Откако претходно во описот на биографијата на Твитер изјави дека е „техно крал на Тесла“, сега Илон Маск се прогласи за „император на Марс“.
Се разбира, не е јасно за што точно станува збор, освен што тоа целосно се вклопува во неговиот имиџ – не само што е иноватор, туку и човек кој едноставно сака да го забележуваат на социјалните мрежи.
Оваа ставка на Твитер може да биде омаж на филмот од 2015 година „Бесениот Макс: Автопат на бесот“ во кој Шарлиз Терон го толкува ликот на царицата Фуриоса, пренесува Futurism.com.
Во секој случај, аспирациите на Маск да го освои Марс не се тајна.
Во последните неколку години, шефот на компанијата „Спејс Х“ се фокусираше на освојување на оваа планета, поточно, тој е убеден дека еден ден ќе биде можен живот на Марс.
Тој во повеќе наврати предлагаше терформација на Марс, спроведувајќи голема серија термонуклеарни експлозии во одредени делови на планетата.
Според идејата на Маск, ова ќе доведе до испарување на замрзнатиот јаглерод диоксид што ги сочинува ледените капаци на Марсовите полови. Испарениот гас ќе ја направи атмосферата на планетата погуста и ќе предизвика ефект на стаклена градина, што ќе доведе до зголемување на температурата.
Маск исто така верува дека е можно да се погоди Марс со 10.000 ракети со цел да се промени климата на планетата.
Маск објави дека ќе му бидат потребни 20 години и 1.000 вселенски бродови за да направи град на Марс, што е негова долгорочна визија.
Одговарајќи на обожавателите на Твитер, Маск изјави дека „Спејс Х“, според неговите проценки, ќе мора да изгради околу 1.000 вселенски бродови што ќе превезуваат товар, инфраструктура и екипаж на Марс во текот на 20 години, имајќи предвид дека планетарното усогласување дозволува лет само до Марс еднаш на секои две години.
Покрај тоа, овој милијардер сега контролира четвртина од сите активни сателити во орбитата на Земјата. Во последните две години, “Спејс Х” лансираше десетици сателити, а ракетата “Фалкон 9” неодамна испрати уште 60 сателити Старлинк во вселената, од вселенскиот центар НАСА Кенеди во Флорида, со што нивниот вкупен број достигна над 1.000
Планот е да се создаде „соѕвездие“ од 40. 000 сателити што ќе и обезбеди на Земјата брз интернет во сите делови на светот.
Сепак, како што нагласува Футуризам, сè уште е рано Маск да се прогласи за владетел на Марс, бидејќи неговите ракети треба допрва успешно да стигнат до таа планета, ако не експлодираат пред тоа, што често се случува.
Неговата компанија „Boring“ веќе го претстави долго најавуваниот подземен тунел во Лас Вегас, преку кој автомобилите ќе возат со неверојатни 250 километри на час, сепак, јавноста не е многу воодушевена.