Владимир Перев*
Вовед
Илинден дојде и помина, останаа старите страсти, недоречености и недоразбирања, како за неговата суштина и карактер на Востанието, така и за илинденските пораки за иднината. Од Мицковски, којзнае по кој пат разбравме дека, за нас виновни беа оние другите кои ги направија предавствата и злоупотребите, ама во нашата иднина ние ќе “зачекориме достоинствено“ со почитување на нашите права и правата на сите македонци во соседството и светот. До баналност напабирчени туѓи размисли. Председателката пак, нејзината екселенција Силјановска Давкова се претстави со своевиден бисер, нечуен на нашите пространства; таа и српскиот претседател Вучиќ воделе вистинска “скандинавска политика“ на меѓусебно разбирање на Балканот…контролира ли некој дали таа жена, во сериозни години, си ги пие редовно апчињата!?
Сепак, не било секогаш сѐ баш така, како што се велеше на оваа прослава, а и седумдесетина години наназад, на Мечкин камен!
Дејствие прво
На 23 и 24 јуни 1948 година, Окружниот суд во Битола заседава во состав на председател Мане хаџи Пецев…јавниот обвинител Боро Доганџиски и адвокатите Лазар Хаџи Христов, Димитрија Илиевски и Рампо Перев, по делото против обвинетите :
1.Рампо Иванов Топличанец, 2. Миха Димков Јовановски (Кисела), 3. Стефан Димчев Хаџимитревски, 4. Пецо Богоев Велевски-Пената, 5. Боге Апостолов Кебаковски, 6. Спасе Стефанов Самарџиоски, Трајче Ристев Стефановски, 8. Спиро Миланов Тодоровски, 9. Јован Петрев Бабамовски, 10. Ристе Митрев Наумовски-Шереметко, 11. Петар Наумов Упалевски, 12. Милан Павлов Кебаковски, 13. Милан Стефанов Дамчуловски, 14. Борис Илиев Тумановски, 15. Борис Георгиев Стојановски-Макала, 16. Кочо Спиров Димковски, 17. Георги Дамчески Блажев, 18. Милан Илиев Цветановски, 19. Ибраимовски Мусов Шефки, 20. Михаил Адамов Михајловски-Мишко, 21. Ѓорѓи Михаилов Велевски, и 22. Пецо Костов Најденовски…виновни се…
Треба да се каже дека обвинетите се на возраст од 20 до 55 годишна возраст, повеќето се од Прилеп и околните села и повеќето се со познати презимиња и семејни истории низ прилепската чаршија.
…виновни се затоа што: биле верни слуги на окупаторот, заклети непријатели на слободата и исполнувањето на Петогодишниот план, сакале да ја рушат народната власт со формирана терористичка група и со помош на империјалистите и слушале странски непријателски радиостаници. Во дуќанот на обв. Топличанец го читале империјалистичкиот, забранет заради фашистичките позиции весник на МПО во САД “Македонска Трибуна“ и слични обвиненија. Интересно е дека “Главниот штаб“ на оваа група се поврзува со “веќе осудениот терорист Темелко Нешковски“, разбираат дека осудениот терорист Темелко Нешковски е префрлен на Кавадеречкиот терен, согласни се за заеднички дејствија, му даваат 200 динари и му купуваат алишта. Сите заедно винаги имале отрицателен став кон НОБ и биле винаги помагачи на фашистичкиот окупатор.
Долго, широко и конфузно е образложението на пресудата, но казните се драконски:
Рампо Топличанец на 18 години лишение од слобода, конфискација на целиот имот и губење на сите граѓански права освен родителското, Миха Кисела на 20 години и конфискација, Стафан Хаџи Митрев на 18 години, Пеце Богоев Пената на 15, Боге Кебаковски на 12 г. Спасе Самарџиевски на 10 години, Трајче Цветановски на 15 години, Јован Бабановски на 12 години, Петар Упалевски на 14 години, Милан Кебаковски на 8 години, Милан Димчуловски 15 години, Борис Тумановски на 12 години, Борис Макала на 10 години, Кочо Димковски на 10 години, Ѓоре Блажев на 7 години, Петко Цветковски на 14 години, Шефки Ибраимов на 2 години, Михаил Адамов Михаиловски на 9 години, Ѓорѓи Велевски на 4 години, Пецо Најденовски на 6 години,
Сите се осудени да платат по 500 динари како паушал на судот и по 400 динари како хонорар на своите адвокати.
Меѓудејствие
Овој судски процес и овие драконски казни, го стреснуваат Прилеп и привремено го стишуваат целиот револт против насилничките дејствија на комунистичката власт, дејствија на национализации, конфискации на имотите на повидните граѓани, како и одземањето на жетвата и плодовите од селаните во Прилепско, Крушевско и Кавадаречко. Силата си го прави своето. Повеќето од осудените се пуштени од издржување на казната по поминати 2/3 од казната, а некои и по рано. Повеќето од нив остануваат без својот имот. Легендата вели дека по враќањето од затвор, златарот-саатчијата Миха Киселоски, 2-ро обвинет во процесот, извршил самоубиство. Затворскиот живот и малтретирањата имале последици врз сите обвинети.
Интересно е да се напомене дека пресудата е пишувана на лош македонски јазик, полн со српски и бугарски изрази, чисто бугарска синтакса и со бугарска машина за пишување, каде ги нема буквите Ј, Џ, Ќ, Ѓ…на еден ист обвинет, презимето некогаш завршува на ски, некогаш на ов или ев, а некогаш е нејасно дали буквата в треба да стои пред ски…јазик во динамичко формирање.
Интересен е распоредот на “делителите на правда“. Јавен обвинител е некој Боро Доганџиски, родум од Штип, правник од белградскиот правен факултет, кариерата ја завршува како Уставен судија на на СРМ. Судијата Мане Хаџи Пецев станува судија на Врховниот суд на СРМ. Интересни се и адвокатите, но за нив потоа…
Сепак, не биле сите исплашени, ги имало и непомирливи…
Дејствие второ
Дваесетиот обвинет во процесот од 1948 година, Михајло Адамов Михајловски, не може да седи мирен. Веднаш по пуштањето од затворот веќе е во Крушево кај своите роднини и готви втора оперативна група. Затоа,
Окружниот суд во Битола, како кривичен првостепен суд, составен од судијата Сотир Главинчев, како претседател на советот….по предметот КТО бр. 128/59 од 28.11.1959 година, против Мише Каревски, Миле Талевски и Михајло Михајловски, сите од Крушево, за кривично дело Здружување против народот и државата од КЗ чл.117 став 1, виновни се…затоа што.
…тројцата обвинети се удружиле во група во пролета 1958 година во гр. Крушево и се согласиле да вршат кривични дела против народот и државата, со цел по пат на сила да ја одцепат НРМ од ФНРЈ, врбувале нови членови…се осудуваат,
1. Мише Каревски на строг затвор од една година и 6 месеци, 2. Обвинетиот Миле Талевски на казна затор од девет месеци, и 3. Михајло Михајловски со казна затвор од две години и шест месеци (бил порано осудуван за исто дело) …првите двајца да платат паушал од 500 динари, а третообвинетиот Михајловски 8 000 динари.
Тројцата обвинети поднесуваат жалби до Врховниот суд на НРМ, дел од жалбите се уважени, но сите тројца си го одлежуваат поголемиот дел од казната…судот не им поклонува доверие на нивните изјави на оправдание, а нивната дејност се смета за терористичка…
Intermezzo
Овој судски процес е важен по тоа што во него е суден братовиот син на Никола Карев, претседателот на нашата Прва, Крушевска република. Во пресудата и во документите никаде не може да се види тој факт, никаде ни збор за оправдување и милост кон внукот на револуционерот и претседателот. На таква милост не се повикал ниту Мише Каревски, или пак, ако барал, тоа го нема во материјалите. Судењето го води судијата Сотир Главинчев, веројатно еден од потомците на семејството Главинчеви од Охрид…протогеровистот и комунист Лев Главинчев е позната личност во Бугарија. Бил професионален партиски, во името на БКП убиец, ликвидатор на михајловистичкото ВМРО во Софија.
Оваа пресуда и дел од материјалите по овој казус се пишувани на машина за пишување со латинични букви…за јазикот нека кажат тие кои знаат повеќе од мене. Интересното е тоа што судијата Главинчев си го задржува своето презиме, додека обвинетите имаат презимиња на -ски. Да напоменеме, третообвинетиот Михајлов(ски) е роден во Ќустендил, иначе влав од Крушево, кој секогаш бил со презиме Михаилов. Исто така, тој е и подалечен роднина на убиениот од михајловистите, протогеровистот Наум Томалевски, но самиот Михајло Михајлов до крајот на својот живот бил и останал михајловист и антијугословен, нешто како михајловистички сепаратист од ФНРЈ/СФРЈ.
Епилог
Во седумдесетите години од минатиот век на скопското “корзо“ се појави судијата Александар-Ацо Топличанец. Висок и танок, со орловски повиен нос, фрапантно личеше на татко му Рампо Топличанец. Не се запознавме, беше постар од мене петнаесетина години. Го гонела судбината на татковата пресуда. Затоа и не останал во Скопје или Белград, туку заминал на студии во Загреб. Бил прифатен од хрватите, станал партиски член и во времето кога Рампо е во затвор, веројатно и потоа, работел во партискиот комитет на Загребското Свеучилиште…се покажал во борбата против информбирофските елементи на Универзитетот. Покасно дошол на работа во Куманово и Тетово како судија, за конечно да се стабилизира во Скопје. Беше боем и неженет, се ожени покасно.
По осумдесетите години почнав да имам необјасниви проблеми на работа. За некои од нив и сам си бев виновен. Го замолив за помош нашиот семеен пријател Илија Сапунџија, кој тогаш работеше во Владата (социјалистичкиот Извршен совет) на Македонија. Веднаш ме упати на Ацо Топличанец и ми договори средба со него. Тогаш Ацо беше Јавен правобранител на СР Македонија. Се сретнавме тројцата во просториите на Правобранителството, во едно рано октомвриско утро.
Ацо беше љубезен, ме сослуша за моите проблеми, заврте неколку телефони и работите се средија за десетина минути. Тргнав да си одам, Ацо ме запре, ја повика секретарката и дури тогаш нарача кафе и шише коњак, рече дека не е тука за никого и тројцата продолживме со разговори по друга тема. Знаеш, ми вели Ацо, го проучив предметот кога го суделе татко ми и другите, а татко ти им бил бранител. Да знаеш, сите таму лажеле, и обвинетите и адвокатите, веројатно само обвинителот верувал на обвинението. Лажеле и не признавале само за да се спасат. Види ги само адвокатите; Лазар хаџи Христов, правнукот на Хаџи Ристе Логотет, основачот и донаторот на “бугарската“ црква во Прилеп, потоа Илија Илиев(ски), нашиот Крцко (така го викаа прилепчани), потписникот на Меморандумот до друштвото на народите во Женева, заедно со Димитар Шалев и Григор Анастасов, и конечно татко ти, Рампо Перев, бугарски учител и офицер, белградски судија, михајловист и миленик на Владко Мачек и хрватските националисти. Од тројцата, само Рампо по овој процес отиде во затвор. Сите тие ја знаеја ситуацијата, си ја знаеја судбината, ама беа непомирливи. Историјата ни се потсмева, вели Ацо. Јас станав правобранител, синот на Лазо Хаџи Христоски, Владо стана председател на суд во Скопје, ти си во телевизијата, а Илија Сапунџија е во влада…и никому ништо лошо не сме направиле, напротив, се бориме за нашите, да опстоиме. Треба да се држиме како нашите претци. Еве види, сѐ прочитав за судените, ама не разбрав како одржувале врска со Америка и како добивале “Македонска трибуна“ во тоа време! Им завидувам на цврстината и конспирацијата.
СФРЈ пропадна а со тоа и СР Македонија…се видоизменивме како нова и демократска плурална држава. Се отворија и некои нови врски со Бугарија. Многу покасно разбрав дека сопственикот на најсилната новинарска агенција во Бугарија, БГНЕС, Љубчо Нешков е син на “осудениот терорист“ Темелко Нешков. Досието на Темелко е големо колку кутија за чевли на маж со поголем број, ама лесно може да се најде како книга…го издал Љубчо, за да расчисти со проклетстото на темните сили од сопственото и нашето минато.
Останати сме малкумина. Покрај Љубчо Нешков, често се среќавам со Христо, синот на “рецидивистот“ Михајло Адамов Михајлов. Христо Михајлов живее во Прилеп, на Рид и е најсиромашниот и најчесниот човек од сите актери на оваа драмолетка. Никогаш не ги одрекол своите бугарски и влашки етнички корени. Нема бугарски пасош, а неговиот син со уникатно име Асен, веќе четврта година го чека фамозниот бугарски пасош. Бугарија по обичај, спие! Изгледа дека пасошите се резервирани за министрите во македонските влади.
Овој народ веќе го боли главата од лажливите прикаски за Востанието кажани на Мечкин камен или, покасно на Пелинце. Немало никаков Манифест, но имало вистинско братство и единство, борбеност и желба да се направи држава. Подоцна, сето тоа се распаѓа под ударите на југословенството и сѐсрпството како “единствениот“ излез за Македонија.
Нашата земја треба да ги почитува актите на ЕУ, вклучително и Францускиот предлог. Бугарите треба да влезат во Уставот и да започне вистинскиот процес на демократизација и преиспитување на сопствената историја. Дури тогаш ќе имаме “скандинавски“ односи со соседите. Сѐ друго се празни приказни.
Не секогаш крвта на понижените и паднатите бара освета, но секогаш бара признание.
На овој свет нема залудна борба, нема залудни жртви, има само изгубено време! Непомирливи секогаш ќе има!
*Цитираните документи за двата судските процеси можат да се најдат во Архивот на град Прилеп, Фонд “Харалампи Перев“, како и во личната архива на авторот.