Вечерва во Државната изборна комисија ќе се потврдат кандидатурите за градоначалници, а доколку некој од нив одлучи да се повлече, тоа може да го стори во рок од 48 часа.
Алијанса за Албанците очекува ДУИ да го повлече својот кандидат за општина Брвеница, како што тоа го стори Алијанса во Чашка и Кичево. Лидерот, Зијадин Села, во емисијата „Клик Плус“ рече дека неговата партија попуштила во две општини и дека сега на потег е ДУИ, пренесува ТВ 21.
-Како се договоривте за Чашка, а не се договоривте за Брвеница?
-Но и за таму ние попуштивме. Секаде каде е попуштено, ние попуштивме. Еве ви велам имаат време нека се повлечат, бидејќи двајца кандидати пријавија и во Брвеница, нека ги повлечат и нека не ја загрозуваат општината Брвеница, бидејќи во спротивно ќе се посрамотат.
И првиот човек на Движењето Беса пред четири дена за „Еврозњуз Албанија“ рече дека тие немаат кандидат во Брвеница, со цел да не ја загрозат општината.
-Случајот е сличен и во општина Брвеница тетовско, каде се ризикува општината за првпат да биде раководена од градоначалник Македонец, само поради тоа што политичките партии трчаат да излезат со кандидат-вели Касами.
Се обидовме да ја прашаме ДУИ – дали ќе има некаков договор и дали има шанси да го повлечат нивниот кандидат, но од таму не добивме повратен одговор. Инаку, за Брвеница независна кандидатура поднесе и актуелниот градоначалник Енвер Пајазити. ДУИ ќе истрча со Аркин Јахији, а Арѓенд Гура е кандидатот на коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива. СДСМ ќе настапи со Мирко Стојановски, а ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори за мандат на Јовица Илиевски.