Пишува: СЕФЕР ТАХИРИ

Како известуваа медиумите за неодамнешните инциденти на спортските натпревари во Куманово и Скопje, кои имаат меѓуетничка конотација? Кои беа дискурзивните стратегии што се користеа при известувањето за извиците „клетите Шиптари“ и „за Шиптари гасна комора“ од една страна, и „Голема Албанија“ и „Илирида“ од друга страна? До кој степен придонесоа медиумите за поттикнување меѓуетнички тензии, или пак само ги рефлектираа политичките изјави? Дали имаше обиди за изедначување на двата инцидента? До кој степен беа почитувани професионалните и етичките стандарди, предвидени во Етичкиот кодекс за новинари? Која е поуката од инцидентите?

Кршливоста на меѓуетничките односи во Северна Македонија често се потврдува во општествената реалност, а се рефлектира на пластичен начин и во медиумското известување. Доволна е мала етничка искра е за напнатата политичка и медиумска дебата да се разгори со највисок интензитет.

Ова се случува уште од независноста на Северна Македонија. Медиумите во земјата по 90-тите години покажаа дека поседуваат голема ефективна моќ да ги делат луѓето по етничка основа, поттикнувајќи и охрабрувајќи конфликти. Тие беа полни со содржини, кои се темелеа на пропаганда и говор на омраза кон другите, кои се сметаа за непријатели. Честопати, пишаните и електронските медиуми се натпреваруваа во ширењето негативни стереотипи и во создавањето на најлошата можна слика за оние што се перципираат како „други“.

Овој дискурс на етничка поделба се забележува уште по воведувањето на плурализмот, а кулминираше за време на конфликтот од 2001 година и по него. Говорот на омраза и нетолеранција се детектираше во политичкиот и општествениот дискурс, како одраз на поделбите, бидејќи во Северна Македонија со децении живеат два „паралелни света“ во етничка, културна, јазична или религиозна димензија.

Во програмите на јавниот радиодифузен сервис МРТВ, во весниците, но и во приватните радио и телевизиски станици и онлајн медиумите, се информираше еднострано и не се известуваше на избалансиран начин во етничка смисла. Тие се ставаа во апологетска позиција на етносот, главно на Македонците и Албанците.

24 години по конфликтот, кога земјата ја одбележува и 24-годишнината од Охридскиот договор и 35-годишнината од независноста, иако во една реална оптимистичка перцепција може да се заклучи дека е постигнат мал напредок во медиумското известување за сложениот спектар на етнички прашања, многу проблеми сè уште остануваат поради појавата на две „паралелни реалности“. Односно, и покрај напредокот, иако во помала мера во споредба со периодот од пред 10 години, етничкото ривалство сепак постои.

Објективно, од 2017 до 2024 година имаше релативен мир во албанско-македонските односи, иако концептот или моделот на интеркултурализам, политички познат како „Едно општество за сите“ не успеа, бидејќи не ги даде очекуваните резултати.

Иако нетолеранцијата беше присутна, таа се манифестираше само латентно, додека за неуспехот на интеркултурализмот сведочи  и фактот дека, од аспект на медиумскиот дискурс, сè уште преовладуваат категории кои прават етнички пресеци во општеството како со нож: „ние“ и „тие“, „нашата“ и „нивната“ политика, „нашите“ и „нивните“ херои, „нашата“ и „нивната“ култура и фолклор, „нашата“ и „нивната“ музика, „нашата“ и „нивната“ литература. Во ова етноцентрично спектрирање, не се исклучок ниту новинарството како професија, а ниту медиумите, кои честопати ги зајакнуваат штетните наративи што ги комуницира политиката или други општествени групи, без оглед на тоа дали се маргинални или имаат големо јавно влијание.

Етничкиот паралелизам што постои во општествената реалност, придружен со предрасуди и негативни стереотипи, поради психологијата на толпата, наоѓа полесно поле за дејствување на фудбалските и други спортски стадиони, на кои се скандираат повици со етноцентрични мотиви, но и такви што поттикнуваат презир, понижување, омраза и насилство кон „другиот“. Навивачките групи дури имаат и „воинствени“ имиња – како што се „Комити“, „Балисти“ итн.

Етноцентричните и честопати пежоративни навреди како што се „шиптари“ за Албанците или „каури“ („ѓаури“) за Македонците избувнуваа на детерминиран епизоден начин, за време на разни политички кризи, главно за да го дефокусираат јавното мислење од реалните општествени прашања, особено економските. Во февруари 2011 година, се случи добропознатиот настан на Скопското кале, каде што се судрија навивачите на групите „Комити“ и „Шверцери“, бидејќи групите беа поделени околу изградбата на „црква-музеј“ на локацијата што е културно наследство на Скопје. Примери за стереотипи, говор на омраза и пристрасно известување може да се најдат во многу медиуми, особено за време на изборните кампањи, чија цел е да се зголеми интензитетот на етничката сентименталност, што има изборни ефекти.

Антиалбански скандирања во Куманово: Медиумите на македонски јазик известуваат „пост фестум“

Како потсетник на не толку далечната историја на длабока етничка нетолеранција, во Куманово на 2 август годинава, на кошаркарскиот натпревар помеѓу Северна Македонија и Романија, група навивачи извикуваа слогани полни со омраза. „Нека разберат клетите шиптари, македонско име нема да загине“, „Чиста, чиста Македонија“ – беше рефренот на скандирањата што се слушаше јасно. Исто така, имаше скандирања „ за Шиптари гасна комора“, што е злокобно враќање во 1997 година, кога македонските студенти го скандираа гласно овој слоган со денови за време на протестите против отворањето на Педагошкиот факултет на албански јазик во Скопје, коишто ги водеа сегашни и поранешни експоненти на најголемата владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ. Фактот дека во овој натпревар Албанците не се протагонисти но се сериозно навредувани, е пораз за општеството, политиката, образованието, медиумите и така натаму – сектори кои не направија доволно за да ја искоренат антиалбанската омраза, но и обратно.

Поголемиот дел од медиумите во земјата, во врска со овој настан и слични настани што имаат етничка сензитивност, известуваат врз основа на етно-политичка перспектива. При известувањето, како што беше забележано претходно, се среќаваат две дискурзивни стратегии: стратегијата на „откривање-нагласување“ и онаа на „игнорирање-молчење“ за инцидентите на навивачките трибини и околу нив.

Повеќето медиуми на македонски јазик молчеа и не известија за самиот инцидент во Куманово, додека известувањето се фокусираше повеќе на реакциите по настанот, вклучувајќи ги и постапките на Јавното обвинителство за распит на неколку лица кои скандираа против Албанците. Во „пост-фестум“ извештаите доминираа изјавите на премиерот и други политички лидери, како и други државни и политички функционери, во кои се осудуваа ваквите повици. Многу од медиумските наративи го пропуштија фактот дека повиците беа упатени во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ. Само неколку медиуми го објавија соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права, во кое се наведува дека „Загрижувачки е што ниту еден од овие високи функционери, за време на натпреварот не реагирал по повод навредувачките скандирања“. Во некои медиуми со критички пристап кон власта, изјавата на премиерот дека не ги слушнал скандирањата во спортската сала беше оценета како обид за политички мотивирано оправдување.

Медиумите на албански јазик: Голем простор за озлогласените скандирања

Иако во македонските медиуми не му беше посветено значително внимание на овој настан, албанските медиуми известија во голем обем, а главната поента на нивната уредувачка линија беше дека скандирањата биле антиалбански, расистички и ксенофобични. Уште во самите наслови беше истакнат повикот „ за Шиптари гасна комора“, а воедно се нагласуваше присуството на високи државни функционери, пред чии очи беа извикувани повиците. Доминираа реакциите на албанските политичари, додека во преден план дојде судирот меѓу опозициската партија ДУИ и партиите од владејачката коалиција ВЛЕН, кои се обвинуваа меѓусебно за антиалбанските повици на навивачите. Медиумите со уредувачки политики блиски до коалицијата ВЛЕН, на своите онлајн насловни страници и во главните наслови на телевизија, помпезно известија дека „Едно лице е уапсено за антиалбански повици на натпреварот Северна Македонија – Романија“.

Во емитуваните изјави се забележуваше повикот на функционерите од коалицијата ВЛЕН до институциите, иако самите се дел од власта, да преземат соодветни чекори за да ги пронајдат стротиелите на повиците. Многу малку се известуваше за изјавите на македонските функционери со кои ги осудуваат повиците, бидејќи ова дејство се смета за амнестирачки пристап на македонската политика кон општествената состојба што ги произведува етноцентричните повици.

Двојни стандарди за скандирањата „Голема Албанија“ и „Илирида“

Неколку дена подоцна, на 5 август 2025 година се случи уште еден инцидент, за време на фудбалскиот натпревар помеѓу Шкендија и Карабаг од Азербејџан во Скопјe, како дел од квалификациите за Лигата на шампионите, каде што се скандираше „Голема Албанија“ и „Илирида“. Во најголем дел од медиумите на албански јазик не се извести за ваквите скандирања, туку тие се фокусираа на одлуката за условна казна за Албанец со германско државјанство од Кривичниот суд во Скопјe, која беше донесена по забрзана постапка. Албанските медиуми го нагласија фактот дека казната дојде откако на автомобилот на навивачот се веело знамето „Автохтони“ (на „Голема Албанија“). Врз основа на кривичното дело „Поттикнување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна или верска основа“, Судот пресуди да го протера навивачот од Северна Македонија, забранувајќи му влез во земјата во следните пет години.

Од друга страна, обидувајќи се да воспостават линија на реципроцитет со настанот во Куманово, медиумите на македонски јазик известија нарекувајќи ги скандалозни скандирањата на натпреварот на клубот Шкендија. Во правец на релативизирање на случајот со мразачките скандирања против Албанците, тие го искористија ставот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која изјави: „Сцените од натпреварот Шкендија-Карабах беа реприза на кумановската трагична приказна“. Немаше дискурзивна контекстуализација дека скандирањата со говор на омраза против Албанците не се на исто ниво со етноцентричните и етно-националистичките скандирања за „Голема Албанија“ и „Илирида“ (политичко-територијална автономија на Албанците, за чија организација и спроведување беше одржан референдум во 1992 година, идеја што не стана реалност).

На линија на аргументот дека настаните во Куманово и Скопје не се на исто ниво е и прилогот емитувана на националната ТВ Алсат со наслов „Протерување за знаме, нема казна за говор на омраза!“. Според веста, која беше реемитувана и од други медиуми на албански јазик, „Судот кој со децении не ги казнува говорот на омраза и расистичките антиалбански повици, на забрзан начин осуди граѓанин кој беше фатен како мавта со црвено-црно знаме со картата на „Голема Албанија“ и натписот „Автохтон“. Сепак, властите не беа толку ефикасни во случајот што се случи само пред неколку дена, имено на кошаркарскиот натпревар на 5 август помеѓу Македонија и Романија во Куманово, навивачите во хор скандираа Смрт за Албанците“. Алсат, исто така, имаше критички тон кон тенденцијата на претседателката на земјата, Гордана Сиљановска Давкова, да го изедначи повикот „смрт за Албанците“ со повикот „Илирида“, кој има „политички карактер“.

Исто така, за разлика од известувањето за изјавите на премиерот Мицкоски дека не ги слушнал скандирањата против Албанците за време на натпреварот во Куманово, медиумите на албански јазик многу малку известија за изјавата на претседателот на Собранието, Африм Гаши, дека не ги слушнал скандирањата за „Голема Албанија“ за време на натпреварот во Скопјe. Од друга страна, медиумите на македонски јазик многу посилно и покритички известија за оваа изјава на Гаши.

Заклучоци

Во 1990-тите, по независноста на Северна Македонија, продолжи присуството на поларизирачки медиумски дискурс по етнички линии, што беше продолжение на дискурсот од комунистичкиот период, кој главно беше ориентиран кон Албанците од страна на државните медиуми од тоа време.

Етничките поделби играат голема улога во медиумското известување, додека новинарите и медиумските институции честопати се наоѓаат во деликатна позиција, а нивната општествена улога е ставена на тест. Кога известуваат за чувствителни етнички прашања, новинарите честопати даваат приоритет на припадноста и колективните интереси (честопати недефинирани), пред професионалните стандарди кои бараат објективност, непристрасност, избалансираност, несензиционалност, неупотреба на говор на омраза и други етички стандарди и норми.

Медиумите во многу случаи не ги отсликуваат подеднакво потребите и интересите на етничките колективитети, туку користат различни фаворизирачки дискурси и техники, факт што аргументира дека етничката припадност има важна улога во структурирањето на медиумската содржина во различни жанрови.

Овој вид известување, базиран главно на етноцентрични позиции, значително влијае на создавањето негативни стереотипи за „другиот“.

Медиумите во земјата, кои честопати се продолжена рака на политиката, во своите содржини прикажуваат етноцентричен дискурс, кој во некои случаи го произведуваат самите тие, но најчесто го создаваат политичките партии и државните институции. Новинарите и медиумите често објавуваат изјави од политичари што имаат поларизирачки дискурс без да им дадат контекстуализирачки толкувања, односно без да користат критички и аналитички пристап, и на овој начин честопати служат само како платформи за пренесување на провокативна политичка реторика.

Кога станува збор за известувањето за случувањата на спортските натпревари во Куманово и Скопје, може да се заклучи дека кај новинарите/медиумите доминира пристапот на премолчување на негативните елементи и нагласување на позитивните во однос на етничкиот идентитет на кој припаѓа новинарот, на штета на објективното и неутрално професионално известување, без да се даваат коментари и толкувања.

Стара практика е медиумите, кога се во прашање етничките интереси или кога се допираат етнички прашања, да имаат тенденција да нагласуваат елементи на „виктимизација“, да нагласуваат позитивни димензии и човечки вредности и со наводно професионална вештина на пакување да ги сокријат негативните карактеристики поврзани со етноцентризмот, говорот на омраза, ксенофобијата, предрасудите и стереотипите.

Од анализата на содржината на новинарските текстови, телевизиските прилози или содржините во онлајн медиумите, главно врз основа на наративната структура, се чини дека дел од новинарите/медиумите немаат развиено чувство за совесност и професионална самосвест дека етноцентричното известување, говорот на омраза и ксенофобијата дополнително го продлабочуваат меѓуетничкиот јаз во општеството.

Се забележува употреба на емотивен јазик, кој е во функција на етноцентричната реторичка стратегија, која понекогаш предизвикува и сензационализам, зголемување на тензиите, што предизвикува поделба во општеството и во јавното мислење.

Еден од најголемите професионални предизвици или една од најважните задачи со кои се соочуваат новинарите е да пишуваат за луѓе кои се различни од нив според некои суштински компоненти. Во контекст на известување за „чувствителни“ меѓуетнички прашања, недостатокот на доволна застапеност на извори од две или повеќе страни е особено загрижувачки.

Препораки

Пристапот на новинарите/медиумите, кои известуваат за чувствителни етнички прашања само од перспектива што ги истакнува политичките и идеолошките ставови и светогледи што произлегуваат од етничките агенди, мора да се промени.

При известување за сложени меѓуетнички прашања, треба да се консултираат извори што припаѓаат на колективниот идентитет што е во фокусот на медиумското известување. Ова значи дека треба да се воспостават и одржуваат редовни контакти со претставници и членови на различни групи и заедници. Новинарите треба да се обидат да ги разберат ставовите на другите.

Доколку изворот е од различна етничка и верска припадност, улогата на новинарот е точно да ги пренесе мислите, идеите и ставовите на личностите. Фактите треба постојано да се проверуваат, а особено треба да се внимава кога се работи со несигурни извори на информации или настани што би можеле да предизвикаат криза. Во земја како нашата, каде што социјалните и етничките разлики се големи, тешко е да се постигне остварувањето на овој идеал. Но, не и невозможно.

Доколку новинарите сакаат да создадат доверба во општеството, тогаш тие фундаментално мора да го постигнат она што на прв поглед изгледа невозможно – да го стават своето знаење и професионални практики во функција на промовирање на разбирањето и толеранцијата на различноста.

Треба да се избегнуваат лингвистички конструкции или неправилна употреба на термини што ги навредуваат другите народи. Меѓутоа, доколку новинарот смета дека е потребно да ги пренесе зборовите на луѓе кои се изразуваат на потценувачки начин, тие треба да се користат како цитати или парафрази, но јавноста треба да биде информирана дека овие изрази се штетни, навредливи или претставуваат прекршување на законот.

Треба да се избегнува емоционално пренесување и етикетирање при опишување на случувања што имаат етнички конотации. Особено е важно да не се нагласуваат различностите како нешто лошо.

Треба да се предвидат последиците од известувањето и реакциите на јавноста. За да се направи ова, потребно е добро познавање на контекстот во кој се случуваат нештата, како и податоци за историјата на проблемот, но и за можниот развој на настаните.

Кога се известува за поединци и нивните постапки, без разлика дали се позитивни или негативни, тие треба да се гледаат како индивидуални прашања, а не како нешто што се однесува или припаѓа на целата група на која припаѓаат. Генерализациите што се прават преку стереотипите можат да придонесат за поттикнување силна омраза меѓу луѓето.

 

(Авторот е универзитетски професор од областа на новинарството и јавните комуникации)

Извор: ИМА