Министерството за труд нема анализа колку дополнителни средства од буџетот ќе бидат потребни за да може да се исплати највеното продолжено породилно отсуство за плус три месеци. Според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, Фондот за здравствено ќе може да го поднесе товарот бидејќи парите кои што ги добива се од државната каса.

Advertisements

„Финансиските импликации произлегуваат од средства кои што се предвидени во буџетот. Минстерството за труд и социјална политика овие средства ги трансферира до Фондот за здравствено осигурување, значи тоа се средства од централниот буџет, ја правиме финансиската импликација работната група работи“, вели Шахпаска.

Работодавачите апелираат внимателно да се размислува на продожување на отсуството поради недостиг на работна сила.

„Можеме да кажеме баш ни е гајле колку ќе се зголеми, може дупло да ги зголемите месеците на породилно отсуство затоа што друг плаќа, но во суштина не е така затоа што имаме многу редуциран пазар на труд, нема работниците, но треба да размислиме и на кариерата на тие мајки кои ќе се вратат од работа“, рече Ангел Димитров- Организација на работодавачи.

Синдикатите очекуваат нивниот предлог да се преточи во Закон со кој конечно ќе се стави фокусот на семејството.

„Иницијативата која ја дадовме 12 месеци породилното отсуство е во таа насока да обезбедиме што поголемо присуство на мајката и детето, а со ситуации кога од оправдани причини мајката мора да работи или да отсуствува од чувањето на детето тоа да го направи еден од родителите“, изјави Здравко Цветковски-Секретар на Сојуз на синдикати.

Драфт верзија за можно продолжување на породилното отсуство се очекува да се објави во јуни по што ќе следи јавна дебата. Најавено е да се зголеми породилното на 12 месеци од кои пет месеци се предвидени како задолжително отсуство на мајката, а остатокот ќе може да се комбинира со таткото.

Андреа Чобанова