Министерот за економија Крешник Бектеши најави корекција на замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот, затоа што лажните фактури што ги прикажувале увозниците пред Царинската управа создале погрешна слика за тоа колку може да поевтинат овие производи кои овој и минатиот месец генерално се увезуваат од Грција, Албанија и Турција.
Бектеши по состанокот со увозниците и на комората, пред медиумите рече дека следната недела ќе има нова одлука објавена во Службен весник со коригирани цени. Очекува таа да биде донесена од вторник.
– Ќе се прават контроли за тоа како е направен увозот за сите увозници за овошје и зелечук за последните месеци. На терен е финансиската полиција и Државниот пазарен инспекторат за да не се направи штета на буџетот и на граѓаните. Давале други фактори во Царина, а со други фактури купувале од регионот. Сакале да избегнат царински давачки, и Царина доби задачи да направи детални контроли за месеци наназад, рече Бектеши.
Министерот рече дека 90 отсто овој период домашниот пазар е зависен од увоз, а од мај се очекува да се намалува зависноста од увозот. При тоа ги потсети увозниците дека даночно затајување на суми над 10.000 евра е кривично дело.
– Колку процентуално е зголемен увозот на одредени производи, толку процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната, наведе тој и додаде дека сепак границите на производите нема да надминат 100 денари.