушија здравствениот систем на земјата.
Новите мерки ќе се применуваат од 3 до 20 јули на густо населените острови Јава и Бали, објави ДПА.
Индонезиското медицинско здружение соопшти дека здравствениот систем на островот Јава е речиси пред колапс, а многу болници ги одбиваат пациентите.
– Ситуацијата нè принуди да преземеме построги мерки за да можеме да го спречиме ширењето на Ковид-19, истакна шефот на државата, додавајќи дека деталите ќе бидат објавени во текот на денот.
Новите мерки вклучуваат барање до оние кои работат во несуштински сектори да ги извршуваат своите работни обврски целосно од дома. Училиштата, трговските центри, парковите и центрите за забава ќе се затворат, додека рестораните ќе можат да служат храна само за носење.
Меѓународната федерација на Црвениот крст (IFRC) во вторникот предупреди дека Индонезија е на работ на катастрофа на Ковид-19, поради ширењето на многу заразната делта мутација на коронавирусот во таа земја.