Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ преку социјалните мрежи го прозва министерот за надворешни работи Бујар Османи да реагира кон Бојко Борисов и Слави Трифонов, едниот лидер на ГЕРБ и поранешен премиер на Бугарија, а другиот лидер на „Има таков народ“. Причината е тоа што и двајцата по завршувањето на гласањето во неделата на вонредните избори користат трермини „северномакедонски“ и „северномакедонец“.
-Станавме предмет на подбив и потсмев. Но, уште повеќе загрижувачки, воведуваат навреда и омаловажување во политичката комуникација помеѓу двете држави и двата народи.
Овие две изјави се понижувачки за македонскиот народ, но и за сите граѓани на Република Македонија. Вие имате уставна и законска обврска да се ставите во заштита на своите граѓани.
Не ви посакувам и никогаш не би премолчил вакви навреди на национална основа ниту спрема вас, вашата заедница или било која друга етничка група во Македонија. Веројатно ќе разберете дека Вие сте и повеќе повикан од останатите членови на Вашата Влада да реагирате на вакви навреди.
Дополнително, овие двајца политичари покажуваат јасна и недвосмислена лоша патека за било каква можност за надминување на проблемите помеѓу двете држави, кои за жал ги создаде Владата во која вие членувате овие неколку години, пишува Димовски.