Тони ПОПОВСКИ

Во рамката за преговори со Европската Унија и во билатералниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија како и во поврзаните протоколи нема содржина со која експлицитно се бара откажување од македонската национална самобитност, и континуитетот на македонската култура, јазик и етнички идентитет. Поврзано со македонскиот јазик и преговарачката рамка, Бугарија ретерираше од сопствените барања и приложи издвоена – правно необврзувачка изјава на записникот од првата Меѓувладина Конференција. Веднаш потоа се потпиша ФРОНТЕКС на македонски јазик, без фусноти и било какви додавки и објаснувања.

Сепак, овие документи и во контекст на уставните измени, продолжуваат да бидат читани на типичен популистички начин со нагаѓања за нешто имплицитно и опасно во нив, и континуирани – нагласено емоционални политички шпекулации проследени со силна пропаганда особено на партии од крајната десница и левица во двете општества. Оваа пропаганда која ја поткрепуваат и трети – недобронамерни страни, првенствено цели кон постојано легитимирање на потребата од егзистенцијален процес на внатрешна национална консолидација и кохезија, преку отпор кон „непријателот/те“ на нацијата, кои и да ги нема, национал – популистите со несебична помош отстрана ќе ги создадат за да можат да ги соберат придобивките од реализацијата на  фолклорно – патриотските сценарија. Сите оние кои не сакаат да играат улога во овие сценарија, во двете општества се етикетираат како национални предавници.

Овие политички кругови применуваат идентична и успешно тестирана политичка технологија. Кај нас „непријателот“ се Бугарите и се инсистира на наводна закана од бугаризација, а во Бугарија тоа се Македонците и портретирањето на македонизмот како наводно сепаратистички и во основа антибугарски проект. За разлика од Западна Европа, каде овие идентитетски напрегања и предрасуди доведоа до две светски војни, на Балканот очигледно тешко учиме лекции од европската историја. Впрочем имаме и наша – заедничка историја на две балкански војни и крваво распаѓање на Југославија, за да не потсетува на последиците.

Оттаму, може да се констатира дека иако физички не го гледаме, сепак во балканскиот дуќан за порцелан присутен е идентитетски слон со историски докажан потенцијал да го демолира инвентарот и затекнатите дуќанџии во него. Прашањето не е дали можеме туку дали навистина сакаме да го избркаме слонот од дуќанот пред да нанесе непоправлива штета, која треба да ја крпат наредните генерации.

Во моментов значаен дел од Бугарите и бугарските граѓани со двоен бугарско – македонски во географска смисла етнички идентитет, како што го објаснуваат, не прифаќаат постоење на само еден – небугарски етнички идентитет на Македонците. Сметаат дека Македонците се насилно сепарирани и однародени Бугари.

Од друга страна, значаен дел од Македонците во С. Македонија, не прифаќаат дека Македонците може да имаат дуален идентитет, односно и бугарски покрај македонски, сметајќи ги дуалните за асимилирани Бугари, односно однародени Македонци. Овие гледишта придонесуваат за напрегања поради меѓусебно влегување во личниот – интимен простор на себеопределување. Истовремено, оваа состојба не приличи на годината и векот во кој живееме. Трите идентитети, двата динстиктивни и дуалниот,  треба непречено да коегзистираат без да се негираат, особено не од страна на држави кои претендираат дека се европски. Се’ друго е во категорија на недемократски политики на асимилација.

Има истражувачки обиди во Бугарија да се одреди попрецизно бројот на Бугари кои потекнуваат од различни делови на географската област Македонија и најконзервативните проценки се дека се работи за над 1 милион лица. Истовремено според последниот Попис кај нас, од резидентното население како Македонци се определиле 1.07 милиони лица, а како Бугари – 3504 лица. На Пописот во Бугарија кој се преклопи со нашиот Попис, како етнички Македонци се имаат изјаснето 1143 лица. Резултатите од двата пописа се валидизирани од ЕУРОСТАТ, но продолжуваат да бидат оспорувани од национал – популистички кругови во двете држави бидејќи сами по себе јасно укажуваат на цврста консолидација на бугарската и македонската нација во сопствените држави и дека на едно рационално и објективно ниво, стравувањата од наводен сепаратизам и широка асимилација се бесмислени.

Бугарите кои потекнуваат од различни делови на географска Македонија се значаен супстрат во бугарската нација, а истовремено Македонците се мнозинство во нашето мултиетничко општество. Бугарите со македонско потекло се во одлична позиција да изградат мост кон Македонците, односно помеѓу бугарската и македонската нација.  За жал, особено тие се цел на националистичка пропаганда за негирање на македонскиот народ и многумина од нив активно делуваат согласно целите на таа пропаганда. Од наша страна, тезата дека Македонците се Бугари се доживува како закана по идентитетот и директно придонесува за постоење на резерви кон намерите на Бугарите. Во една прилика, реномираниот бугарски режисер Јавор Гардев ќе каже: „Македонците ги плаши нашето непризнавање. И во ова има нешто што ги поткопува сите односи – културни, економски, политички и веројатно лични. Дури и кога – не знам дали забележувате – бугарската држава преку своите главни претставници изјавува дека го признава овој идентитет, како што често го правеше во последно време, тоа сепак не е доволно. Затоа што ние изјавуваме дека го признаваме нивниот идентитет, но преку нашите прашања за историјата го поткопуваме нејзиниот континуитет и проблемот повторно оживува. Па им се чини дека ние го препознаваме и го одземаме во исто време.“

Кога сме до идентитетите, покрај тоа што сме Македонци, а тие се Бугари, или дел од нив имаат дуален идентитет, факт е дека сите сме Европјани, и како такви треба да се однесуваме согласно со европските вредности.  Прифаќање на Македонците како што се себеопределуваат е патот напред во обединување во рамките на ЕУ. Впрочем ЕУ е сојуз на себеопределени европски нации. Погледнато од таа перспектива, неопходно е поредовно комуницирање на европските вредности – оние изворните (на татковците на Унијата), бидејќи во спротивно свесно ја препуштаме јавноста во двете општества на национал – популистичките сценаристи и интерпретатори. Од таа причина, мора низ широка, добро осмислена и системска акција да ги доближиме тие изворни вредности до луѓето, да ги разберат и да живеат со нив.

Нема друг одржлив излез од оваа постојано напрегната состојба, освен да се заложиме сите за поголема толеранција и да гледаме иднина во коегзистирање (во ЕУ) на блиски но сепак засебни нации, чии лидери со својот пример треба да покажат дека е можна продуктивна соработка и пријателство.

Превземено од Рацин.мк