Додека некои се одлучија продолжениот викенд да го поминат во некои од државите во соседството, некои покрај охридската ривиера, илјадници граѓани од гравниот град, традиционално овој празник го поминаа во скопскиот парк Сарај.

Во изминатитот период интензивно се работеше на неговото средување, вклучувајќи ги новите спортски терени, а сето тоа граѓаните го забележаа и искористија.

За време на пандемијата овој парк беше местотo каде што се организираа детски родендени и други мали забави на отворено, а неретко граѓаните доаѓаа и за време на викенд, чисто да фатат некој зрак сонце или да дишат воздух.

Различни вери, различни националности, сите на едно место, некои да прошетаат, други да си направат пикник, трети да продадат нешто, да се истрчаат, да играат фудбал, или чисто да си поседат во зеленилото на овој парк каде што имаше место за сите.

Jaгоди од околните села, скара од локалните трговци, кафиња и безалкохолни пијалоци и рингишпил традиционално можат да се најдат на овој ден во паркот, како и тоа што ќе си го донесат граѓаните сами од дома.

Во овој парк се доаѓа преку скопската Општина Сарај, но и преку Општина Ѓорче Петров. Се наоѓа помеѓу двете реки Вардар и Треска, или поточно токму тука тие две реки се спојуваат во една.