Пишува: Љуан ИМЕРИ
Борбата против идеолошки мотивираниот ревизионизам во рамките на историјата добива се поголемо значење особено во време кога историскиот ревизионизам се користи како средство за креирање на атмосфера на продолжен или нов конфликт и како подготовка за некое идно насилство. Укажувањето на крајните последици од ваквиот ревизионизам се смета за важна заедничка задача на историчарите, активистите и новинарите.
Регионот е познат по своето конфликтно минато и многу трагични настани а самото одбележувањето на овие настани, за време или по конфликтот може да пренесе пораки за мир, признавање, помирување и солидарност, но и во многу случаи придонесува кон самовиктимизација и желба за одмазда.
Жртвите на најтешките форми на прекршувања на човековите права редовно повикуваат на правда и на еден облик на сеќавање на нивните страдања: и двете се неопходни и комплементарни, едното не може да го замени другото. Меѓутоа, додека правниот аспект може да попривлечен, меморијализацијата многу поретко се интегрира во пошироки стратегии за градење демократија и постконфликтни транзициски стратегии. За да биде успешна, кривичната и ресторативната правда мора да бидат интегрирани во поголем процес, вклучувајќи ги особено културните права кои можат да помогнат во трансформирање на институциите и да придонесат кон промени и во културните практики и во личните погледи.
Стратегиите на транзициската правда и политиките за помирување морат да ги вклучат и културните права. Овие права бараат политики кои промовираат културна интеракција и разбирање меѓу луѓето и заедниците. Активностите во областа на културата се многу важни за постигнување на севкупните општествени цели за транзициска правда и одржлив мир а обезбедувањето на мултиперспективен пристап кога станува збор за наративите од минатото е клучно.
Државите кои излегуваат од конфликти или периоди на репресија се повеќе се присилени да се ангажираат во активните меморијални политики како еден вид средство за обезбедување признавање на жртвите но и како гаранција за неповторување на трагичното минато. Доколку самата држава не реагира, често се случува поединци или помали засегнати групи преземаат иницијативи и се занимаваат со теми од спектарот на „несакана историја“.
Во „нормални“ услови меморијализацијата би бил процес кој им обезбедува на оние кои се засегнати од прекршување на човековите права простор неопходен за артикулирање на нивните наративи. Но нашиот регион од овој аспект е далеку од „нормален“. Доколку направите една обиколка по земјите на поранешна Југославија, особено во делот од Босна и Херцеговина, преку Србија, Косово и во нашата земја, ќе видите такви културни и симболични пејзажи кои се дизајнирани преку мурали, споменици и музеи, кои истовремено ги рефлектираат и обликуваат социјалните интеракции. Меморијалните изрази се исклучително разновидни. Главните форми вклучуваат автентични локации (на пример логори, поранешни места за тортура и притвор, места на масовни убиства и гробници); симболични локалитети (како што се споменици со имиња на жртви, преименувани улици, музеи); и активности (како што се јавно извинување, привремени изложби). Насекаде ќе најдете многу споменици. А целта на спомениците драматично е променета со текот на времето. Во подалечното минато во регионот спомениците на бојното поле биле намерно изградени од дрво или послаби материјали за да се овозможи ерозија, отворајќи можности за помирување меѓу поранешните непријатели. Во денешно време тенденцијата е да се градат такви споменици кои ќе им пркосат на сите предизвици во наредните милениуми.
Неодамна, заедно се една поголема група на воените ветерани од Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска, и мировни активисти, присуствував на повеќе комеморации на жртвите од војната низ БиХ. Во овој контекст, најинтересно ми беше што од тоа што го видов бев во дилема и не можев да дадам одговор на едно основно прашање кое ми се наметнуваше: Кога треба да започнат процесите на меморијализација и колку долго треба да траат? За некои споменици добив информации дека се изградени веднаш по или дури и за време на војната (не дозволувајќи му на процесот на размислување да дојде до позрела фаза) но исто така бев сведок на ситуации каде отсуството на меморијализација беше причина за дополнително страдање за жртвите и нивните семејства. Во секој случај, и кога државните органи не се подготвени да иницираат процеси на меморијализација, таквите процеси сепак започнуваат, иницирани од граѓанското општество или жртвите, но и од конфликтните страни. Различни групи, вклучувајќи ги и семејствата на жртвите, често создаваат свои споменици, особено во отсуство на иницијативи од државните власти. И поради брзањето и поради емоциите овие групи може да дејствуваат надвор од законот. Како одговор „другата“ заедници создава алтернативни споменици со друг наратив.
Ваквите ситуации може да се гледаат како поттикнување на тензии меѓу заедниците. Често, нелегални споменици се толерираат од властите и општеството, или затоа што иницијативата се гледа како позитивен чекор или затоа што отстранувањето на а споменикот може да ги влоши односите меѓу заедниците. Ризикот е дека таквите споменици може да станат културни и политички симболи кои, наместо да помогнат во помирувањето, може да придонесат кон понатамошни поделби. На пример, во некои локалитети може да се видат мурали и споменици на докажани и осудени воени злосторници.
Во процесите на меморијализација, некои актери може и да профитираат за да ги унапредат своите агенди, некои наметнуваат дефиниции за сторителите и хероите и ги утврдуваат категориите на жртви. Ова често остава некои жртви во сенка.
Како дел од симболичко-културниот пејзаж, спомениците влијаат на перспективите на луѓето и разбирањето на минатите настани, но подеднакво и на современите прашања. Оттука, тие мора да бидат критички оценети. Ова е особено важно кога луѓето, вклучително и децата, живеат под сенката на бројни, повторувачки слики и симболи, како што се мурали и статуи.
Соочувањето со минатото е долг процес. Негирањето може да поттикнува омраза, огорченост и насилство. Непризнавањето на жртвите исто така. Немањето на политики за помирување меѓу групите кои се/биле спротивставени за време на конфликти преку процес на официјално и јавно признавање на извршени злосторства придонесува за продлабочување на јазот. Политики на превенција мораа да постојат, политики на плурализам која признаваа различни перспективи и ги признава злосторствата извршени од сите страни.
Во контекст на соочувањето со минатото, на една од работилниците за време на тренинзите за изградба на мир, кога учесниците се делат во мали групи врз основа на националната припадност: Албанци/ки, Срби/инки, Хрвати/ки, Бошњаци/чки, Македонци/ки… и секоја група треба да ги наброи и запише националните херои на своите заедници (без оглед на тоа дали тие лично ги доживуваат како херои), по завршување со работа, и откако секоја група ги презентира „своите“ херои секогаш се доаѓа до неверојатен резултат. Во најголем дел „нашите“ херои се луѓе кои им предизвикале многу страдања на нашите комшии, припадници на друга етничка заедница. Никогаш не ми стана јасно дали постои некој образец по кој луѓето стануваат национални херои на нашите простори, како се заслужува споменик, но многу ми е јасна врска се овие херои со начинот на кој нашите општества се однесуваат кон минатото а и кон иднината.
По мене вистинските херои се оние луѓе кои одбија да учествуваат при масовни или тешки прекршувања на човековите права, оние кои спротивставија и си помогна едни на други за време на војните. Но и оние луѓе кои по војната си ги согледаа грешките и активно работеа на промовирање на мирот и покрај сите притисоци во нивната средина. Лично запознав неколку од нив. Ги гледав и ги слушав нивните неверојатни приказни. Еден од нив е и Stanislav Stana Krezić кој неодамна почина. Во негова чест накратко ќе споделам: Бил борец на ХВО. Живееше во Мостар. Бил приведен и мачен како воен заробеник. По војната, тој водеше кафеана и ги мразеше оние што беа од другата страна на војната. Тој беше голем човек затоа што си ги призна грешките што ги направил и со сите сили се обидуваше да се промени себеси и светот околу него. Има малку луѓе со таква сила. Тој беше активист на здружението на воени заробеници. Тој беше сведок на судења за воени злосторства. Тој беше страстен застапник на мирот, бестрашно се спротивставуваше на неправдата, без разлика од каде доаѓа.
* За насловната графика за колумната е преземен фрагмент од насловната страница на студијата „Проектот Скопје 2014 – Скици за едно наредно истражување“, која што е исто така авторски труд на авторот на студијата Никос Чаусидис.
Превземено од Рацин.мк