Илјадници луѓе денес излегоа на улиците на Техеран и други ирански градови, одговарајќи на повикот на режимот да се соберат во голем број за традиционалните петочни молитви и протести против Израел.
Демонстрантите мавтаа со знамиња и скандираа антизападни слогани, а многумина носеа фотографии од ирански команданти убиени од почетокот на конфликтот со Израел.
Молитвата во Техеран беше проследена со големи протести во центарот на градот, а државната телевизија прикажа слики од толпата како гази по израелските и американските знамиња. Знамињата на Хезболах, сојузникот на Иран од Либан, исто така се вееја на улиците.
Според снимките од полуофицијалната агенција Тасним, толпата скандираше против Израел и Обединетото Кралство.
Скај њуз, исто така, ја цитира изјавата на жена од Карај, град западно од Техеран, која им рекла на жителите на Тел Авив да „ги подготват ковчезите“.
Слични собири беа одржани и во други градови, вклучувајќи го и Ахваз, каде што имам ги водеше молитвите во воена униформа со пушка во рака.