Роберт Бош, германски индустријалец, инженер, пронаоѓач, визионер и основач на компанијата Бош (BOSCH), е роден на 23 септември 1861 година во Албек, североисточно од Улм на југот на Германија. Тој беше единаесетто од вкупно дванаесет деца.

Неговите родители биле дел од добростоечката земјоделска класа во регионот. Неговиот татко бил масон. Влијаел на неговите деца да се образуваат и ги поттикнувал да стекнат нови знаења.

Од 1869 до 1876 година, Роберт Бош посетувал средно техничко училиште за прецизна механика во Улм. Следните седум години работел во различни фирми во Германија.

На само 23 години одлучи да го премине Атлантикот и заминал во САД за да работи со Томас Едисон и да студира електротехника. Во тоа време електротехниката беше понапредна во САД отколку во Европа и Бош се надеваше дека ќе може да ги искористи вештините што ги стекнал и да започне добар бизнис во Германија.

Роберт Бош возел велосипед, а денес еден од најпознатите производи на неговата фабрика е електричниот велосипед (е-велосипед).

Презеде храбар ризик

Се вратил во Германија на 15 ноември 1886 година и истата година ја основал својата работилница за прецизна механика и електротехника во Штутгарт. Сепак, првичната еуфорија се претвори во загриженост. Со бавното ширење на електричната енергија во Штутгарт, работилницата за електротехника беше блиску до затворање. Бош беше на работ на банкрот, но со помош на мал број клиенти успеа да ја одржи компанијата во живот.

Една година по формирањето на работилницата, тој направи иновативен напредок на претходно непатентираниот систем на Magneto палење – Magneto, постигнувајќи го својот прв деловен успех. Целта на овој уред е да генерира електрична искра за да ја запали мешавината воздух-гориво во куќиштето на моторот. Magneto реши еден од најголемите технички проблеми со кои се соочија инженерите во раните денови на автомобилската индустрија. Пронајдокот на првата комерцијално исплатлива високонапонска свеќичка како дел од системот за магнетно палење заснован на концептуално решение од инженерот на Bosch Готлоб Хонолд во 1902 година во голема мера го поттикна развојот на моторот со внатрешно согорување.

Пред крајот на 19 век, тој го проширил својот бизнис надвор од Германија

Пред крајот на 19 век, Бош го прошири својот бизнис надвор од Германија. Компанијата основаше продажно место во Велика Британија во 1898 година, а набргу потоа и во други европски земји. Првата продажна канцеларија и првата фабрика во САД беа отворени во 1906 и 1910 година. До 1913 година, компанијата имаше развојни гранки во Америка, Азија, Африка и Австралија, кои сочинуваа 88% од нејзината продажба надвор од Германија. Во брзиот индустриски развој во годините по Првата светска војна, Бош воведе иновации во моторните возила, вклучувајќи ги и дизел моторите со иновативните пумпи за вбризгување гориво кои и ден денеска се познати како бош-пумпи. Во 1920-тите, за време на глобалната економска криза наместо да се пасивизира Бош презеде ригорозна програма за модернизација на неговиот бизнис. Во период од само неколку години, тој успеа да ја трансформира својата компанија од мал снабдувач на делови за автомобили во мултинационална групација за електроника.

Денес, покрај автоделови, оваа компанија произведува и индустриски машини, рачен алат, телевизори, машини за перење и други апарати за домаќинство.

Роберт Бош со своите вработени во Штутгарт во 1935 година

Се грижеше за вработените, ја донираше болницата во Штутгарт

Од самиот почеток, Бош беше многу посветен на промовирање на професионалната обука и усовршување. Тој беше еден од првите индустријалци во Германија кој воведе осумчасовен работен ден, проследен со други социјални бенефиции за соработниците. Исто така, Роберт Бош не сакал да профитира од добиените средства наменети за вооружување во Првата светска војна.

Наместо тоа, тој донираше неколку милиони германски марки во добротворни цели.

Болницата што му ја донирал на градот Штутгарт била отворена во 1940 година. Во дваесеттите години на 20-тиот век и во 30-тите, Роберт Бош бил политички активен. Како либерален бизнисмен, тој раководеше со голем број економски комитети. Тој вложи многу енергија и пари во помирувањето меѓу Германија и Франција. Се надеваше дека помирувањето ќе создаде траен мир во Европа и ќе доведе до создавање на Европската економска област.

Не ги сакаше нацистите, му се спротивстави на Хитлер

За време на Втората светска војна неговата компанија беше принудена прифати договори за производство на оружје, но во исто време, Роберт Бош го поддржал отпорот против Адолф Хитлер и заедно со своите најблиски соработници спасил од депортација во нацистичките прогони голем број свои сограѓани.

Кога го запознал Адолф Хитлер, тој го коментирал со зборовите: „Овој човек сака да биде државник, но не знае што е правда“.

Имал своја фарма и бил страствен ловец

Роберт Бош бил многу заинтересиран за земјоделството. Тој дури поседувал фарма јужно од Минхен и бил страствен ловец.

Во 1937 година, Роберт Бош ја реструктуира својата компанија како приватно акционерско друштво (корпорација). Како една од неговите последни желби во тестамент побарал да биде напишано дека добивката на фирмите ќе оди во добротворни цели. Оваа негова последна волја важи и денес.

Починал на 12 март 1942 година во Штутгарт.

Вака зборуваше Роберт Бош:

– Силните луѓе не треба постојано да се грижат за тоа што мислат луѓето за нив. Таквите луѓе обично имаат високо мислење за себе – доволно високо за да можат да им доверат одговорност на другите, учејќи ги да ја прифатат и користат таа одговорност, инспирирајќи ги да уживаат во нивната работа и успех.

– Според моето искуство, нема ништо полошо за една компанија од желбата да доминира и да остане на врвот, без здрава конкуренција.

– Отсекогаш верував дека е важно правилно да ги плаќате вашите работници и персонал и да ги третирате како рамноправни партнери со еднакви права.

– Луѓето можеби велат дека не сум пронаоѓач. Навистина, јас дури и не се преправам дека сум. Јас сум всушност човек кој успеа – благодарение на упорноста и издржливоста, добриот пример и добриот однос кон колегите, да изгради компанија која има добра репутација ширум светот. Во голема мера, мојот успех го должам на сопствената упорност, која спречи неквалитетните производи да ја напуштат мојата работилница.

– Не давам добри плати затоа што имам многу пари, но имам многу пари затоа што давам добри плати.

Текстот е преземен од порталот Нова економија