Во Србија денеска продолжи вакцинацијата на македонски и странски државјани со вакцини на „АстраЗенека“. За разлика од Белградскиот саем каде беше празно, во Ниш поради големиот број неповикани македонски граѓани се создаде голема турканица.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, на Белградскиот саем, за разлика од вчера, кога беа вакцинирани 5.299 странски државјани, од кои речиси половината беа Македонци, денеска беше празно. Ги немаше вчерашните турканици, а како што изјавија здравствените работници на саемот, бројот на Македонците кои до пладне се вакцинираа изнесувал над 100.

Неколкумината кои МИА ги сретна на саемот без да чекаат ред, а кои дојдоа на закажаниот термин од српската е-управа, беа презадоволни од приемот и самиот процес на вакцинација со бесплатните вакцини на „АстраЗенека“.

Имаше и десетина македонски државјани на кои им беше дозволено да ја примиат вакцината и без потребната пријава и покана и покрај апелот од српската владина Канцеларија за е-Управа, која вчера ги повика граѓаните на соседните земји, меѓу кои и од Северна Македонија, кои немаат закажано термин за вакцинација, да не доаѓаат во Србија, бидејќи нема да бидат вакцинирани.

И покрај апелот на српските власти имаше и други наши граѓани кои без закажан термин се вакцинираа.

За разлика од Белград, во Ниш во халата Чаир за вакцинација пристигнаа околу 2000 македонски државјани. Поради големиот број на нерегистрирани лица за вакцинација настанаа големи турканици и вакцинацијата беше прекината за оние кои немаа покани и закажан термин.

Како што соопштија од Стопанската комора на Србија (ПКС) вработените во повеќе од 1.500 компании од Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Косово за време на викендот добија вакцини против КОВИД 19 во Белград и Ниш.

Од над 1700 пријавени македонски државјани преку ПКС, вакцини примија вработените од компаниите „Алкалоид“, „Тиквеш“, „Македонски Телеком“, „Млекара Битола“, „Македонија турист“, „Стопанска банка“ и „Витаминка“ од Прилеп.