Српскиот претседател Александар Вучиќ, од Франција каде што денес ќе има средба со францускиот претседател, Емануел Макрон, ги коментираше вчерашните политички настани на Косово велејќи дека се работи за предизборни провокации, пренесоа српските медиуми.
„Сега владее хистерија околу изборите, бидејќи се очекува победа на коалицијата околу Харадинај“, рече Вучиќ.
Меѓу другото, тој им се заблагодари на косовските Срби за воздржаната реакција при пристигнувањето на албанските политичари на северот во земјата и истакна дека мирот мора да се одржува.
„Дојдовте кај Србите да ги понижите, навредите и да им кажете на Србите дека ова не е ваше, ова е наше. Србите беа воздржани и реакцијата беше вербална, немаше физичко насилство. Им благодарам за нивната воздржаност. Ние мора да ја задржиме стабилноста не затоа што ние сме послаби, туку затоа што мирот и стабилноста ни одговараат подобро, затоа што Србија се движи побрзо од кога било. Ниту регионалните односи, ниту светот не се променија толку брзо“, рече Вучиќ.
Тој на 11-тата средба со неговиот француски колега денес ќе разговара за ситуацијата во Косово, евроинтеграциите на Србија и билатералните односи меѓу двете земји.