Израелските одбранбени сили (ИДФ) на X објавија дека веруваат оти нападот врз болницата Ал Ахли бил од ракетен бараж истрелан од палестински милитанти.

– Анализата на оперативните системи на ИДФ покажува дека канонада ракети биле истрелани од терористите во Газа, кои минувале во непосредна близина на болницата Ал Ахли во Газа во моментот кога била погодена. Разузнавачките податоци од повеќе извори што ги имаме во наши раце покажуваат дека Исламски џихад е одговорен за неуспешното лансирање ракета што ја погоди болницата во Газа, се вели во соопштението на ИДФ.

Претходно, портпаролот на палестинското Министерство за здравство изјави дека во нападот што ја погоди болницата загинале меѓу 200 и 300 луѓе, но Хамас оттогаш ја зголеми бројката на 500.

– Овој страшен колеж е злосторство на геноцид. Повеќето од жртвите во болницата се раселени семејства, пациенти, деца и жени. Нападот, исто така, ја разоткри американската и западната поддршка за оваа криминална окупација, се вели во објавата на Хамас.

Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус го осуди нападот врз болницата Ал Ахли во Газа.

– Повикуваме на итна заштита на цивилите и здравствена заштита, како и да се укинат наредбите за евакуација, напиша Гебрејесус на Х.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го нарече наводниот напад „последниот пример лишен од најосновните човечки вредности“.

– Напад на болница во која има жени, деца и невини цивили е најновиот пример за нападите на Израел без основни човечки вредности, напиша Ердоган на X.

– Го повикувам целото човештво да преземе акција за да ја спречи невидената бруталност на Израел во Газа, додаде тој.

Шефот на ЕУ, Шарл Мишел, нагласи дека таргетирањето на цивилната инфраструктура во Газа го прекршува меѓународното право.

Шефот на Арапската лига Ахмед Абул Геит ги повика западните лидери „веднаш да ја прекинат оваа трагедија, додавајќи дека „арапските механизми ќе ги документираат овие воени злосторства и криминалците нема да се извлечат со своите постапки“.