Најбогатиот човек на светот Илон Маск „намириса“ нова можност да инвестира во необични производи, па лансираше парфем наречен Burnt Hair. Тој вели дека за само неколку часа биле продадени 10.000 шишиња, а заработката од продадените мириси изнесува милион долари.

„Отпочнувањето на бизнис со парфеми беше неизбежно со оглед на препознатливоста на моето име. Зошто воопшто се борев со тоа толку долго!? напиша Маск на Твитер.

На неговата веб-страница пишува дека шишенце парфем чини сто долари, а до заинтересираните треба да почне да се доставува во првиот квартал на 2023 година.

Претходно лансираше бренд текила и шорцеви

Маск и претходно инвестираше во различни бизниси. Така во 2020 година лансираше премиум текила бренд Тесла по цена од 250 долари (околу 1.600 куни). Шишињата се направени рачно, во форма на гром, а еден купувач може да добие најмногу две шишиња.

Во јули, тој објави кратки црвени сатенски шорцеви, кои се продаваа во ограничена серија, преку веб-продавницата на Тесла. Тие го имаат логото на Tesla на предната страна и натписот S3KY на задната страна и чинат околу 70 долари или 470 куни.

Се продаваат и пламенофрлачи

Неговата компанија Boring, чија последна вредност беше 5,7 милијарди долари, продаде пламенофрлачи по цена од 500 долари по парче на почетокот на 2018 година, со што оствари приход од 10 милиони долари, а во исто време продаде околу 50.000 капи со логото на компанијата.

Амбициите на Маск се движат од колонизација на Марс до создавање нова одржлива енергетска економија. Како дел од тој процес, тој ги крена на нозе компанијата Тесла, ракетната компанија SpaceX и уште неколку помали компании.