Честопати родителите се жалат дека нивните деца имаат чести инфекции и стравуваат да не имаат некаков дефицит во имунолошкиот систем. Многупати се соочуваме со зборовите дека нивните деца имаат слаб имунитет и со прашањето дали треба да земаат препарати за зајакнување на одбранбениот систем.
Прво, сите треба да знаеме дека терминот имунитет е многу опширен.
Слабиот имунитет или имунодефицитот може да биде примарен или секундарен. Исто така, може да се подели на хуморален или клеточен.
Примарниот имунодефицит може да се протолкува и како конгенитален имунодефицит и во него спаѓаат група ретки болести каде што имаме наследен проблем, недостаток на хуморален или клеточен имунитет од аспект на недоволен или неегективен број клетки или имуноглобулини задолжени во одбрана на организмот од надворешни патогени.
Додека кај секундарниот имунодефицит имаме дефицит на одбранбениот систем како последица од малнутриција, имуносупресивна терапија, надворешни токсини, тешка вирусна инфекција како сида каде што имаме стекнат имунодефицит, анемија, хипотироидизам и др.
За да го поедноставиме целиот проблем, заедно со родителите треба да бидеме агилни дека нешто не е во ред со имунитетот на детето.
За да ни биде сликата потранспарентна, во имунологија и во педијатријата се обрнува внимание на 9 знаци:
– Дали има повеќе од 8 инфeкции на увото во тек на една година
– Дали има повеќе од 2 сериозни инфекции на синусите
– Повеќе од 2 белодробни инфекции во година
– Повеќе од 2 месеци е на антибиотска терапија без задоволителен ефект
– Не напредува во тежина
– Чести длабоки кожни инфекции на кожата
– Потреба од парентерална (интравенска) антибиотска терапија за општи инфекции
– Гнојни инфекции во одредени органи како мозок, бубрези, бели дробови, хепар или во коските
– Позитивна фамилијарна анамнеза за имунодефицитарна болест кај другите членови на семејството.