Илјадници приврзаници на Трамп веќе се на улица во Вашингтон
Илјадници луѓе се собраа денеска пред зори во Вашингтон за да му дадат поддршка на претседателот Доналд Трамп и неговите обвинувања за изборни измами во момент кога американскиот Конгрес се подготвува да ги потврди изборните гласови за победата на Џо Бајден на претседателските избори.
Трамп се очекува денеска да им се обрати на своите приврзаници на митингот што ќе се одржи во близина на Белата куќа.
Приврзаниците на Трамп се уште се надеваат дека Конгресот и потпретседателот Мајк Пенс нема да ги потврдат изборните резултати.
Организаторите планираат да се упатат кон зградата на Конгресот попладне по локално време, каде ќе се гласа на заедничката седница на двата дома за да се потврдат резултатите од Изборниот колеџ, кои Трамп продолжува да ги оспорува.
Повеќе истакнати приврзаници на Трамп се очекува да учествуваат во протестите што започнаа вчера со собир во близина на Белата куќа.
Во порака на Твитер, Трамп изрази поддршка за демонстрантите: „Вашингтон е преплавен со луѓе кои не сакаат изборната победа да биде украдена од охрабрени демократи на радикалната левица. Нашата земја има доволно, нема повеќе да страда. Ве слушаме (и ве сакаме) од Овалната соба”, напиша Трамп.
Во синоќешната порака на Твитер, Трамп ги повика демократите и неговите републиканци да видат илјадници луѓе кои пристигнуваат во Вашингтон, а во друга порака предупреди дека антифа, израз за левичарските милитантни групи, треба да остане надвор од Вашингтон.
Поради митинзите, локалните власти и полицијата се подготвуваат за можни улични судири. Многу продавници и бизниси во центарот на Вашингтон ги забарикадираа своите излози од страв дека протестот може да стане исто така насилен, како за време на немирите во мај и јуни кога беа оштетени многу бизниси.
Градоначалничката на Дистриктот Колумбија, Муриел Боусер ги повика припадниците на Националната гарда да и помогнат на градската полиција и ги повика жителите да го избегнуваат центарот на Вашингтон за да избегнат конфронтации. Таа предупреди дека нема да дозволи луѓето „да поттикнуваат насилство, да ги заплашуваат граѓаните и да го уништуваат градот”.
Според резултатите од Изборниот колеџ, кои беа усвоени од тоа тело на 14 декември, беше потврдена предвидената изборна победа на демократскиот кандидат Џо Бајден. Врз основа на тие резултати, новоизбраниот претседател Бајден освои 306 изборни гласови наспроти 232 на Трамп.