Законите со европско знаменце ги скараа пратениците на власта и опозицијата. На седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на која беше ставен за расправа предлог законот за Академијата на судии и обвинители дојде до жестока кавга уште на самиот почеток кога требаше да биде утврден дневниот ред. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараше образложение зошто и овој закон има европско знаменце, и обвинија дека власта ова го злоупотребува. Овој закон треба да оди по редовна процедура со поширока дебата со стручни лица, а не по скратена постапка, истакна Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со предлог законот не се предвидени податоци за изворните акти на Европската унија во полн назив, број, датум, ниту пак е наведен правниот акт на Европската унија со кој е извршено усогласување. За оваа злоупотреба на СДСМ ќе ги информираме и ОБСЕ и Европската комисија и Американската амбасада и Француската амбасада кои што се финансиери на оваа Академија и се косат со нивните заложби за реформи во правосудниот систем“, вели Ели Панова.
Но од СДСМ велат дека за тој закон од Министерството за правда сметаат дека е усогласување со европската регулатива.
„Имајќи во предвид дека Академијата за судии навистина треба да одговори и да даде исто толку квалитетни судии како што тоа се прави во Европа. Секако дека усогласувањето со европската регулатива повлекува и одредени поврзувања на тој закон со европско знаменце“, посочи Жаклина Лазаревска.
Владата до Собранието испратила 46 закони со европско знаменце, од кои само денеска се пристигнати 12 закони за кои се тврди дека се усогласување со европската регулатива. Меѓу нив се и законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци кој претходно беше поднесен по редовна постапка, за потоа да биде повлечен и поднесен со европско знаменце.