Зголемената цена на становите и најавата за дополнителен раст на цените по станбен квадрат е само една од причините што во моментов во Македонија има околу седум илјади новоизградени, а непродадени станови. Алсат го отвора прашањето колку бизнисот со станови може да биде ризичен со оглед на фактот што градежниците за нивните инвестиции подигнуваат високи кредити од комерцијалните банки. Од Народната банка велат дека секако постои ризик, но трендот на лоши кредити од ваков тип засега е во надолна линија.

Advertisements

Во зависност од нивото и структурата на задолженоста кај овие субјекти, евентуалната појава или оддолжување на одредени неповолни движења на пазарот за недвижности може да доведе и до раст на нефункционалните кредити на банките одобрени на овие субјекти. Сепак, засега нивото на нефункционални кредити одобрени во градежништвото бележи надолен тренд – велат од Народна Банка.

Од Македонската банкарска асоцијација не одговорија на прашањето, колку од подигнатите кредити од банките за изградба на станбени згради станале нефункционални, односно градежниците не можеле да ги враќаат.

Од Здружението на градежништво за Алсат велат дека сигурноста на инвестицијата ја потврдуваат токму банките со тоа што одобруваат финансирање со кредит. Во спротивно тие не би финансирале нефункционални кредити. Градежниците велат дека изградбата на еден објект зависи од финансиската конструкција која ја определува инвеститорот.

Во моментот цениме дека продажбата на недвижностите и интересот на граѓаните за купување на станови се големи особено за локациите каде што има најголем број на изградени станови со оглед дека недвижностите се покажаа како „безбедна“ инвестиција во услови на пандемија – велат Здружение на градежништвото при Стопанската комора.

Податоците на Народната банка покажуваат дека во 2019, нивото на нефункционални кредити одобрени во градежништвото бележи тренд од околу 10 отсто, за во 2020 година да падне на околу пет отсто. На крајот на февруари оваа година нивото е спуштено на три отсто.

Иле Петревски