Потпретседателот на СДСМ Методија Илиевски денеска на прес-конференција побара итно одржување на лидерска средба на лидерите на сите парламентарни политички партии.

– Како партија која секогаш го ставала интересот на граѓаните и стабилноста на државата на прво место, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија предлага итно одржување на лидерска средба на лидерите на сите парламентарни политички партии. Ова е обврска што ја имаме кон граѓаните – обврска да покажеме дека сме подготвени заеднички да се справиме со сите предизвици и да ја зачуваме нашата држава стабилна и мирна, рфече Илиевски на прес-конференција.

СДСМ, како што кажа, цврсто верува дека дијалогот, разбирањето и заедничката акција се единствениот пат напред.

Лидерската средба е можност да ги обединиме сите политички субјекти околу една јасна и едноставна порака: Македонија останува стабилна и посветена на мирот, соживотот и почитувањето на различностите. Ова е време кога политиката треба да го покаже своето најдобро лице – лице кое обединува, кое создава доверба и кое промовира единство. Граѓаните од нас, политичарите, очекуваат да бидеме пример за смиреност, мудрост и посветеност кон заедничкото добро, рече тој.

Од партијата апелираат до сите граѓани да останат смирени и воздржани, нагласувајќи дека почитувањето на различностите и дијалогот се темелите на нашето заедничко општество.

-Во овој дух, го упатуваме нашиот повик до сите лидери на политичките партии да одговорат позитивно и да се приклучат на оваа иницијатива. Времето бара одговорност, а ние сме подготвени да ја покажеме. Ова не е време за поделби. Заедно сме посилни и само така можеме да се справиме со сите предизвици кои ни стојат на патот, рече Илиевски.