Министерството за здравство информира дека КОВАКС системот преку допис ги соопшти деталите за првата испорака и типот на вакцината која ќе пристигне во нашата земја. Станува збор за вакцината AstraZeneca, од која првата количина за Северна Македонија е планирано да пристигне во март. Од КОВАКС информираат дека за Северна Македонија се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози од оваа вакцина, од кои околу 35% треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината.
Дополнително од КОВАКС информираат дека во првиот бран на достава на вакцината Pfizer BNT162b2 се вклучени само 18 учесници, а не се вклучени земјите кои започнале сопствени програми за вакцинација против Ковид-19. Од КОВАКС механизмот изјавуваат дека во идните фази на дистрибуција дози на Pfizer вакцината може да бидат вклучени и другите учесници во механизмот.
Министерството за здравство, потенцира дека системот е целосно подготвен да ги прими количините на вакцините преку КОВАКС механизмот, но истовремено обезбедува вакцини од други производители и преку други механизми, кои Република Северна Македонија треба да ги добие. За таа цел, вчера во Собранието беа изгласани измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински средства кои се однесуваат на регистрација на вакцините против Ковид-19 во земјата.