Пејачката и телевизиска водителка Кели Кларксон ја интервјуирала за својата емисија Џил Бајден, првата дама на Америка, на која втор сопруг ѝ е американскиот претседател Џо Бајден. Притоа, Џил ја советувала Кели како полесно да го преброди разводот од сопругот Брендон Блексток, со кого е разделена.
Во исечок од емисијата на Кели Кларксон, која ќе се емитува в четврток, 69-годишната Џил Бајден ѝ вели на 38-годишната водителка дека ѝ се обраќа како мајка на ќерка.
– Мајка ми секогаш ми велеше дека работите утре ќе изгледаат подобро. Ако живеете од ден на ден, работите ќе бидат подобри – ѝ објасни првата дама на водителката, која во јуни минатата година поднесе барање за развод од сопругот Брендон Блексток, со кого беше во брак седум години.
Џил Бајден се развела од првиот сопруг Бил Стивенсон по околу пет години брак, пред да го запознае Џо Бајден, својот иден сопруг и претседател, во 1975 година. Тие се венчале во 1977 година.
– Да не се разведев, никогаш немаше да го запознам Џо. Не би имала толку убаво семејство какво што имам сега, па затоа навистина мислам дека одредени работи се случуваат за да ни биде уште подобро – ѝ рекла Џил на водителката и верува дека со текот на времето и нејзе тоа ќе ѝ се случи.
„Не знам колку време помина Кели, но со текот на времето раните заздравуваат и ќе се изненадиш, а јас одвај чекам и за тебе да пристигне тој ден“, рече Џил Бајден, професорка по британски јазик, која сопругот Џо ја нарече столбот на нивното семејство.
Џил и Џо се запознале откако 78-годишниот американски претседател останал без неговата прва сопруга Нилија и едногодишната ќерка Наоми, кои загинале во сообраќајна несреќа што се случила во 1972 година.
Стивенсон: Џил и Џо се лажговци
Меѓутоа, првиот сопруг на Џил, Бил, изнесе сосема поинакви детали за сегашната прва дама на САД.
– Џо Бајден и неговата сопруга Џил лажат повеќе од 40 години за тоа како ја започнале нивната врска – тие, всушност, имаа афера, што ѝ го расипа првиот брак. А, целата приказна што ја раскажува семејството Бајден за тоа како Џо се вљубил во Џил откако сосема случајно се сретнале е измислена – тврди нејзиниот прв сопруг Бил Стивенсон за „Дејли мејл“.
Сега Стивенсон ќе објави книга за која вели дека ќе открие сè.
– Не сакам никого да повредам. Но, фактите се факти и се случи она што се случи. Луѓето ме прашуваат како можам да се вратам 40 години наназад, но се враќам 72 години наназад за да ја раскажам својата животна приказна. Книгата има околу 300 страници, а Џил зазема само околу 80 – рекол Стивенсон (72) во својот дом во Вилмингтон, Делавер.