Европските држави се соочуваат со исклучително сериозен предизвик за тоа како ќе ја дочекаат претстојната зима. Веќе е сосема извесно дека ќе нема доволно гас, кој е основниот енергент не само за индустријата туку и за домаќинствата. Пазарот со енергенти се најде во ваква состојба веднаш по почетокот на конфликтот во Украина и санкциите што кон Русија ги наметнаа повеќето европски земји, во надеж дека тоа ќе ја натера официјална Москва да ги прекине воените дејства. Но, наместо тоа, Русија донесе одлука сериозно да ја ограничи, а некаде и сосема да ја запре испораката на гас и нафта кон Европа. Последиците од ваквиот развој на настаните се несогледливи, бидејќи европските земји едноставно не се во можност за толку краток период да се преориентираат на други извори на снабдување.
– Војната ја предизвика „првата вистинска глобална енергетска криза во историјата“ – вели Фатих Бирол, извршен директор на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
Ваквите сериозни укажувања потекнуваат од фактот што гасот е исклучително важен, особено во земји како Германија, чија тешка индустрија во голема мера зависи од него.
Освен за Летонија, вентилот за рускиот гас веќе е исклучен и за Бугарија, Данска, Финска, Холандија и за Полска. Протокот на гас кон другите во Европа станува сѐ послаб: во јули беше за околу 70 отсто помал од претходната година, објаснуваат експертите за АФП.
Како резултат на таквиот развој на настаните се активира планот што е пропишан доколку дојде до недостиг од одредени енергенти – надлежните за почеток ќе го прекинат снабдувањето на некои компании. Во Франција и во Германија, владите деновиве интензивно ги разгледуваат плановите и распоредите која компанија треба да биде жртвувана како прва.
Во меѓувреме, се прават напори да се најдат алтернативни извори на енергија како што се течен природен гас (ЛНГ) и јаглен, кои, сепак, силно ја загадуваат животната средина. Така, Франција привремено се откажа од затворањето на термоцентралата на јаглен и планира нов терминал за ЛНГ, што е критикувано од еколошки активисти. Терминалот во Ле Авр во Горна Нормандија треба да биде оперативен од септември 2023 година.
Извор: Нова Македонија